На 18 јули 2017 година, се одбележаа 200 години од смртта на една од најдобрите писателки на сите времиња, саканата Џејн Остин. На 18 јули 1817 година, Џејн Остин го напуштила овој свет поради мистериозна болест која ја покосила кога имала само 41 година.
Но, зарем има некој кој сепак е толку жив?
Два века по нејзината смрт, омилената британска писателка која ни ги подари Елизабет Бенет и господин Дарси, сѐ уште e жива и присутна помеѓу нас. Наместо да избледи како античка англиска роза која се претворила во прав, Остин останува робустна, почитувана, читана ширум светот, славена и повторно обновена преку модерните писатели, миленичка на Холивуд и БиБиСи. Човек може да каже дека Остин самата по себе е светски бренд.

Писателката која многумина ја нарекуваат и „стара мома“ е жената која успеа да на прекрасен начин да ни донесе златна мудрост за бракот, парите, општеството, љубовта и будалаштините на човековата природа. Според Паула Бурн, британска писателка која ја проучува Џејн Остин и која ја издаде книгата „Генијалноста на Џејн Остин: Нејзината љубов кон театарот и зошто функционира во Холивуд“, вели:
„Колку повеќе ја препрочитувам и колку сум постара, толку сум поубедена во нејзината генијалност. Има нешто Шекспирско во неа. Секојпат кога ја читате, може да забележите некоја реченица која ја немате видено претходно.“
Бурн исто така има напишано и биографија за Џејн Остин која се вика „Вистинската Џејн Остин“.
Куртис Ситенфилд, авторка на бестселерот „Слободен“, модерна верзија на „Гордост и предрасуди“ сместена во Синсинати во ерата на реалните шоу-а, смс пораки и секс без обврски, вели дека ги обожава сите книги на Џејн Остин, но омилена ѝ е „Гордост и предрасуди“.
„Тоа е книга во која сите нејзините таленти совршено се вклопуваат: Интелигентниот развој на ликовите, забавните дијалози, заплет со вистински моментум, романтична/сексуална тензија, анализа на општеството“.
Ситенфелд поминала две прекрасни години истражувајќи ја „Гордост и предрасуди“ за да ја создаде својата модерна верзија. Таа вели: „Мислам дека најголем комплимент за еден писател е тоа што твојата книга е толку жива, што луѓето сѐ уште зборуваат за неа и по 200 години“.
Зошто во 2017 година сѐ уште ни е толку драга и омилена? Зошто токму таа го издржува тестот на времето?

Таа е модерна
Кејтлин Флин, писателка и уредничка во „Њујорк Тајмс“, вели: „Иако таа не е модерна на многу начини, бидејќи нејзиниот свет е многу поинаков од нашиот, сепак сите имаме чувство дека таа ја брише разликата помеѓу нејзиното и нашето време. Ние имаме чувство дека таа седи баш тука со нас. Таа има толку добар увид во човековата природа и човек има чувство дека таа навистина ги разбира луѓето.“
Ситенфилд од друга страна се надоврзува на ова и вели: „Нејзините теми се безвременски. Нејзините ликови се грижат за економската сигурност, се грижат за пронаоѓање љубов, а тоа се безвременски грижи. Тие се грижат и за нивните односи со нивното семејство.“
Таа е феминист
Остин ги препознава ограничувањата во животите на жените во 18 век, но нејзините хероини не се нежни цвеќиња. Сиромашната Елизабет Бенет ја одбива првата понуда на богатиот господин Дарси пред да сфати дека била заслепена од сопствените предрасуди. Бурн вели: „Нејзините хероини прават грешки, ги признаваат своите грешки и постојано созреваат.“
Остин никогаш не зборува за тоа колку е лошо да се биде жена, но таа верува дека односите помеѓу мажите и жените треба да бидат рамноправни. Таа ја одбива идејата дека жените се понизок слој од мажите. Во „Гордост и предрасуди“, Елизабет вели: „Тој е џентлмен, јас сум ќерка на џентлмен, засега ние сме еднакви.“
Таа е гениј за комедија
Духовитоста на Џејн Остин секогаш била потценета и незабележлива и таа всушност е реалист и анти-сентименталист, иако сите мислат дека е романтична.
Таа многу успешно се служи со иронијата. Всушност, во ниту една книга не постои вистински среќен крај. Секогаш остануваат прашања кои треба да се одговорат. Таа му дозволува на читателот да исмева одредени ликови, а потоа да направи искрено да навивате за нив.
Таа е старомодна
Иако ја сметаме за модерна, сепак за многумина обожаватели, таа нѐ пренесува во време кое било поелегантно, поромантично, со повеќе правила. Поради екранизациите, кај луѓето се создава слика која ја поврзува Џејн Остин со нежност, англиските села и кочии. Но, кога всушност ќе се сетиме на Англија од тој период, знаеме дека реалноста не била толку розева.
Голем дел од нејзината привлечност е идејата за самоконтрола. Луѓето денес имаат секс уште на првиот состанок, човек може отворено да критикува некого. А во светот на Џејн Остин постоеле толку многу правила кои човек морал да ги следи, особено во светот на чувствата и во однос на тоа што можете да кажете на глас. Нам тоа ни е привлечно затоа што не се соочуваме со тие ограничувања и затоа тој свет е толку интересен. Во свет кој е пренатрупан со секс и насилство, таа претставува свет во кој има пристојност, морал и правила на однесувања.

Господин Дарси, Господин Дарси, Господин Дарси!
Колин Фирт е еден од најзаслужните луѓе на планетава за тоа што господин Дарси е совршениот маж за толку многу жени. Неговата совршена изведба на улогата на господин Дарси во мини-серијата на Би-Би-Си во 1995 година, направи жените ширум светот да сонуваат за сопствен господин Дарси.
Иако господин Дарси е горделив и нема баш најдобра способност за комуникација, сепак е вистински џентлмен, кој има морал, почитување и кој е способен да ги признае своите грешки и да застане во одбрана на жената која ја сака и покрај тоа што таа (начелно) му вели дека не може да го поднесе.
Таа починала млада и оставила зад себе само шест книги
Се претпоставува дека Адисоновата болест е она од што починала Џејн Остин, иако нејзината смрт сѐ уште не е докрај разјаснета. Она што го знаеме е дека починала на 41 година.
Целиот книжевен свет и нејзините обожаватели жалат што таа не напишала повеќе романи. Сите замислуваме до каде би одела нејзината генијалност. Флин вели: „Се прашувам дали би била изненадена од нејзината популарност. Дали навистина знаела дека е толку добра? Таа не била толку популарна додека била жива. Таа постојано ги прашувала своите пријатели и семејство за своите дела.“
Од една страна била сосема нормален човек, а од друга страна била гениј!
