Што читаше Кафе и книги во септември?

Есента и официјално дојде и веќе длабоко е навлезена. Есента за мене е најпрекрасно годишно време. Свеж воздух, жолти лисја, кафе и книга покрај мене и јас сум најсреќната девојка на светот.

book-fall-girl-photography-reading-sitting-favim-com-64060

Со оглед на тоа дека започна октомври, време е за традиционалната месечна листа со прочитани книги за изминатиот месец. Без да должам многу, еве ги книгите кои ги прочитав во септември:

1 . Најмал отпор“ – Ада Дјоруп

706_8_22_16__11__4_2017216_23_46_13__10__4_2017screen20shot202017-04-1020at2013-43-45
Оцена: 2/5
Осврт: Ема живее нормален, досаден живот. Ема живее според правила и рутина. Ема живее со својот дечко кој сака да започне семејство со неа. Но, таа не е сигурна колку баш е возбудена од идејата да има бебе. Кога нејзиниот љубен оди во Австралија да работи, Ема добива време да размисли и да го преиспита својот живот. Откако нејзината покојна баба во наследство и ја остава летната куќа, Ема решава да истражи најразлични полиња од својот живот. Таа се запознава со еден богат брачен пар и тие се дружат одредено време. Но, дали и како ќе се одржи тоа пријателство и дали ќе прерасне во нешто повеќе?

За мене оваа книга беше малку пребавна и се чувствував како воопшто да не се ни поврзувам со неа – ниту со самата приказна, ниту пак со главниот лик. Ема генерално ми беше досаден и напорен лик и ништо во нејзините мисли не ме предизвика да навлезам подлабоко во целата приказна. Но, се работи за мала книга, па можеби вам ќе ви падне во око.

ИЗДАВАЧКА КУЌА: АРС ЛАМИНА

2. „Ако никој не зборува за скриените нешта“ – Џон Мегрегор

76_37_6_11__17__4_2012ako20nikoj20ne20zboruva
Оцена: 2/5
Осврт: Оваа книга е книга во која се влече паралела помеѓу сегашноста и минатото. Растргната од новите вести кои значително ќе ѝ го променат животот, главниот лик и нараторката во книгата преку флешбекови се навраќа во времето кога живеела во едно мирно соседство каде што сите се познавале меѓу себе. Во разговор со една стара другарка од соседството, таа се навраќа на спомените од тоа време, но и на ужасниот настан кој ги менува сите, особено неа. Во меѓувреме, гледаме и како животот си тече понатаму и ја согледуваме сегашноста.

Стилот на пишување е супер, убави описи, убаво напишано, но како и во претходната книга за која зборував, едноставно ништо не ме натера да се приврзам кон книгата. Но, сепак вреди да ѝ дадете шанса поради интересниот стил, кој е малку побавен, но има убави описи.

ИЗДАВАЧКА КУЌА: ТРИ

3. „Никогаш не го свртувај погледот“ – Линвуд Баркли

209_50_13_11__5__7_2017capture
Оцена: 4/5
Осврт: Како и секогаш, Линвуд Баркли знае да ве погоди во нерв. Едноставно човекот навистина си ја знае работата. Ако сте љубител на трилери, сигурно ви е познато името. Како и во претходните книги и тука тој успева да ви го задржи вниманието од почеток до крај. Плус има некаков лесен стил на пишување, па страниците сами си летаат.

Главниот лик во оваа приказна е Дејвид кој има проблеми со својата сопруга која е во депресија и му најавува дека има самоубиствени мисли. Но, сѐ чини дека сѐ е подобро и дека работите се подобри. И тогаш одат сите заедно како семејство во новиот забавен парк, но одеднаш неговата сопруга исчезнува. Потрагата по неа е темелна и целосна, но од неа ни трага ни глас. И сите докази водат кон тоа дека Дејвид е поврзан со нејзиното исчезнување, а тој е решен да докаже дека тоа не е точно.

Топла препорака!

ИЗДАВАЧКА КУЌА: МАТИЦА

Leave a comment