Република Македонија навистина може да се пофали со раскошни книжевни таленти. И со цел да се сеќаваме на нив, најубав начин за оддавање почит е преку споделување нивни мисли, песни и делови од нивното творештво. Како што напоменав пред некое време, освен македонската поезија којашто редовно ја споделувам на блогот, одвреме-навреме споделувам и убави прозни извадоци и мисли од македонски романи.
Петре М. Андреевски досега неколку пати се појавил на овој блог, пред сѐ заради неговата волшебна поезија која не престанува да воодушевува и маѓепсува. Денес на блогот решив да споделам извадок од неговиот роман „Тунел“, издаден во 2003 година. Се работи за една прекрасна мисла, која препрочитувајќи го романот повторно ми падна во очи и сметав дека заслужува да биде споделена.
Уживајте!
„Не знам кој направил, но беше било така направено: секој да си одбере една страна во животот. Всушност, таа страна друг ни ја одбира, но сите ја засакуваме како сопствен избор. И едни стојат на едната страна, а другите – на другата. И не знаеш кој стои на погрешната страна. А не знаеш, зашто сите мислат дека се на вистинската. И се гледаат така, сите од својата страна се гледаат. И се мразат и со омразата што ја имаат и кон себеси. Така и се презираат, така и си завидуваат или само се клеветат. А можеби се љубат?“

