Господин Дарси е еден од најпопуларните книжевни ликови на сите времиња. Горделивиот човек кој ги сфаќа своите мани и се труди да ги отстрани поради жената која ја сака е предмет на воздишки кај многу жени. „Гордост и предрасуди“ на Џејн Остин е еден од најголемите класици на сите времиња, а господин Дарси има голем удел во тоа, имајќи предвид дека и по 200 години, жените сѐ уште сонуваат да го најдат својот господин Дарси. Се разбира, кога човек чита книга, секогаш самиот си замислува како би изгледале ликовите во неа. Она што е уште поспецифично за „Гордост и предрасуди“ е тоа што поголемиот дел од луѓето го замислуваат господин Дарси како Колин Фирт.

Колин Фирт го глумеше господин Дарси во мини-серијата „Гордост и предрасуди“ во продукција на БиБиСи во 1995 година и оттогаш тој стана симбол за господин Дарси. Дури и тој самиот се шегува за тоа и во една прилика изјави дека ако утре тој слета на Месечината, медиумите ќе напишат дека господин Дарси слетал на Месечината. Затоа и воопшто не изненадува фактот дека повеќето луѓе кога мислат на господин Дарси и на тоа како би изгледал, веднаш си го замислуваат нешто налик Колин Фирт. Но, група научници и академици открија како тој би изгледал и господин Дарси од романот „Гордост и предрасуди“ воопшто нема физички сличности со Колин Фирт.
Групата истражувачи предводени од Џон Сатерленд, професор по модерна англиска книжевност, и Аманда Викери, професорка по рана модерна историја, биле ангажирани да навлезат подлабоко во романот на Џејн Остин (кој дава многу малку информации за изгледот на Дарси), нејзините љубовни врски (кои често биле инспирација за нејзините дела) и модните стандарди во тоа време за да ја создадат првата историски точна слика на еден од најпознатите книжевни ликови на сите времиња. Конечната слика е создадена од познатиот уметник Ник Хардкасл.
Дали сте подготвени?
Еве како всушност би изгледал господин Дарси:

Изгледа сосема различно од Колин Фирт, нели? Вистинско изненадување!
Според тимот кој ја создал сликата, господин Дарси би имал околу 180 сантиметри и би имал долго овално лице, мала уста, шпицеста брада и долг нос. Тој би бил прилично блед и би имал тенки закосени рамена и неговата коса би била бела и напудрена.
Џон Сатерленд вели: „Во „Гордост и предрасуди“ постојат само делчиња и многу малку информации за тоа како изгледал Фицвилијам Дарси. Тој е еден од најмистериозните и најпосакуваните главни ликови на сите времиња. Она што е исклучително во пишувањето на Џејн Остин е тоа што господин Дарси истовремено е типичен маж од тоа време, но истовремено е и безвременски. Нашето истражување за телевизискиот канал Драма покажува како самата Џејн Остин го замислувала господин Дарси, но секако книжевноста секогаш остава простор самите читатели да си создадат сопствен господин Дарси и да ги вметнат сопствените фантазии во приказната.“

Аманда Викери на ова се надоврзува и вели: „Господин Дарси е класика, познат по својот добар изглед, шарм и мистериозност. Со оглед на тоа кога ја напишала книгата, нашиот портрет на господин Дарси ги одразува главните физички карактеристки на мажите во тоа време. Мажите ги напудрувале своите коси, имале потенки вилици и дефинирани и мускулести нозе кои се сметале за многу привлечни. Тоа е сосема спротивно од Колин Фирт и нашата денешна замисла за господин Дарси. „Вистинскиот господин Дарси“ открива дека во модерните времиња господин Дарси бил направен за да биде посекси за модерната публика и истовремено му е дадена „турбо инекција од тестостерон и жешка романса“.
На видеото подолу можете да слушнете и видите нешто повеќе за проектот:
