Зошто уметноста и литературата се неопходни за демократијата?

Многу често се зборува за тоа дека книжевноста и уметноста се исклучително важни за демократијата, бидејќи преку нив се остварува едно од најважните човекови права: слободата на говор. Преку книгите и уметноста се критикуваат системи, се дискутира за промени во системот и затоа често низ историјата уметниците и писателите биле прогонувани.

На интернет најдов една многу интересна статија напишана од Мигел Сујуко, професор на „Универзитетот од Њујорк“ во Абу Даби, која покренува неколку интересни прашања на оваа тема. Во продолжение прочитајте ја колумната на македонски јазик, а на крајот од текстот има линк кој ве води до оригиналната статија.

Taksim Square Book Club
(Извор на сликата)

Зошто сме тука? Зошто постојам? Која е поентата на оваа работа наречена живот? За уметниците, чија главна цел е создавањето, овие големи прашања длабоко се чувствуваат: човековата состојба е нашaтa акциja на берзата, дури и ако е неверојатно привилегирано да се гледа како професија. Додека милиони се мачат да сврзат крај со крај, ние се мачиме да создадеме уметност. Ова е причината поради која секој сериозен уметник во одреден момент се прашува себеси: Дали ова што го правам е корисно и релевантно за некого или е едноставно само луксуз?

Како креативен писател и професор, јас постојано се мачам со ова. Убавината, идентитетот, дискурсот, документацијата, егзалтацијата, па дури и самото откривање на смрдеата се поволни за човештвото. Но, со алармантните климатски промени и милионите луѓе погодени од војните и кои немаат каде да одат, како и нашите лидери кои се почесто ја оправдуваат злоупотребата на моќ, лесно е да се сомневаме во вредноста на раскажување приказни или создавање скулптури. На крајот на краиштата, што може сликата да му даде на народот? Како може писателот да му се спротистави на претседателот?

Откривањето поголеми вистини

Одговорот можеби лежи во самата уметност. Успехот на еден човек го покажува потенцијалот на сите останати. Ако се сеќавате, во 2003 година, кога Колин Пауел, државниот секретар на САД, требаше да достави декларација за војна против Ирак до Обединетите нации, таписеријата на којашто беше прикажана „Герника“ на Пабло Пикасо беше покриена. Беше кажано дека сликата на фашистичкото бомбардирање врз цивили било пресрамно за соочување. Како можеме да дискутираме за неповикана војна пред едно од најголемите историски прекорувања на војната?

Но, деталите сепак се подосадни и пообични. Камерманите едноставно се грижеле за тоа како позадината на таписеријата ќе изгледа зад говорниците. И бројот на новинари кои присуствувале на прес-конференцијата се потеле, барајќи поголема просторија подолу во ходникот.

Според сведоштвата, овие факти се причината поради која „Герника“ била „цензурирана“ на одреден начин. Сепак, самото покривање, од која и да било причина, откри многу поголема вистина која одекна во светот. Имплицитната иронија стана експлицитен коментар. Пикасо ја прикажал својата слика во 1937 година, а сепак 66 години подоцна, 36 години по неговата смрт, уметникот сѐ уште ни зборуваше.

picasso_guernica

Се работи за зборови

На универзитетскиот кампус во Абу Даби, каде предавам книжевност и креативно пишување, еден од моите предмети се занимава со истражување на книгите што сакале да го постигнат она што го постигна „Герника“. Во „Книгите кои го променија светот“, моите студенти се мачат со неколку приказни кои се растегнуваат повеќе од личните и книжевните влијанија и кои започнале револуции, зборувале за колонијална злоупотреба, подобриле јавни политики, фалсификувале културни идентитети и ги предизвикувале репресивните догми. Овие десет книги опфаќаат речиси век и половина и се напишани од писатели од целиот свет, а сепак од „Колибата на чичо Том“ до „Сатански стихови“, сите споделуваат некаква витална заедничка карактеристика.

Во 1896 година, филипинскиот национален херој Хозе Ризал бил осуден за бунтовништво и заговорништво поради сатиризирање на злоупотребата од страна на колонијалните шпански калуѓери во сагата која започнала со неговата книга „Noli Me Tangere“.

Сите знаеме како заврши тоа: тој беше егзекутиран од стрелачки вод точно на револуционерната ноќ која ја избрка Шпанија, но подоцна беше киднапирана од Америка.

Во раните 30-ти години на 20 век, „Ништо ново на Запад“, искрената осуда на војната од страна на Ерих Марија Ремарк, одекнала ширум светот, толку многу што едно ниско, несигурно мало човече по име Јозеф Гебелс организрало толпи за да ги напаѓаат проекциите на екранизацијата на филмот. Тоа е едно од најраните насилства на нацистите. Илјадници луѓе луто влетувале во кината ширум Германија и Австрија, а тоа водело кон забрана на филмот и горење на книгата. Гебелс ги оправдувал тие напади како „прочистување на германскиот дух“. На Ремарк му било одземено државјанството и тој избегал од сопствената држава, додека режимот продолжил со смртоносните напади врз „нелуѓето.“

Сите знаеме како заврши тоа: милиони луѓе систематски беа убиени, а континентот беше разурнат од војната.

image-485121-breitwandaufmacher-ohuq(Нацистите при една акција на горење книги)

Во 1989 година, Салман Ружди објави книга за која тој вели дека го критикува „моќното свештеничко племе“ кое го „презело Исламот“, религијата со која тој пораснал. Ружди напишал: „Овие се модерната Полиција на мислите“, уште пред да биде издадена фатва (налог за апсење и убиство) од страна на иранскиот ајатолах Хомени кој се изнервирал поради тоа што неговото минато било исмеано во книгата во која еден прогонет имам се бори за моќ.

Хомеини ја осудил книгата како алатка на „ уништувачите на светот“ со „сиот зионизам и ароганција која стои позади тоа“ и рекол дека книгата е „пресметан заплет од страна на колонијализмот“. Ружди се вдал во бегство и оние што биле поврзани со објавување на книгата се соочиле со убиства, прободувања, пукања, пожари и бомбардирања. Според Хомеини, ова се случило „за никој да не се осмели да ја навреди исламската светост.“

Сите знаеме како заврши тоа: многумина сега се убедени дека „слободата на говор е одговорен говор“ и покрај тоа што она што „одговорно“ секогаш ќе биде диктирано од моќните.

1579509

На мојот предмет, моите студенти открија дека секоја книга што се наоѓа на нашата листа за читање зборува против неправдите на своето време и со тоа се истакнуваат неправдите на нашето време. Во секоја книга го откривме тврдоглавото инсистирање за кревање на гласот.

Сите кренете ги рацете

Велат дека тишината подразбира согласност. Но, тоа е само половина од приказната. Тишината исто така ја потврдува репресијата, затоа што способноста да се крене гласот често е луксуз наменет за привилегираните. Агресивниот популизам што го гледаме денес изгледа како сведоштво на луѓето кои одбиваат да бидат замолчени и тоа со право. Нашите општества во голема мера потфрлија во овозможување еднаквост за сите, а технологијата денес ни дава нови канали преку кои можеме да бидеме слушнати и со кои можеме да се бориме против репресивни идеи и структури. Новите лидери се фатија за тоа и сега сакаат да зборуваат во наше име, иако голем дел од нив нѐ вртат околу стравот и недовербата.

Но, онаму каде што има надеж, таму има и живот, дури и онаков каков што е сега. Затоа што открива потенцијал. Тука, сосема контраинтуитивно, книжевноста и креативното пишување стапуваат на сцена. Во 1969 година, Ли Куан Ју, претстедателот на Сингапур, кажал: „Поезијата е луксуз кој ние не можеме да си го дозволиме. Книжевноста не е важна за учениците, туку филозофијата на животот.“ Тука основачкиот татко на оваа импресивна мала нација, сосема не бил во право. Филозофијата на живот е токму она на кое нѐ учи книжевноста. Треба само да отворите книга, од најстариот ракопис до модерните романи. Мојсеј одбива да биде заробен, Одисеј им ја зборувал вистината на моќните, Атикус Финч не ја компромитирал правдата, а Хермиона Грејнџер ни покажа како се завршуваат работите.

p054q93q

Платон замислувал праведна нација, Томас Пејн ја докажал важноста на универзалните човекови права, а Џон Стјуарт Мил му дал моќ на поединецот и ја открил потребата од слобода на изразување. Сето тоа е на хартија и во етер. Самосвесноста и општеството, трагедијата и победата, правилното и погрешното, вредностите и идеите… Филозофиите за живот на Ли Куан Ју се лесно достапни преку книжарниците, библиотеките и интернетот.

Сепак, иако е општоприфатено тоа дека мудроста постои во книжевноста, креативното пишување секогаш се гледало како нешто ретко или застрашувачко. Да, тоа добива пофалби дека е нешто што делува смирувачки за личноста, но никогаш не се сметало за метод за зголемување на учеството во општеството. На крајот на краиштата, која е користа од создавање поезија или пишување приказни кога на човек му е потребна работа, кога нацијата мора да биде оформена, војната да биде добиена или ракот ги уништува телата и на луѓето и политиката?

Но, креативното пишување може да биде најдобриот тренинг за подигнување на гласот и ако некогаш сте читале книги, сте слушале говори, сте гледале филмови или телевизија, сте слушале песни или сте учеле фолклор, тогаш вие цел живот сте учеле како функционира раскажувањето приказни. Со тоа што ќе ја искористите раката за да создадете нешто, вие не само што се обидувате да создадете уметност, вие учите неопходни вештини и животни лекции.

8-books-that-will-leave-you-feeling-amazing-and-on-top-of-the-world

Фикцијата нѐ учи за луѓето и емпатијата, заплетот и последиците и вредноста на нијансите на вистината. Поезијата нѐ учи како да го дестилираме јазикот, да ја вреднуваме тишината и да ја разбереме метафората. Нефикцијата (која секако го вклучува и новинарството) нѐ учи на одговорноста на фактите, критичкото мислење за системите во општеството и за тоа колку е важно да се излезе во светот и да се слушаат другите. Има само неколку вештини кои човек може да ги научи од креативното пишување.

Зарем тие животни лекции не се неопходни за демократијата? Да имате глас значи дека можете да гласате. Правото на глас значи дека сте претставени во општеството. Да се преставуваме себеси јасно и уверливо ни дава моќ како граѓани за да ги искажеме нашите грижи и жалбите на заедницата, да бидеме одговорни за самите себеси и да бараме одговорност од нашите лидери. Ако не сме извежбани да ги артикулираме нашите аргументи како што треба, никогаш нема легитимно да бидеме чуени и многу лесно можеме да бидеме игнорирани.

Кога веќе зборуваме за демократијата

Мојата сопствена животна филозофија доаѓа од умешноста на раскажувањето. Јас продолжувам јавно да учествувам во непријателски свет со тоа што знам дека доброто секогаш го надминува злото. Оваа навидум наивна идеја е докажана од приказните кои секој деспот или масовен убиец мора да ги раскаже за себе.

На пример, Адолф Хитлер бил убеден во својата праведност: тој го сакал своето куче Блонди, се гордеел со својата држава и мислел дека благородните цели ги оправдувале неговите насилни методи. На сличен начин, терористите кои ги срушија авионите во Светскиот трговски центар на 11 септември 2001 година, го направиле тоа за слава за која тие верувале дека е поголема од нив самите. Тие сигурно мислеле дека херојски исправаат историска грешка. Идејата за доброто секогаш преовладува, дури и во искривените умови кои објективно е докажано дека се зли.

b894ac34-3857-11e6-a032-be579840a028

Она што е опасно е кога другите ќе почнат да им веруваат на тие искривени приказни. На пример, на Филипините, од каде што јас потекнувам, моментално се води една суптилна војна, војна на наративите: праведноста е нејзината главна тема. Децата на диктаторот Фердинанд Маркос, кој украде милијарди долари и ја негираше демократијата повеќе од една деценија, заедно со нивните сојузници кои имаат корист од неговото недемократски наследство, постхумно ја преработуваат неговата приказна.

Лажните веб-страници за вести и интернет-пропагандистите се регрутираат од властите и нивната задача е да ги подриваат човековите права, правото на правично судење и „коректорите“ потребни за демократијата – тој систем кој и натаму останува наш најдобар правец кон еднаквоста и единствениот метод за да се обезбеди бескрвно отстранување на лидери кои би можеле да почнат да ја злоупотребуваат својата позиција.

Велат дека историјата ја пишуваат победниците, но на тој начин тие немаат гаранции дека ќе останат победници. Затоа се претпоставува дека 80% од највисоките државни фунционери на Филипините остануваат во рацете на династиите кои се семејни бизниси и кои секогаш ќе претставуваат конфликт на интереси помеѓу роднините и државата. Затоа приказната е нивна за раскажување.

featured_art_hopefulbooks

Тоа е причината поради која пишувам за весници, пишувам книги и предавам креативно пишување. Тоа го гледам како долга игра, дијалог со следните генерации кои надежно ќе учат од нашите грешки од минатото. Сепак, понекогаш изгледа дека нашите лидери се толку вкоренети што единственото прибежиште на уметникот е да го има последниот збор, да биде брутално искрен и подбивен во осудата во своите дела и на тој начин да се надеваме дека тоа ќе ги надживее дури и бронзените статуи кои лидерите си ги подигнуваат самите на себе. Но, има пораз дури и во тоа: На Филипините ние го нарекуваме тоа konswelo de bobo – утеха на глупавите. Последниот збор можеби е утешително и моќно конечен, но сепак е ретроактивен.

Проактивно би било да им се помогне на другите да развијат силни гласови за конечно ние како граѓани да не се караме неуспешно на Фејсбук и Твитер за нешто што нѐ налутило во текот на денот додека незадоволителните лидери ја јаваат нашата поделеност кон следните избори.

Против-отровот на неказнивоста е одговорноста. Ние го знаеме тоа. Но, одговорност може да се бара ако нашите гласови се важни. Осамениот глас или гласот на образованата елита не може легитимно да зборува за оние кои немаат глас и затоа не може да биде вистински важна. Ако гласот е глас (voice, vote, м.з), тогаш тој треба да се крене и мнозински да се бара поголема репрезентативност и подобро лидерство.

Очигледно е дека има многу работа. Не мора целата уметност да биде инклузивна, но ниту една уметност не смее да исклучува. Книжевноста и креативното пишување не смеат да бидат привилегија, ниту луксуз, затоа што нашата приказна на тој начин ќе биде прелесно контролирана. И иако уметноста самата по себе нема да го промени светот, кристално е јасно дека може да им даде моќ на оние кои ќе го променат.

Извор.

Leave a comment