Дојде август, а тоа значи дека повеќето луѓе или веќе се на одмор или ги прават последните подготовки за одмор. Тоа секако значи и пакување и носење книги со себе. Доколку се двоумите кои книги да ги носите на одмор, погледнете ја листата на книги кои ги прочитав изминатиот месец, а доколку барате дополнителна инспирација, тоа можете да го направите тука.

Ова се книгитe кои ги прочитав во јули:
„Првиот универзитетски ден на мојата ќерка“ – Игор Станојоски

Издавачка куќа: ИЛИ-ИЛИ
Оцена: 5/5
Осврт: Македонската книжевна сцена доживува вистински бум во последниве неколку години. Освен што значително се зголеми објавувањето на книги од македонски автори, се докажа и дека Македонија навистина има талентирани писатели и писателки. Еден таков пример е и книгата „Првиот универзитетски ден на мојата ќерка“ од Игор Станојоски.
Книгата е прекрасна од многу аспекти. Пред сѐ, приказната е навистина оригинална и ги избегнува сите оние клише елементи што обично се среќаваат во книгите. Во оваа книга нема ниту еден ред кој е клише. Приказната е непредвидлива, има интересни пресврти. Се работи за еден поранешен професор кој ја испраќа својата ќерка на својот прв ден на факултет. Кога ја остава пред портите на универзитетот, тој се навраќа на спомените кога тој бил студент, а потоа и професор. Нема да кажам ништо повеќе, затоа што би можела да издадам нешто, така што ќе треба да ја земете и да ја прочитате.
Она што највеќе ми се допадна во книгата е топлината и искрените чувства. Нема лажни чувства во оваа книга, сè е некако искрено и читателот искрено сочувствува и искрено се интересира за животот на главните ликови. А и искрено, можеби ќе ве натера и вие да си ги навратите спомените од вашиот прв универзитетски ден. Од срце ја препорачувам оваа книга која се чита во еден здив!
„Проектот Роузи“ – Грем Симсион

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт: Проектот „Роузи“ е една од посимпатичните книги што ги имам прочитано во последно време. Лесно се чита, има хумор и е одлична книга за да се опуштите по напорен ден полн со обврски.
Книгата го следи животот на Дон Тилман кој е научник и кој целиот живот го живее според строго утврден распоред и се вознемирува секогаш кога некој ќе направи хаос во неговиот ред. Тој е успешен генетичар, но за жал никогаш немал успех со жените.
Еден ден решава да го започне својот „Проект Сопруга“ и преку однапред утврден прашалник да се обиде да ја најде својата сродна душа. Но, тогаш ја запознава Роузи и неговиот живот се превртува наопаку. Дури и Бил Гејтс ја препорачува оваа книга, иако тој обично не чита многу белетристика. Навистина забавна книга која е одлична за читање додека сте на одмор.
ИЗДАВАЧКА КУЌА: АРС ЛАМИНА
„Папагалот на Флобер“ – Џулијан Барнс

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4/5
Осврт: Навистина уживав додека ја читав оваа книга. Долго време седеше на моите полици, но никако не стигнуваше на ред, па си реков дека е редно време да ја фатам во рака. И не се разочарав. Исклучително симпатична книга од која навистина дознав интересни работи за животот на Гистав Флобер.
Книгата е еден вид на биографија за познатиот писател која ни е претставена од перото на еден доктор кој е голем обожавател на Флобер и кој често го посетувал родното место на писателот.
Она што е карактеристично за оваа книга е хуморот и одличната интеракција на нараторот со читателот. Во текот на целата книга нараторот комуницира со читателот и тоа ве прави уште повклучени во целата приказна. Топло препорачувам!
„Домаќинка“ – Џил Александер Есбаум

Издавачка куќа: МАТИЦА
Оцена: 2/5
Осврт: Оваа книга може да се каже дека е модерна верзија на Ана Каренина. Или барем обид да биде тоа. Кога за првпат се појави на книжевната сцена, големи беа очекувањата околу оваа книга, но сепак не уживав толку во оваа книга и ја прочитав без уживање.
Се работи за Ана која веќе со години живее во едно мало гратче во близина на Цирих. Таа се преселува таму поради својот сопруг и живее досаден и невозбудлив живот. Притоа таа има редовен љубовник, а уште живее со спомените од човекот со кого претходно го изневерувала својот маж, а во кој била заљубена. Генерално се работи за досаден, апатичен лик и воопшто не буди сочувство кај читателот. Се разбира, сите различно ги доживуваме книгите и можеби треба да ѝ дадете шанса, но јас искрено едвај ја дочитав.
ИЗДАВАЧКА КУЌА: МАТИЦА
