Стивен Кинг е еден од најпознатите модерни писатели и се смета за „мајстор за хорор книги“. Неговите книги се многу популарни, но и многумина режисери сакаат да ги екранизираат неговите книги, иако тоа досега се покажало како тешка задача. Самиот Стивен Кинг секогаш го кажува своето мислење за екранизациите, а најпознато е она мислење за филмот „Сјаење“, кој иако се смета за еден од најкултните хорор филмови, Кинг никогаш не го засакал и до ден денес смета дека тој филм е лоша екранизација на неговата книга.
Тој отсекогаш бил интересна личност за јавноста, а по 56 издадени книги и околу 200 кратки приказни, тој е еден од најплатените писатели во светот. Во едно интервју за „Варајети“, Стивен Кинг зборува за неговото мислење за екранизациите, кои од неговите дела би сакал да ги види на големото платно, но она што е поинтересно е што зборува и за работите кои го плашат, што е исклучително интересно имајќи предвид дека тој „обожава“ да ги плаши своите читатели и тоа веќе со децении.

Еве дел од интервјуто:
В: Голем дел од Вашите дела се екранизирани: Што мислите дека е потребно за добра екранизација?
СК: Мислам дека е добро кога се држат до оригиналната приказна, затоа што тоа го купиле. Не сакате да мислите дека го купиле делот за лансирање, но не и целата ракета. Јас работам многу напорно и сакам луѓе кои работат напорно. Сакам луѓе кои се креативни, кои се визуелни и кои професионално се однесуваат и имаат уметничка жичка.
В: Дали има некои Ваши дела чии екранизации би сакале да ги видите?
СК: Ох. Претпоставувам „Приказната на Лизи“. „Приказната на Лизи“ е омилената моја книга и би сакал да се оствари тоа, особено сега кога има отвореност кон „стриминг“ на телевизија, па дури и на кабловските канали. Сега има поголема слобода да се создаваат работи и кога правите екранизација на книга, има една работа која јас ја нарекувам синдром на „седење врз куферот“.
Тоа е кога се обидувате да ги спакувате сите алишта одеднаш и куферот не може да се затвори, па едноставно седнувате врз него, се додека не се затвори. И понекогаш кога ќе падне на лентата за куфери, одеднаш се отвора и сиот нечист веш се расфрла насекаде. Затоа е тешко да се земе книга која е целосно напишана и во неа се функционира и да го сведете тоа на 2 часа и 10 минути. Но, со телевизиското шоу имате 10 часа и секогаш ја имате можноста да направите нешто како „Приказната на робинката“, а тоа е прекрасно.
В: На кој начин еволуираше Вашиот процес на пишување низ текот на годините?
СК: Има уште време, но сега сум постар и ја немам истата енергија која ја имав кога бев помлад, но кога работам на некоја приказна, сѐ уште работам по 3 – 4 часа дневно, седум дена во неделата. А кога не работам, не знам што да правам со себе. Едноставно ја следам жена ми низ куќата сѐ додека не ми каже: „Добро, зарем немаш ли попаметна работа?“
В: Постои ли нешто од коешто се плашите?
СК: Уф, да! Се плашам од летање со авион, затоа што се чувствувам како да немам контрола. Се ближам до 70-тата година, па се плашам од болести како Алцхајмер, деменција, такви работи. Не сакам бубачки, не сакам лилјаци и не сакам работи кои се прикрадуваат и кои лазат. Со исклучок на змиите, некако тие не ме вадат од памет. Но, се плашам од луѓе како Брејди Хартсфилд (негативец од книгата „Господин Мерцедес“ на Стивен Кинг, кој е тежок психопат, м.з), тие навистина постојат. И секогаш кога имам јавен настап, тоа ми паѓа на ум. Ќе помислиш на некој како Марк Дејвид Чепмен (обожавателот кој го уби Џон Ленон, м.з) и мислиш можеби некој те чека со нож. Но и тоа е дел од животот.
Остатокот од интервјуто прочитајте го тука.
.
