Џејмс Џојс е роден на 2 февруари 1882 година и е еден од најпознатите ирски писатели. Неговата книга „Улис“ предизвикала вистинска контроверзија кога била издадена, а со години била забранувана во САД и Велика Британија и други земји ширум светот. Неговиот револуционерен стил на пишување и експериментално користење на јазикот му помогнале да стекне обожаватели ширум светот и по неговата смрт во 1941 година. Џејмс Џојс се смета за еден од највлијателните и најважните писатели во 20 век.

Во негова чест, денес на блогот можете да прочитате интересни факти за овој писател.
Џејмс Џојс имал само 9 години кога го објавил своето прво дело
Во 1891 година, набргу откако морал да го напушти колеџот Клонгоуз Вуд затоа што неговиот татко останал без работа, деветгодишниот Џојс напишал поема насловена „Et Tu Healy?“. Неговото дело било објавено од татко му Џон Џојс и дистрибуирано меѓу пријателите и познаниците. Се вели дека татко му бил толку горд на поемата што испратил примероци дури и до папата. Целосна верзија од поемата не е сочувана, но се смета дека младиот Џојс остро го критикувал ирскиот политичар Тим Хили, обвинувајќи го дека го напуштил националистичкиот лидер Чарлс Стјуарт Парнел по сексуален скандал. Дел од завршницата на поемата, подоцна запаметена од братот на Џојс, Станислаус, го прикажува Парнел како ги набљудува ирските политичари од далечина:
„Од своето чудно гнездо на карпите на Времето,
каде што грубиот метеж на овој век
веќе не може да го вознемири.“
Иако поемата на прв поглед изгледала детски наивна, споредбата на Хили со Брут, а Парнел со Цезар, покажува рана склоност на Џојс кон користење антички архетипови во современ контекст, пристап што подоцна ќе стане препознатлив белег на неговото творештво, особено во романот „Улис“, кој претставува модерна интерпретација на „Одисеја“.
Како возрасен, Џојс ја објавил својата прва книга, поетската збирка „Камерна музика“ во 1907 година. Потоа следеле збирката раскази „Даблинци“ (1914) и полуавтобиографскиот роман „Портрет на уметникот во младоста“ (1916), во кој значајно место има токму колеџот „Клонгоуз Вуд“.
Контроверзии уште во студентските денови
Додека студирал на Универзитетскиот колеџ во Даблин, Џојс се обидел да објави критички осврт на новоотворениот Ирски литературен театар. Текстот, насловен „Денот на разбојништвото“, требало да биде објавен во студентскиот весник „St. Stephen’s“. Во него Џојс остро го критикувал, како што го нарекол, „провинцијализмот“ на театарот. Неговиот текст бил толку жесток што уредниците, по консултација со еден од свештениците на факултетот, одбиле да го објават. Разлутен од можната цензура, Џојс се пожалил кај претседателот на колеџот. Но, раководството застанало на страната на уредниците. Наместо да се повлече, Џојс одлучил сам да ја финансира публикацијата и испечатил 85 примероци, кои биле поделени низ кампусот. Памфлетот бил објавен заедно со есеј од негов пријател, за да се зголеми обемот, а на почетокот стоела забелешката:
„Овие два есеи беа нарачани од уредникот на „St. Stephen’s“ за објавување во весникот, но подоцна беа одбиени од цензурата.“
Ова не бил последен пат Џојс да се соочи со цензура, напротив, борбата за слобода на изразување ќе стане постојан дел од неговата книжевна кариера.
Блумсдеј навистина постои, но зошто баш се одбележува на 16 јуни?
Доколку не сте знаеле, еве добра можност да дознаете дека 16 јуни е Блумсдеј. Ова е денот во кој се случуваат сите дејствија во „Улис“. Името на денот доаѓа од Леополд Блум, главниот лик во книгата. Се разбира, Џојс не го лупнал датумот така од прва. На 16 јуни 1904 година, тој првпат излегол со Нора Барнакл, која подоцна ќе стане негова жена.
Нивната врска била прилично страсна, но Нора Барнакл не се појавила на првиот закажан состанок
До моментот кога Нора Барнакл и Џојс конечно стапиле во брак во 1931 година, тие веќе живееле заедно 27 години, патувале низ Европа и имале две деца. Двојката првпат се запознала во Даблин во 1904 година, кога Џојс започнал разговор со неа во близина на хотелот каде што Нора работела како собарка. Таа на почетокот го помешала со шведски морнар поради неговите сини очи и морнарската капа што ја носел тој ден. Џојс толку ја шармирал што договориле средба за 14 јуни, но таа не се појавила.
Потоа Џојс ѝ напишал писмо:
„Долго гледав во една глава со црвенкасто-кафеава коса и сфатив дека не е твојата. Си отидов дома прилично разочаран. Би сакал да договориме средба, но можеби тоа не ти одговара. Се надевам дека ќе бидеш доволно љубезна да договориш една со мене, ако не си ме заборавила!“
Ова довело до нивната прва средба, два дена подоцна, како што е опишано погоре. Нора останала негова муза во текот на целиот нивен заеднички живот и во неговите објавени дела (ликот Моли Блум во „Улис“ е инспириран од неа), но и во нивната богата лична преписка. Нивните љубовни писма се познати по исклучително експлицитниот и провокативен тон. Во едно од нив, Џојс напишал дека нивната љубовна игра го потсетувала на „свиња што јава маторица“, а друго писмо го завршил со зборовите: „Добра ноќ, мојата мала Нора што прди, моја валкана мала љубовна птицо.“ Овие писма подоцна привлекле големо внимание и како книжевни и како историски документи. Во 2004 година, едно еротско писмо потпишано од Џојс било продадено на аукција во Лондон за рекордни 240.800 фунти (околу 446.000 американски долари). Една од поблагите реченици во тие писма кои биле продадени на акција била: „Моите омилени делови од твоето тело се оние кои ги прават срамотните работи.“

Имале две деца (и Барнакл имала барем еден спонтан абортус)
Тие имале две деца – Лусија и Џорио Џојс. Не се знаат многу детали за Џорџио, бидејќи нивната ќерка Лусија Џојс била поинтересна за историчарите. Таа одела на часови по балет со Исидора Данкан, била во врска со Семјуел Бекет, била прогласена за шизофреничарка и била пациентка на Карл Јунг.
Џејмс Џојс предавал англиски јазик во јазичното училиште Берлиц.
Во 1904 година, желен да ја напушти Ирска, Џојс одговорил на оглас за работа како наставник во Европа. Евелин Гилфорд, агент за вработување со седиште во британскиот град Маркет Рејсен, Линколншир, го известила Џојс дека за него е резервирано работно место и дека за две гвинеји ќе му каже точно каде се наоѓа позицијата. Џојс ги испратил парите и до крајот на 1904 година тој и неговата идна сопруга Нора го напуштиле Даблин за да започнат работа во јазичното училиште Берлиц во Цирих, Швајцарија — но кога пристигнале таму, дознале дека нема слободно работно место. Сепак, слушнале дека има отворена позиција во училиштето Берлиц во Трст, Италија. Двојката повторно се спакувала и заминала за Италија, само за да открие дека повторно биле измамени.
Џојс на крајот успеал да најде работа како наставник во Берлиц во Пола, тогашна Австро-Унгарија (денес Пула, Хрватска). Англискиот бил еден од 17 јазици што Џојс наводно ги зборувал; меѓу останатите тој зборувал: арапски, санскрит, грчки и италијански (кој подоцна станал негов омилен јазик и единствениот што го користел дома со семејството). Тој исто така многу го сакал драматургот Хенрик Ибзен, па научил норвешки за да може да ги чита неговите дела во оригинална форма и дури му испратил писмо како обожавател на неговиот мајчин јазик. (Сепак, еден негов пријател тврдел дека приказната за тоа дека Џојс зборувал 17 јазици била шега.)
Ризичното издавачко патешествие на „Улис“
Историјата на објавувањето на „Улис“ сама по себе наликува на вистинска одисеја. Џојс почнал да го пишува романот во 1914 година, а од 1918 започнал серијализирано да објавува делови од книгата во американското списание „Little Review“, со поддршка од поетот Езра Паунд. Но, до 1921 година списанието западнало во финансиски проблеми. Објавувањето на тринаесеттото поглавје од романот, „Наусикаја“, довело до скап судски процес за непристојна содржина против издавачките Маргарет Андерсон и Џејн Хип, по што книгата била забранета во САД. Џојс се обидел да најде нови издавачи, меѓу нив и издавачката куќа „Хогарт прес“, основана од Леонард и Вирџинија Вулф, но никој не сакал да преземе проект со толку голем правен ризик и обем. Во тој период Џојс живеел во Париз, каде што се спријателил со Силвија Бич, сопственичка на книжарницата „Шекспр и компани“, која била собиралиште на уметници и писатели по Првата светска војна. Во својата автобиографија Бич се сеќава:
„Секоја надеж за објавување во англиското говорно подрачје, барем во блиска иднина, беше изгубена. А тука, во мојата мала книжарница, седеше Џејмс Џојс и длабоко воздивнуваше. Ми текна дека можеби нешто може да се направи, па го прашав: ‘Дали би ѝ дозволиле на „Шекспир и компани“ да ја има честа да го објави вашиот „Улис“?’ Тој веднаш и со радост ја прифати понудата. Ми се чинеше смело што му го доверува своето големо дело на толку мал издавач, но изгледаше воодушевен исто како и мене. И покрај недостатокот од капитал, искуство и сите други предуслови за издавач, решив да продолжам со „Улис“.“
Бич планирала прво издание од 1.000 примероци, од кои 100 потпишани од авторот. Сепак, книгата останала забранета во повеќе земји во текот на 20. и 30. години на 20 век. Конечно, во 1933 година, по судскиот случај „САД против Една книга наречена „Улис““, романот бил прогласен за невулгарен и дозволен за објавување во САД.
Џојс имал фобија од кучиња, но најмногу од грмотевици
Џојс бил нападнат од комшиско куче кога бил мал, а тоа водело кон доживотен страв од кучиња. Но, неговиот најголем страв бил од грмотевици и молњи. Неговиот страв од грмежи и невреме, чиј стручен назив е астрофобија (некаде може да се сретне и како кераунофобија), потекнувал од детството, кога неговата длабоко религиозна католичка гувернанта му велела дека грмотевиците се знак дека Бог ја покажува својата лутина. Овој страв го прогонувал писателот во текот на целиот негов живот, иако Џојс бил свесен од каде потекнува неговата фобија. Кога еден пријател го прашал зошто толку се плаши од бурно време, Џојс одговорил: „Ти не си пораснал во католичка Ирска.“
Стравот се одразил и во неговото творештво. Во романот „Портрет на уметникот во младоста“, автобиографскиот лик Стивен Дедалус признава дека се плаши од „кучиња, коњи, огнено оружје, морето, грмотевици [и] машини“.
Токму тој страв го инспирирал и еден од најпознатите неологизми што Џојс ги создаде во својот последен роман „Финегановото бдеење“ (1939). Станува збор за збор од 100 букви — Bababadalgharaghtakamminapronnkonnbronntonnepronntuonnthunntrovarrhounawnskawntoohoohoordeenenthurnuk, кој се појавува на првата страница од романот и симболично го означува громот што го придружувал падот на Адам и Ева. Овој необичен јазичен „џиновски збор“ всушност е составен од различни зборови за „гром“ на повеќе јазици, меѓу кои францускиот (tonnerre), италијанскиот (tuono), грчкиот (bronte) и јапонскиот (kaminari).
Тој ни го подари зборот „кварк“
Овој назив за субатомска честичка е преземен од Финегановото бдеење, каде што три морски птици го поздравуваат кралот Марк со извикувањето: „Three quarks for Muster Mark!“. На физичарот Мареј Гел-Ман му се допаднал зборот и во 1960-тите го предложил како назив за честичката.
Џејмс Џојс и Вирџинија Вулф имаат многу заеднички работи
Џејмс Џојс и Вирџинија Вулф биле револуционерни писатели, но тие двајца делеле и многу други сличности. Двајцата се родиле во 1882 година и починале во 1941 година. И двајцата објавиле револуционерни модернистички романи чие дејство се случува во текот на еден ден („Улис“ и „Госпоѓа Даловеј“), а тоа водело кон тоа и двајцата да се сметаат за пионери во техниката на тек на свеста поврзана со модернистичкото пишување.. Но, Вирџинија Вулф е позната по тоа што не била баш воодушевена од „Улис“. Во една прилика изјавила: „Романот „Улис“ е дело на несигурен студент кој си ги чеша мозолчињата“, додавајќи дека „човек се надева дека ќе го надрасне тоа, но бидејќи Џојс има 40 години, тоа тешко дека ќе се случи“.
Дел од неговите колеги не биле негови обожаватели
Вирџинија Вулф не била единствена со вакво мислење. Во едно писмо, Д. Х. Лоренс, најпознат по романот „Љубовникот на леди Четерли“, за Џојс напишал: „Боже мој, каква несмасна мешавина е Џејмс Џојс! Ништо друго освен истрошени фрази и остатоци од цитати од Библијата, сварени во сок од намерна, новинарска валканост.“ И писателот Х. Џ. Велс бил спектичен околу Џојс. Зборувајќи за „Финегановото бдеење“, тој напишал: „Дали ова дело ми причинува задоволство? Не. … Кој, по ѓаволите, е овој Џојс што бара толку многу будни часови од малкуте што ми преостануваат во животот за правилно да ги разберам неговите необичности и фантазии?“
Дури и неговата животна сопатничка Нора понекогаш тешко го следела неговото пишување. По објавувањето на „Улис“, таа го прашала: „Зошто не пишуваш разумни книги што луѓето можат да ги разберат?“

„Најдобрата“ вечера на сите времиња
Во мај 1922 година, годината кога „Улис“ излегла на книжевниот пазар, Џојс и Марсел Пруст биле заедно на вечера, а на истата вечера биле пристуни и Пабло Пикасо и Игор Ставински. Џојс пристигнал доцна, бил пијан и не носел свечена облека затоа што бил премногу сиромашен за да си ја дозволи. Марсел Пруст пристигнал уште подоцна од Џојс, а иако постојат различни верзии за тоа што точно разговарале двајцата писатели, сите сведоштва упатуваат на прилично антиклимактичен „судир на генијалци“, односно иако сите биле љубопитни за тоа што би разговарале овие двајца писатели, набргу се разочарале затоа што разговорот бил прилично досаден.
Целиот разговор го поминале зборувајќи за своите здравствени маки – Џојс имал постојани главоболки и проблеми со очите, а Пруст се жалел на стомачни тегоби. Според писателот Вилијам Карлос Вилијамс, Џојс се пожалил и рекол: „Имам главоболки секој ден. Очите ми се во ужасна состојба“, на што болнавиот Пруст одговорил: „Мојот кутар стомак. Што ќе правам? Ме убива. Всушност, морам веднаш да си заминам.“ Потоа двајцата признале дека ниту еден од нив не ги прочитал делата на другиот. Издавачката Маргарет Андерсон тврдела дека Пруст рекол: „Жалам што не го познавам делото на господин Џојс“, додека Џојс возвратил: „Никогаш не сум го прочитал господин Пруст.“ Ликовниот критичар Артур Пауер, пак, запишал дека двајцата писатели едноставно разговарале за тоа колку сакаат тартуфи. Џојс подоцна му рекол на сликарот Френк Баџен: „Нашиот разговор се состоеше исклучиво од зборот ‘Не’.“
Има уште една легенда поврзана со оваа вечера, според која двајцата при враќање дома делеле такси, а Пруст излегол од возилото без да го плати својот дел од возењето.
Џојс и киното: кратка, но амбициозна авантура
Иако денес Ирска има стотици кино-сали, нивната историја делумно започнува во 1909 година, кога Џојс помогнал во отворањето на киното „Volta Cinematograph“ кое се смета за првото постојано и наменско кино во земјата. Оваа идеја повеќе била деловен потег отколку плод на љубов кон филмот. Додека живеел во Трст и се соочувал со тешкотии околу објавувањето на „Даблинци“, Џојс забележал дека кино-салите стануваат популарни. Кога неговата сестра Ева му кажала дека во Ирска речиси и да нема кина, Џојс се здружил со четворица италијански инвеститори (со договор да добива десет проценти од профитот) и го отворил киното на улицата „Мери“ во Даблин. Но, проектот брзо пропаднал. Киното главно прикажувало италијански и европски филмови, кои не биле привлечни за локалната публика. По само седум месеци Џојс се повлекол од бизнисот. Самото кино продолжило да работи до 1919 година, токму во периодот кога Џојс интензивно работел на „Улис“. Подоцна било повторно отворено под друго име во 1921 година, а конечно престанало со работа во 1948 година.
Наводните последни зборови на Џејмс Џојс биле подеднакво апстрактни како и неговото пишување
Џојс бил примен во болница во Цирих во јануари 1941 година поради перфориран дуоденален чир, но по операцијата паднал во кома и починал на 13 јануари. Неговите последни зборови биле соодветни на неговите озлогласено тешки дела, легендата вели дека биле: „Зар никој не разбира?“
Доколку сакате да прочитате уште една интересна агендота за пријателството на Џејмс Џојс и Ернест Хемингвеј, прочитајте го текстот: Џејмс Џојс почнувал тепачки, па се криел зад Ернест Хемингвеј…
Извор 1.
Извор 2.
*овој текст е изменет на 5/2/2026, со цел да се вметнат нови информации и факти
