Подемот на дистописките книги: Од советските дисиденти до Мураками!

Во последниов период, Џорџ Орвел се враќа во мода. Ова е далеку од она што се случуваше во 2014 година, кога „Гардијан“ дебатираше околу тоа дали „1984“ е добра или лоша книга. На почетокот на 2017 година, „1984“ се врати на сите топ-листи на најпродавани книги. Тоа со себе повлече и повторно зголемување на продажбата на останатите дистописки книги како „Храбар нов свет“, „Тоа не може да се случи тука“, а продажбата на „Приказната на робинката“ во 2016 година се зголеми за 30%.

Овие дистописки класици сега повторно се препрочитуваат, иако и во модерната поп култура сме навикнати на дистописките книги како жанр (на пример „Игри на гладните“). Сепак, дистописките книги, онакви какви што ги знаеме, во својот целосен тоталитарен сјај, самите по себе се релативно нов феномен. Пред 1900 година, единствено британскиот сатирист Џонатан Свифт пишувал книги што би можеле да ги наречеме дистописки. И тоа со едно око затворено. Па оттаму се поставува прашањето, кога дистопиите и дистописките теми влегле во модерната книжевност? И има ли некаков шаблон поврзан со нивниот подем и пад низ текот на годините?

1-oAI93CSF1kZiLCbbm0SRgg

Потекло

Прво постоеше концептот за утопија, односно јинот на дистопискиот јанг. Утопијата како концепт се појавила од умот на сер Томас Мор, кој ја напишал книгата „Утопија“ во 1516 година. Иронијата лежи во тоа што Мор имал сериозни сомнежи за постоењето на утопиите. Самиот збор предизвикува различни толкувања, бидејќи може да потекнува или од грчкиот збор u-topos, што значи „место што не постои“ или од eu-topos, што значи „добро место“. Мор сметал дека такво добро место воопшто не наликува на она што ние го знаеме, па затоа и не може да постои.

Ако утопијата е место што е премногу добро за да постои, тогаш дистопијата е место што дефинитивно не сакаме да постои.

Денес можеме да ја дефинираме дистопијата како „замислено место или држава каде сѐ е непријатно или лошо, најчесто со тоталитарно уредување или место што еколошки е уништено“ (OED, 2017). Се смета дека Џон Стјујарт Мил првпат јавно го искористил овој збор во 1868 година. Во еден говор во Парламентот, Мил рекол: „Можеби преголем комплимент е да ги наречеме утописти, наместо тоа, треба да ги нарекуваме дис-тописти или како-тописти“. Но, овој збор и самата идеја за дистопијата почнале да влегуваат во јавната свест дури 50 години подоцна, кога писателите си го присвоиле зборот.

20-ти, 30-ти и 40-ти години на 20 век: Дефинирање на жанрот

Можеби има логика во тоа што модерниот дистописки роман се појавил некаде на почетокот на 20 век. Тоа било време на политички немири и глобална нервоза, а се наближувале и двете светски војни. Се вели дека романот „Железна потпетица“ на Џек Лондон од 1908 година е вистинско неверојатно пророштво за претстојните меѓународни тензии кои ќе ја предизвикаат Првата светска војна. Сепак, дистопискиот роман станува подефиниран жанр со објавувањето на книгата „Ние“ од Евгениј Замјатин во 1921 година.

Пред „Ние“, романите за „идеалното“ општество (со исклучок на книгите на Х.Џ.Велс и Лондон) најчесто завршувале утописки. По „Ние“, жанрот добива мрачен пресврт (или светол, во зависност од тоа кој како гледа на работите). „Ние“ ги поставува елементите врз кои подоцна ќе се темелат сите дистописки романи. Тука секако се вклучени и мачните, нејасни краеви и тоталитарна влада која излегува од контрола.

Исто така е важно и да се забележи дека книгата на Замјатин значително влијаела врз две книги кои и до ден денес се предводници на овој жанр: „1984“ на Орвел и „Храбар нов свет“ на Одлос Хаксли. И двете книги се напишани во сенката на светска војна. Двете книги имаат предвидено уште помрачна иднина. Иако световите во овие две книги значително се разликуваат и различни биле влијанијата од кои Хаксли и Орвел се плашеле.

1-gBaQji82kaFfncZfXYztAA

Според критичарот Нил Постман:

„Орвел се плашел од оние кои би ги забранувале книгите. Хаксли се плашел дека воопшто не би имало причина да се забрани книга, затоа што никој не би бил заинтересиран да прочита некоја книга. Орвел се плашел од оние кои би нѐ лишиле од информации. Хаксли се плашел од оние кои би ни давале толку многу информации што на крај би нѐ свеле на пасивност и себичност. Орвел се плашел дека вистината ќе биде скриена од нас. Хаксли се плашел дека вистината би се удавила во морето од неважни информации. Орвел се плашел дека ќе станеме заробена култура. Хаксли се плашел дека ќе станеме тривијална култура, преокупирана со апчиња, оргии и кученца. Накратко, Орвел се плашел дека она од што се плашиме ќе нѐ уништи. Хаксли се плашел дека нашите копнежи ќе нѐ уништат.“

Основата на жанрот била поставена и покрај разликите. Во овој ран период на дистопискиот жанр, можеме да ги видиме темите со кои сите идни романи ќе продолжат да се опседнуваат: политичкиот капитал, значењето на слободната волја и можеби најважно од сѐ, стравот од државата и неконтролираната моќ на власта.

Најважни дистописки романи од овој период:

Храбар нов свет

Во колосално застрашувачката визија на Хаксли, луѓето ги обожаваат властите кои ги уништуваат нивните капацитети за размислување.

1984

Додека дистопијата на Хаксли се заснова на богатство и задоволство, „1984“ на Орвел е сив тоталитаризам и претставува детално истражување на набљудувањето и следењето од страна на власта, информациите и значењето на слободата. Орвел го создаде концептот за Големиот брат.

Ние

Иако често оваа книга се заборава и многумина сосема го превидуваат фактот дека Евгениј Замјатин е всушност таткото на модерните дистописки романи, оваа книга всушност е инспирацијата за двете најпознати и најдобри книги на оваа тема: „1984“ и „Храбар нов свет“.

Тоа не може да се случи тука

Се работи за полусатиричен роман кој повторно стана популарен во 2016 година. „Тоа не може да се случи тука“ е роман напишан во 1935 година и предвидува фашистичка Америка на чие чело е диктатор.

50-ти и 60-ти години на 20 век: Војна и технологија

Океј, во овој период веќе сме надвор од Втората светска војна. Или барем така мислиме. Време е да земеме здив. Сигурно повоениот оптимизам значи дека писателите малку ќе се расположат, зарем не?

Хм, овој график на „Гудридс“ вели НЕ!

0-rPFXJyTY0nekdEPM-

Тогашната политичка состојба ги поттикна повеќето од дистописките теми кои се појавија по завршување на војната. Втората светска војна ги подгреа стравовите за Трета светска војна и апокалипси (Види: „Пијаното кое свири“ на Курт Вонегат од 1952 година и „Претпоследната вистина“ на Филип К. Дик од 1964 година). Иако мораме да правиме разлика помеѓу апокалиптични и дистописки романи, сепак понекогаш има преплетување кога се вклучени општества пред распаѓање и нивните влади.

Сосема случајно, токму во овој период писателите почнале да стануваат сомничави кон технологијата. Некои од технолошките изуми во ова време ги вклучувале:

  • создавање на Туринговиот тест (тест за интелигенцијата на компјутерите)
  • создавањето на Спутник I
  • создавањето на првиот персонален компјутер

Како резултат на ова, дистописките романи почнуваат да ги вкрстуваат патиштата со научната фантастика, како што бил случајот со книгата „Дали Андроидите сонуваат електрични овци?“ од 1968 година.

Откако биле сведоци на војната, писателите особено биле загрижени за способноста на тоталитарните влади да ја контролираат уметноста. Еден од најпопуларните примери за тоа е „Фаренхајт 451“, роман кој многу живо ни ја пренесува можноста за иднината во која книгите горат. За иронијата да биде поголема, „Фаренхајт 451“ сѐ уште е забранета во некои училишта во САД.

Најважни дистописки романи од овој период

Пеколен портокал

Перењето мозок на еден исклучително насилен млад човек му ја дава можноста на Ентони Бурџес да го постави прашањето: „Дали е подобро човек да избере зло или доброто да му биде насила наметнато?“

Пијаното кое свири

Сите тие текстови на интернет за тоа како машините ќе ја преземат иднината не се ни приближно толку морничави како „Пијаното кое свири“ на Курт Вонегат, книга која зборува за едно класно поделено општество по Третата светска војна.

Направете место! Направете место

Ова е еден класик кој зборува за пренаселеноста. Дејството се случува во Њујорк кој е уништен од криминал, има недостаток на храна и владата создава порции од мистериозна состојка наречена „Сојлент грин“.

Фаренхајт 451

Се прашувате зошто токму овој наслов? Тоа е температурата на која гори хартијата од книгите. Во светот на Реј Бредбери, сите книги се забранети и изгорени.

Сонуваат ли андроидите електрични овци?“

Ова е книга во која еден човек сè почесто размислува за разликата помеѓу луѓето и андроидите што тој мора да ги убие. Оваа книга е инспирацијата за филмот „Блејд ранер“ од 1982 година.

f45102

70-ти и 80-ти и 90ти години на 20 век: Корпорации и отруени тела

Иако бројот на дистописки романи во 70-тите години се намалил, сепак варијациите во жанрот се прошириле. Ако жанрот ги одразува нашите стравови, тогаш во 70-тите гледаме дека јавноста полека го надминува постојаниот страв од војна и преминува во истражување на нови полиња. Еколошките кризи најчесто доминираат во овој период (Законот за чист воздух во САД е донесен во 1980 година), додека зачестените рекламирања, сомнежите за телото и економската стагнација влијаеле за создавање нова ера на цинизам.

Тоа бил катализатор за нови дистописки класици кои го одвеле жанрот во нови и брилијатни насоки.

„Приказната на робинката“, книга во која телата на жените се само репродуктивни машини, го потресе светот кога првпат излезе на светската книжевна сцена.

Сајберпанкот се родил од книгата „Невромансер“ на Вилијам Гибсон од 1984 година.

Во голем дел од дистописките книги, приватните корпорации станале извор на репресија и државен непријател број 1, заедно со тоталитарните влади. Еден од најпознатите такви примери е „Снежен пад“ на Нил Стивенсон.

Во меѓувреме, црната сатира станува уште поистакната во овој жанр, а главен предводник на овој тренд е Хозе Сарамаго со своите две книги, „Слепило“ и нејзиното продолжение „Прогледување“. И двете книги во голема мера користат сезнаен наратор во трето лице.

Една од најпопуларните книги од овој период е „Давачот“ од Луис Лоури, издадена во 1994 година и тоа без голема помпа. Малечка книга за една заедница од иднината во која повеќе не постои болка, оваа книга стана многу популарна за младите читатели, уште пред тоа да стане голем тренд. Ова е важно поради она што ќе се случува во наредната декада…

Најважните дистописки книги од овој период:

Давачот

„Свет без боја – прекрасно!“
Ова е нешто што најверојатно никој никогаш не го кажал. Сепак, во оваа книга, општеството го прифаќа тоа и оваа книга ни покажува свет кој е полн со исти работи и луѓе, а тоа е всушност скриена дистопија.

Птица-подбивница

Оваа книга зборува за последната желба на еден робот во свет во кој луѓето ниту знаат, ниту пак сакаат да читаат.

Слепило

Сарамаго користи наратор во трето лице и целиот тој е сèприсутен со цел да го создаде ова морничаво дело кое ќе ве натера да размислувате за општество во коешто слепилото се шири како епидемија.

Неуромансер

Дистопискиот свет кој го гледаме во оваа книга е всушност еден од првите кои нѐ запознава со сајберпанкот и книга која на Вилијам Гибсон му донесе многу награди.

Приказната на робинката

Оваа дистопија се темели на родова дискриминација. Оваа книга ги вадеше од памет читателите многу пред да излезе нејзината екранизација во вид на телевизиска серија.

dystopias

Новиот милениум: Предадената младина

Денес, дистописките романи највеќе се поврзуваат со жанрот за млади (young adult, м.з) Книжевните дистописки серијали за млади како „Лавиринтот: Невозможно бегство“, „Дивергенти“, „Подготвен ли си Играч број еден?“ и уште многу други, доминираат на полиците во книжарниците, а Холивуд не може да престане да прави нивни екранизации и притоа многу добро заработува од тоа. Само за пример, филмовите „Дивергентно“ заработија околу 700 милиони долари на светско ниво.

Како стигнавме дотука? Во голем дел поради „Игри на гладните“, бидејќи трендот кој го започна „Давачот“, експлодираше со објавување на серијалот на Сузан Колинс. Во дистописките романи, младите читатели можат да пронајдат голем број на теми во кои се пронаоѓаат: прашања за себеоткривање,  теми за тоа како една личност се бори против целиот ужасен свет.

Сѐ на сѐ, се вели дека подемот на дистописките романи по 2000 година е всушност симптом на сите стравови кои ги предизвика терористичкиот напад врз Светскиот трговски центар кој се случи на 11.09.2001 година и сите страшни геополитички настани кои следеа потоа.

Но, сепак, „Игри на гладните“ успеа да промени многу делови од играта. Во еден есеј, „АВ клаб“ вели:

„Давачот“ доаѓа од она што изгледа дека е изгубена традиција во дистопиското раскажување. Порано беше сосема во ред генетиката да го поттикне поединецот да се ослободи од општествената хомогеност и да избере да избега од репресијата и да отиде во побезбедна заедница. Сега, бегањето не е доволно, дистописко-трилерските протагонисти мора да научат брутални воени тактики и да започнат насилство коешто ќе ја сруши тиранијата и тоа преку исклучително крвави сцени.

Освен тоа, во денешните дистописки романи, влоговите се поголеми од кога било. Продолжувајќи ја гордата традиција, тие продолжуваат да ја бранат дефиницијата за дистопијата: најлош можен свет. Но, секој од нив (понекогаш) нуди кратко, сјајно уверување дека таквиот свет може да биде поправен. И сега, повторното зголемување на продажбата на книги како „1984“ и „Храбар нов свет“, покажува дека голем дел луѓе продолжуваат да се вртат кон овој жанр, сѐ со цел да добијат некаква утеха и одговори.

Истакнати дистописки романи од овој период:

Игри на гладните

Се работи за книжевен серијал за кој не е потребна некаква посебна најава. Освен ова: Среќата нека е со вас додека ја читате.

Подготвен си, играч број еден?“

Оваа книга доби неколку награди и дефинитивно ќе ве држи на работ од вашето столче.

1Q84

(Не)Случајно, има само една разлика во бројки меѓу 1984 и 1Q84. За оваа книга еднаш рекоа дека е дистопискиот роман кој ќе ги уништи сите дистописки книги и се работи за едно од најбрилијантните дела на Мураками.

Многу тажна и вистинита љубовна приказна

Во позадината на оваа љубовна романса помеѓу Американка со корејско потекло и син на руски имигрант, Америка се движи на работ на економски колапс, а конзумеризмот се заканува дека ќе ги преплави сите.

Грдички

Кој вели дека сте грди? Оваа книга. „Грдички“ обрнува големо внимание на пластичната хирургија. Во оваа иднина, во моментот кога ќе наполните 16 години, ве подложуваат на операција за да ве направат убави.

Извор.

Leave a comment