Романот „Бесови“ од Достоевски има специфична политичка подлога која донекаде го издвојува од останатите романи на Достоевски: се зборува за правецот на движење на новото време, за конфликтот помеѓу „западњаците и „народњаците“, за политичкиот и морален нихилизам.
Меѓутоа, Достоевски не би бил тоа што е кога романот би го ограничен само на неговиот историски контекст. Во книгата темелно се истражува психологијата на јунакот, мотивите на човечкото однесување, причините и последиците на човечките постапки, апсурдноста и парадоксалноста на животот, судирот помеѓу генерациите, самоубиството.

Албер Ками го изградил својот „Мит за Сизиф“ токму со помош на овој роман на Достоевски, а особено со помош на ликот Кирилов. Џојс Керол Оутс го опишала романот „Бесови“ како „најзбунувачкиот и најнасилниот роман на Достоевски“. Многумина од проучувачите на делата на Достоевски го гледаат овој роман како најдобро негово дело. Не треба ни да се споменува за влијанието на „Бесови“ врз подоцнежната книжевност.
Интересната е историјата на едно од поглавјата во романот. Имено, поглавјето „Кај Тихон“ морало да биде исфрлено поради контроверзноста, но подоцна сепак било вратено назад и денес им е достапно на читателите. Во ова поглавје, главниот лик со ѓаволски карактер, Ставрогин, се исповедува за своите гревови. Тој признава дека обесчестил едно девојче кое поради тоа подоцна се обесило. Познавачите на делата на Достоевски ќе се сетат на Свидригајлов од „Злосторство и казна“ кој исто така ја направи истата работа: натера едно девојче да го „убие Бог во себе“.
На почетокот од романот има цитат од Библијата, односно од Новиот завет во кој се зборува за тоа како Исус Христос ги истерал бесовите и злите духови од луѓето кои потоа влегле во група диви свињи кои потоа скокнале во вода и се удавиле. Оттука и името на романот, оттука и мотивот кој се провејува низ целото дело.

Злите души и нечистите сили во нас
„И сите демони го молеа, велејќи му: прати нѐ во свињите, во нив да влеземе. И Исус им дозволи во истиот момент да влезат. И излегувајќи, нечистите духови влегоа во свињите: и крдото навали од брегот кон морето. Беа околу 2000 и се удавија во морето.“
„О пријатели мои! – понекогаш ќе викнеше во занес – не можете да замислите каква тага и лутина ја обземаат вашата душа кога некоја голема идеја, која одамна ја почитувате како светост, ќе ја дофатат невешти луѓе и ја извлекуваат на улица пред глупаците кои се исти како нив и одеднаш ја наоѓате на пазарите кај старците, во нечистотијата, наопаку наместена, без пропорција, без хармонија, како играчка на неразумно дете – и не можете веќе да ја познаете!“
„Ако една потполно безначајна личност поставите да продава некакви бедни карти за воз и таа беда веднаш ќе почне да мисли дека има право на вас да гледа како да сте Јупитер секогаш кога ќе отидете да купувате карти.“
„Потполна слобода ќе има тогаш кога ќе биде сеедно, да се живее или да не се живее.“
„Животот е болка, животот е страв и човекот е несреќен. Денес сѐ е болка и страв. Денес човекот го сака животот, затоа што ги сака болката и стравот.“
„Кој ќе ја победи болката и стравот, тој самиот ќе стане Бог.“
„Сега секој може да направи да не постои Бог и ништо да не постои. Но, сѐ уште никој го нема направено тоа.“
„Пријателе мој, правата вистина секогаш делува неверојатно, го знаете ли вие тоа? За вистината да делува поверојатно, задолжително мора да ѝ се додаде и некоја лага. Луѓето секогаш така и правеле.“

„Оние кои умеат добро да говорат, кратко говорат.“
„Човекот е несреќен затоа што не знае дека е среќен, само затоа.
„ – Потребно е навистина да се биде голем човек за да пружи отпор на здравиот разум.
– Но, исто така и будала.“
„Во матното време на двоумење или важни промени, секогаш и секаде се појавуваат разноразни безвредни луѓе. Не зборувам за таканаречените „предводници“ кои секогаш итаат пред сите (тоа им е главна грижа), иако многу често со многу глупави, но сепак повеќе или помалку, одредени цели.
Во секое минливо време, на површина избива лошотилукот кој постои во секое општество, но не само што постои без никаква цел, туку и без никакво наговестување, мислите ги изразува самиот по себе со својата сила, немир и нетрпеливост. Меѓутоа, тој лошотилук, несвесно, речиси секогаш се наоѓа под командата на онаа мала група „предводници“ кои делуваат со одредена цел и таа група го тера цело тоа ѓубре онаму каде што сака, само ако таа не се состои од потполни идиоти, што во суштина исто така се случува.“
„И во највнимателните семејства растат девојки кои еден ден ќе мораат да танцуваат.“
„Во животот е најтешко да се живее, а не да се лаже… и… и да не се верува на сопствената лага, да, да, токму тоа!“
