Поминаа повеќе од 200 години откако „Гордост и предрасуди“ се појави на книжевната сцена. Поминаа повеќе 20 години откако Колин Фирт маестрално го оживеа горделивиот господин Дарси на малите екрани и повеќе од 10 години откако Кира Најтли и Метју Мекфаден ги крадеа воздишките од публиката, гледајќи ја нивната романса на големото платно.
„Гордост и предрасуди“ е еден од најдобрите романи во историјата на книжевноста. „Гордост и предрасуди“ е многу повеќе од обична љубовна приказна, се работи за книга која навлегува многу подлабоко во човековата природа, барем за оној кој сака да види.

Тоа е причината поради која луѓето се маѓепсани од приказната на Џејн Остин и причината поради која никогаш нема да им биде здодевно одново да гледаат различни екранизации. А сега, во најава е нова екранизација во вид на телевизиска серија и тоа од продукциската куќа која стои позади „Полдарк“, една од најпопуларните серии кои моментално се даваат на Би-Би-Си.
Иако датите и глумците сѐ уште се мистерија, сепак сценаристката Нина Рејн е веќе ангажирана да почне да работи на сценариото, а ова ќе биде нејзино прво сценарио за телевизија.
Во едно интервју за „Радио Тајмс“, таа изразила огромна почит кон романот и навестила дека нејзиното сценарио ќе биде малку помрачно од претходните. Таа вели дека наспроти популарните уверувања, оваа книга не е толку розева.
Иако ова е најновата екранизација, сепак сигурно нема да биде и последна. Демијан Тимер, човекот кој го води овој проект, вели: „Прекрасно е кога одново се разгледуваат класиците. На секоја генерација ѝ е потребна по една екранизација на овој прекрасен роман.“
Се разбира, она за кое сите нетрпеливо чекаат е сознанието кои актери ќе ги видиме во улогата на Елизабет Бенет и господин Дарси. Кои и да се, се надевам дека ќе направат одлична работа, но ќе им биде потребно и многу среќа, бидејќи обожавателите на Џејн Остин се многу заштитнички настроени кон нејзините ликови, особено кон Елизабет и Дарси.
