„Странецот“ на Албер Ками е книгата која го воздигна Албер Ками на книжевното ѕвездено небо, а воедно е и книга која го одбележа 20 век. Досега на блогот неколку пати имам пишувано за „Странецот“ (тука и тука), но сметав и дека овој текст е интересен за споделување.

Париз никогаш не бил најомиленото место на Ками, особено не во пролетта 1940 година, кога бил тазе пристигнат во големиот град и кога живеел во сива хотелска соба на Монмартр и работел еднолична секретарска работа за весникот „Париз-Соир“. Но, во неговото слободно време бил ужасно зафатен. Откако го завршил целосниот ракопис за „Странецот“, некаде при крајот на април, тој во глувото доба на ноќта седнал и напишал писмо до неговата идна жена Франсин Фаур која живеела во Алжир. Тој признал дека интензитетот кој доаѓал со пишувањето било
„единственото нешто коешто може да ми помогне да се надминам себеси и верувам дека ќе му простам сѐ на Париз поради тоа што ми дозволи да живеам затворен на овој начин и да го правам тоа што правев. Дури и ако не ја имав вредноста, уживањето во самата работа има вредност која никој не може да ја уништи и таа радост ќе ја чувствував вечерва доколку не бев толку уморен. Сѐ уште си замислувам дека читателот на овој ракопис ќе биде уморен барем колку што сум јас во моментов и не знам дали постојаната тензија која постои во него нема да обесхрабри многу души. Но, тоа не е прашањето. Јас ја сакав оваа тензија и работев на тоа за да ја пренесам. Знам дека е таму.“
Колку души има обесхрабрено книгата е тешко да се каже. Она што е сигурно е тоа дека оваа книга ја зафатила фантазијата на влијателни ликови како Андре Малро, чии силни препораки го поплочиле патот кон нејзиното издавање. Тој му рекол на Гастон Галимард: „Внимавај: Ова ќе биде важен писател.“
Што се однесува до германските цензори, тие оцениле дека делото е аполитично. Но, дури и со овие отворени врати, Ками никогаш не можел да предвиди до каде ќе оди успехот на неговата книга. Со повеќе од 10 милиони продадени примероци само во Франција и преведена на 60 јазици, оваа книга стана икона на светската книжевност од 20 век. Алис Каплан ја раскажува животната приказна на „Странецот“ со ентузијазам и длабочина.

Во 30-тите години на 20 век, американските романи биле многу модерни во Франција, па тоа дава објаснување зошто Хемингвеј постојано се спомнува како големо влијание врз Ками. Каплан уште потесно се фокусира на романот „Поштарот секогаш ѕвони двапати“ од Џејмс М.Кејн и влече некои неверојатни паралели.
А сепак, потеклото на „Странецот“ е неверојатно локално. Како што вели Каплан, работата на Ками како новинар кој работел за „Алжир-Републикан“ значело дека тој покривал судски случаи кои ги одразувале тензиите и насилството кои биле дел од колонијалниот Алжир. Во напнатиот живот на Алжирците во тој период, макроата, уличното насилство и мачизмот биле дел од целиот тој микс. Каплан наведува еден специфичен случај на расна сегрегација на плажата Зералда надвор од Алжир, која се случила во летото 1942 година и кога биле убиени Арапи.
Ако таквата клима на насилство го нашла својот пат до „Странецот“, истото важи и за портретирањето на официјални лица во судницата кои го привлекле вниманието на младиот новинар кој барал инспирација за своите дела. Каплан го наведува примерот со францускиот судија, Луи Валант кој справувајќи се со обвинет од исламска вероисповед кого колонијалните авторитети го обвиниле дека убил конзервативен исламски лидер (судењето на Ел Окби во 1939 година), создал распетие за да го натера обвинетиот да види кој бил водечкиот принцип во животот на судијата. Во книгата, Ками ја доделува оваа улога на магистратот кој го испрашува Мерсо.

Повторно, во едно писмо до Франсин, Ками напишал дека бил очаен да остане во она што тој го нарекувал „атмосферата на книгата“. Острите тонови на културните и етничките тврдења се клучни за таа атмосфера. Каплан нѐ потсетува на контрастните читања на книгата, за тоа како издавачите во повоена Америка, на пример, заедно ги лупнале Сартр и младиот писател како претставници на новиот европски тренд наречен Егзистенцијализам и како Едвард Сед, пишувајќи речиси половина век подоцна, ќе инсистира дека позади она што тој го нарекувал „Камиевата пренослива метафизика“ лежат безимените Арапи од романот.
Каплан исто така прави паралели и со романот „Истрагата на Мерсо“ (2013) од Камел Дауд, кој ја раскажува приказната и покажува дека членовите на семејството на безимената жртва на Мерсо не само што имаат имиња, туку и со декади живеат животи полни со фрустрација и огорченост. Како што Дауд објаснува, „Странецот“ има различни значења за американските, француските и алжирските читатели.
Но, уште еден клуч за атмосферата во „Странецот“ е стилот на пишување. Сеќавајќи се на „далечниот и празен наратор“, Каплан се прашува: „Како е можно толку вознемирувачка книга да извлече толкава лојалност?“ Ако тонот е она што ги заинтригирало читателите, Каплан моќно открива како Ками го откривал својот занает.
Тој велел: „За да пишува, на човек мора да му недостасува изразување наместо да го има премногу. Без празни муабети.“ Во оригиналниот запис во неговиот дневник од август 1938 година, тој напишал: „Pas de bavardages en tout cas”. Откако вложил толку многу зборови во неговиот пропаднат роман „Среќната смрт“, Ками обликувал наративен глас кој бил разоружувачки личен. Тој во своите тетратки го објаснил ова како „сувото срце на создавателот“.

Каплан многу јасно ја реконструира атмосферата која ја опкружува материјалното создавање на книгата во воена Франција: милјите кои отчукувале според ракописот кој постојано одел наваму-натаму помеѓу окупираните и слободните зони; наводното барање на Малро од Ками, кој сега веќе бил вратен во Алжир, за трошоците за тон хартија за превоз до Франција доколку тоа му било потребно за печатење и недостатокот на црвена лента, за на крај книгата да отиде на печатење на 1 април 194 година, а по еден месец Ками сѐ уште ја немал видено, ниту имал договор за неа. Но, секако, пронаоѓањето на голем издавач од Париз била големата награда за некој кој бил навикнат на мали печатени изданија во Алжир.
Како што забележува Каплан, „Странецот“ е чудно дело за некој кој градел репутација како хуманист. Додека романот го евоцира потресителниот живот на општествениот маргиналец, работата на Ками како новинар значително го приближило кон јавната сфера. Летото во 1939 година, тој водел кампања во „Алжир-Републикан“ против условите на очајна сиромаштија која тогаш го погодувала народот кој живеел во Кабилија и бил прилично гласен против колонијалното владеење. Во август 1944 година, некаде околу периодот на ослободување на Париз, тој пишувал едиторијали за весникот „Комбат“.
Сепак, една декада подоцна, реалноста на животот на Ками била полна со зголемена општествена и политичка изолација. По неговото горчливо прекинување на односите со Сартр во 1952 година, во врска со „Бунтовникот“ – неговиот контроверзен есеј кој зборувал дека и национал-социјализмот и комунизмот се примери за државен терор, ситуацијата во Алжир која се распламтила до степен на воена состојба во средината на 50-тите години на 20 век, била уште еден поттик за очај.
Како некој кој силно бил поврзан со францускиот Алжир, Ками се чувствувал значително онеспособен како писател. Тој пресушувал. Сепак во јавноста сѐ уште можел да прави пишувањето да изгледа како најлесна работа на светот. Во едно интервју во 1959 година, годината пред неговата смрт во сообраќајна несреќа, тој се навраќал на техниката која ја користел во „Странецот“: „…откако го открив трикот, сѐ што требаше да правам е да пишувам.“
