Како „Сто години самотија“ стана класик?

Во 1967 година, „Судамерикана прес“ ја објави „Сто години самотија“, книга напишана од релативно непознатиот писател Габриел Гарсија Маркес. Ниту писателот, ниту издавачот очекувале нешто посебно од книгата. Тие знаеле дека, како што издавачкиот гигант Алфред А. Кнопф еднаш кажал, „многу книги се мртви уште на денот на објавување“. Сосема неочекувано, „Сто години самотија“ се продала во 45 милиони примероци, зацврстувајќи го својот статус како класик, му донела слава на Маркес и го воздигнала како еден од најдобрите писатели на сите времиња.

50 години по објавувањето, привлечно е да се верува дека успехот на книгата бил неизбежен како судбината на семејството Буендија. Низ текот на еден век, нивниот град Макондо претпре природни катастрофи, граѓански војни и магични настани и на крај беше уништен откако последниот Буендија беше роден со свињска опашка, како што беше предвидено во еден ракопис кој семејството со генерации се обидуваше да го дешифрира.

Но, во 60-тите години на 20-ти век, „Сто години самотија“ не беше веднаш препозната како Библијата на стилот кој денес го знаеме како магичен реализам, стил кој претставува фантастични настани како обични настани. Ниту пак критичарите се согласуваа дека приказната е навистина револуционерна. За навистина да можеме да ја цениме долговечноста на книгата, нејзината уметност и глобална резонанца, неопходно е да го истражиме неверојатното слевање на факторите кои помогнале да се надмине тешката издавачка клима и релативната анонимност на писателот во тоа време.

50-years-of-solitude-100-anniversary-gabriel-garcia-marquez-05

Во 1965 година, аргетинската издавачка куќа „Судамерикана прес“ беше водечката издавачка куќа на модерната латиноамериканска литература. Еден од уредниците, во потрага по нови таленти, му се јавил на Маркес и му понудил да издаде некое од неговите дела. Писателот со ентузијазам одговорил дека работи на „многу долга и сложена книга во која ги имам ставено моите најдобри илузии.“ Два и пол месеци пред издавањето на книгата, ентузијазмот на Гарсија се претворил во страв. Откако ја помешал својата аритмија со срцев удар, тој во едно писмо до својот пријател признал дека бил исплашен.

Она што го мачело било судбината на неговата книга: тој знаел дека книгата може да умре со нејзиното објавување. Неговиот страв бил втемелен на суровата реалност на издавачката индустрија за новопечените писатели: лоша продажба. Претходните 4 книги на Маркес вкупно се продале во помалку од 2500 примероци.

Најдоброто нешто што можеше да и се случи на „Сто години самотија“ е да го следи патот на останатите книги објавени во 60-тите години на 20-тиот век, кои биле дел од la nueva novela latinoamericana (новиот латиноамерикански роман). Успехот на новиот латиноамерикански роман тогаш значело дека продажбата на скромното прво издание би се продало во околу 8000 примероци во област во која живеат 250 милиони луѓе.

Добрата регионална продажба би привлекла некоја поистакната издавачка куќа од Шпанија која би ја објавила книгата во Шпанија. Меѓународното признание тогаш би водело кон преводи на англиски, француски, германски и италијански јазик. Да се добиел книжевниот џек-пот во 1967 година, значело и да се добие некоја од престижните шпански книжевни награди како:  Biblioteca Breve, Rómulo Gallegos, Casa de las Américas и Formentor.

onehundredyears-580x220

Ова е патот по кој тргнале новите латиноамерикански книги во 60-тите години на 20-ти век како „Експлозија во катедралата“ од Алехо Карпентиер, „Времето на херојот“ од Марио Варгас, „Куцкамен“ од Хулио Кортасар и „Смртта на Артемие Круз“ од Карлос Фуентес. „Сто години самотија“ ги засени овие дела на повеќе фронтови. Објавена на 44 јазици, останува најпреведувана книга од шпанско говорно подрачје, по „Дон Кихот“, а едно истражување помеѓу меѓународни писатели ја има оценето како книга која најмногу го има обликувано книжевниот свет во последните три декади.

А сепак би било погрешно да и се препише заслуга на „Сто години самотија“ дека започнала книжевна револуција во Латинска Америка и пошироко. „Судамерикана“ ја објавила кога новиот латиноамерикански роман, тогаш веќе популарно нарекуван boom latinoamericano, ја достигнал својата кулминација во светската продажба и влијание. Од 1961 година натаму, како повторно оживеан Хомер, речиси слепиот аргентински писател Хорхе Луис Борхес патувал низ светот како книжевна ѕвезда. Следејќи ги неговите стапки, ѕвезди во подем биле и Хозе Доносо, Кортасар, Варгас Љоса и Фуентес.

Меѓународниот успех на латиноамериканскиот бум се случи кога Нобеловата награда за литература во 1967 година му беше доделена на Мигел Анхел Астуријас. „Сто години самотија“ не можеше да биде издадена во подобра година за новиот латиноамерикански роман. Дотогаш, Маркес и неговите дела биле речиси невидливи.

Во декадите пред да го достигне својот зенит, новиот латиноамерикански роман се борел за внимание заедно со останатите книжевни трендови во регионот, Шпанија и низ целиот свет. Главната конкуренција во Латинска Америка бил правецот indigenismo, кој сакал да им даде глас на домородците и била поддржана од многу писатели од 20-тите години на 20-ти век па натаму, вклучувајќи го младиот Аструријас и Хозе Мариа Аргуедас, кој пишувал и на шпански јазик и на Куечуа, домороден јазик.

img-20160428-wa0015

За време на 50-тите и 60-тите години на 20-тиот век, писателите во Шпанија го прифатиле социјалниот реализам, правец кој е одбележан со кратки приказни за трагични ликови кои се на милост и немилост на тешките социјални услови. Камило Хозе Села и Мигел Делибес се главните претставници на овој правец. Латиноамериканците кои сакале книжевна кариера во Шпанија морале да се прилагодат на овој книжевен правец. Еден пример е и младиот Варгас Љоса кој живеел во Мадрид и таму првпат почнал да пишува социјал-реалистични кратки приказни.

На меѓнародно ниво, латиноамериканските писатели се натпреверувале со францускиот nouveau roman или „новиот роман“. Поддржувачите, вклучувајќи го и Жан-Пол Сартр, го нарекувале „анти-романот“. За нив, целта на книжевноста не била наративното раскажување, туку таа служи како лабораторија за стилистички експерименти. Најневеројатен експеримент од сите бил романот „Празнина“ од Џорџ Перек, објавен во 1969 година. Овој роман бил напишан без воопшто да се искористи буквата „е“, која е најчесто користена во францускиот јазик.

Во 1967 година, книжевниот пазар изгледа дека конечно беше подготвен за „Сто години самотија“. Дотогаш, популарните латиноамерикански писатели се уморија од  indigenismo, стил кој според Кортасар бил употребуван од „провинцијалци водени од народното покорување“. Помладата генерација писатели од Шпанија ги омаловажувале приказните во социјал-реалистичните книги како предвидливи и технички неоригинални. А во Франција, писателите во подем (како Мишел Турнер со неговата книга „Вендреди“ од 1967 година“) повикувале на враќање кон наративното раскажување, бидејќи избледела привлечноста на  noveau roman.

50-years-of-solitude-100-anniversary-gabriel-garcia-marquez

Помеѓу 1967 и 1969 година, критичарите  дебатирале околу тоа дека „Сто години самотија“ ги надминала ограничувањата на овие стилови. Спротивно на локализмот на indigenismo, критичарите ја гледале „Сто години самотија“ како космополитска приказна, приказна која, според латиноамериканскиот книжевен критичар Анхел Рама, би го „поправила патот на модерниот роман“. Според шпанскиот писател Луис Искеридо, наспроти содржајниот јазик на социјалниот реализам, прозата на Маркес беше „атмосферски прочистувач“, полна со поетски и екстравагантен јазик.

И наспроти формалните експерименти на „nouveau roman“, каталонскиот поет Пере Гимферер објаснил дека книгата на Маркес се вратила кон „наративот на фантазијата“. Откако книгата била преведена на некои од пораспространетите јазици, меѓународните критичари се согласиле со овој заклчок. Италијанската писателка Наталија Гинзбург рекла дека „Сто години самотија“ е „жив роман“ и дека ги смирил сите модерни стравови дека овој правец е во криза.

А сепак, истите овие, но и други критичари истакнале дека „Сто години самотија“ не е револуционерно дело, туку анахронистичко и традиционалистичко, чија почетна реченица е многу слична на „Си беше еднаш“ формулата од старите народни приказни. И наместо сериозен роман, еден анонимен критичар во „Тајмс Литерари Суплемент“ во 1967 година го нарекол „комично ремек-дело“.

Раните ставови за оваа книга биле навистина различни од оние кои следеле. Во 1989 година, Харолд Блум, книжевен академик од Јејл, ја нарекол оваа книга „новиот „Дон Кихот““, а писателот Франсин Просе во 2013 година признал дека поради „Сто години самотија“ се откажал од Харвард.

img_4739

Денешните академици, критичари и читателската публика во глобала, генерално ја воздигнуваат книгата како „најдобриот израз на магичен реализам.“ До 1995 година, магичниот реализам си го нашол својот пат во делата на некои од тогашните најдобри писатели од англиско говорно подрачје како Џон Апдајк и Салман Ружди, а Мичико Какутани, книжевниот критичар на „Њујорк Тајмс“ рекол дека магичниот реализам е „неразделен и неизбежен дел од човековото постоење.“

Но, во 1967 година, поимот „магичен реализам“ бил непознат, дури и во академските кругови. За време на првата декада откако „Сто години самотија“ била објавена, со цел да му се даде смисла на ова „дело кое е невозможно да се класифицира“, читателите биле наклонети да велат дека е микс од „фантазија и реалност“, „реалистична книга полна со имагинација“, „интересен случај на митски реализам, „надреализам“ или како што еден критичар за „Ле Монд“ ја нарекол: „величествената симболика“

Иако сега се гледа како приказна со која се поврзуваат читателите ширум светот, „Сто години самотија“ оригинално била сфатена како приказна за Латинска Америка. Роберт Киели, харвардскиот академик, во својот осврт на книгата за „Њујорк Тајмс“ оваа книга ја нарекол „латиноамериканската генеза“. Низ текот на годините, книгата според Апдајк си добила „сопствена текстура“ и повеќе не била само приказна за Латинска Америка, туку повеќе била приказна за човештвото во глобала.

Вилијам Кенеди напишал за „Нешнл Обзервер“ дека се работи за „првото книжевно дело после Стариот Завет која треба да биде задолжително четиво за целиот човечки род.“

Извор.

Leave a comment