Кои се фаворитите за Нобеловата награда за литература за 2017 година?

Објавувањето на добитниците на Нобеловата награда за книжевност е еден од најголемите настани во книжевниот свет. Минатата година целиот книжевен и останат свет беше потресен од неочекуваното доделување на Нобеловата награда на Боб Дилан, па затоа сите нетрпеливо очекуваат да видат со што ќе нѐ изненадат оваа година. За среќа не треба да чекаме уште долго, бидејќи на 5 октомври (четврток) ќе дознаеме кој е среќниот добитник.

murakamih

Како и секоја година, има многу шпекулации, озборувања, предвидувања за тоа кои се можните добитници оваа година. Ладброукс е една од најголемите веб-страни за обложување во Велика Британија и тие создадоа листа со можни добитници на овогодинешната Нобелова награда за книжевност. Навистина е многу тешко да се предвиди кој ќе ја добие наградата, особено поради тоа што кандидатите кои биле дел од процесот на одлучување се откриваат дури по 50 години по доделувањето на наградата. Тоа значи дека дури во 2067 година ќе дознаеме кои биле можните добитници и писател(к)и кои биле во потесниот круг.

Според Ладброукс, Нгуги ва Тионг’o, писателот од Кенија, (автор на „Дете, немој да плачеш“) моментално е најголемиот фаворит за добивање на наградата. Тионг’o е многу познат и влијателен писател поради неговото анализирање и пишување за британската колонизација на државите во источна Африка. Тој моментално е еден од најистакнатите професори по англиска и компаративна книжевност на Универзитетот во Калифорнија.

На второ место на листата фаворити е светски прочуениот Харуки Мураками, кој има многу обожаватели и читатели и во Македонија. Мураками е највлијателниот јапонски писател и еден од најпочитуваните писатели во светот. Веќе со години сите очекуваат тој да ја добие Нобеловата награда, но никако да ја добие. Некои луѓе на шега велат дека тој е Леонардо ДиКаприо во светот на книжевноста, алудирајќи на тоа дека и Леонардо со години мака мачеше да го добие Оскарот за најдобар актер. Лео го доби својот Оскар, па ќе видиме дали годинава и Мураками ќе го добие својот Нобел.

Она што е интересно е тоа што Мураками тврди дека нема некоја посебна желба да ја добие Нобеловата награда за книжевност. Во една прилика кога бил запрашан за тоа дека постојано го сметаат за можен добитник, тој изјавил: „Не, јас не ги сакам наградите. Тоа значи дека со вас е завршено.“

Ладброукс вели дека и Маргарет Атвуд е голем фаворит, ставајќи ја на трето место.

Во секој случај, за некој ден ќе се расчистат сите сомневања, а дотогаш тука можете да ја погледнете подолгата листа со фаворитите на Ладброукс.

Leave a comment