Живееме во навистина динамично време во кое најголемиот дел од времето го поминуваме во брзање и трчање. Во овој брз живот, се чини дека и информациите ги добиваме и споделуваме бргу, а тука најголема улога имаат социјалните мрежи.
На сите ни е јасно дека поминуваме огромен дел од нашето време на социјалните мрежи. Според едно истражување на агенцијата „Медијакикс“, корисниците на Фејсбук, Инстраграм и Фејсбук Месинџер, дневно во просек поминуваат 50 минути на овие мрежи. Дополнително, корисниците трошат дополнителни 40 минути на Јутуб, 25 минути на Снепчет и една минута на Твитер. Кога сѐ тоа ќе се собере, излегува дека луѓето вкупно трошат 5 години и четири месеци од своите животи скролајќи низ социјалните мрежи.

Само помислете на тоа што сѐ би можеле да правите доколку го оставите вашиот мобилен телефон.
Според Чарлс Чу, кој пишува за Better Humans, би можеле да читате книги. И тоа многу книги.
Во една објава која беше споделена на Quartz, Чу вели дека тој чита 200 книги годишно поради тоа што добро го организира своето време и го ограничува своето време на социјалните мрежи.
Чу ја споделил својата математика со тоа што вели дека просечниот човек чита 200-400 зборови во минута. Во просек книгите имаат околу 50.000 зборови и кога тоа го помножил со 200 (број на книги кои би можеле да ги прочитате) и добил 10 милиони зборови. Потоа тоа го поделил со 400 прочитани зборови во една минута и потоа тоа го поделил со 60 минути за да открие дека потребни се 417 часа за да се прочитаат 200 книги.
Потоа тој тргнал од претпоставката дека луѓето трошат 608 часа на социјалните мрежи и уште 1642 часа гледајќи телевизија. Тоа значи дека вкупно трошиме 2250 часа на телевизија и социјални мрежи, а според Чу тоа може да значи дека всушност ние можеме да читаме и 1000 книги годишно.
Чу препорачува да најдете тивко место каде ќе се ослободите од сите оние работи кои ви го одвлекуваат вниманието и секој ден да читате. Потоа додава: „Еве ја едноставната вистина која лежи зад читањето книги: Не е толку тешко. Сите имаме време. Сѐ што ви е потребно за да почнете да читате повеќе е да земете дел од „празното време“ кое го користите за да дремете на Твитер или да гледате серија и да го претворите во време за читање.“
