Како да го читате Мураками?

Харуки Мураками е еден од најпознатите и највлијателните модерни писатели. Веќе неколку години по ред сите очекуваат тој да ја добие Нобеловата награда за книжевност, но се чини дека секоја годинаа таа му се измолкнува од раце.

Денес на блогот можете да прочитате еден текст кој го најдов на страната „Култивиши се“. Се работи за еден прекрасен текст во кој се обработуваат клучните и најважни теми во делата на Мураками кои можеби ќе ви помогнат подлабоко да пронкикнете во неговите дела.

tumblr_niuj921bo81qzgp9uo1_1280

Психолошка фантастика

Мураками не пишува фантастика, иако често прибегнува кон користење фантастични мотиви со цел да појасни некои од внатрешните состојби и чувствата на своите јунаци. Токму благото влијание на надреалното во неговото едноставно проповедање го прави толку омилен помеѓу читателите.

Тој стил на пишување може да се нарече психолошка фантастика.

Воведувањето на фантастични ликови или благото отстапување од временскиот и просторниот континиум е нешто што се јавува во повеќе негови дела. Некогаш ни се чини дека сме во некој просторно-фантазмагоричен универзум на Ешер, а некогаш на панк начин нѐ вози низ повеќедимензионалните светови на новите технологии, задржувајќи ги старите мудрости.

Неговата жанровска неодреденост, односно допадливиот микс од крими-романи, научна-фантастика, Билдунгсроманот (роман за растењето и духовното созревање на јунакот) и магичниот реализам, комбинацијата на западната култура и јапонската традиција со дејството кое се случува во звучните квартови во Токио, дефинитивно со леснотија ќе го освои читателот.

Музиката како столб на романот

Музиката е многу важен дел од неговото творештво. Некои негови романи се дури и именувани по одредени песни како „Норвешка шума“ (Norwegian Wood – The Beatles), „Јужно од границата, западно од сонцето“ (South of the Border – Nate King Cole). Мураками е страствен љубител на џезот, но и познавач на класичната музика. Рокенролот игра голема и значајна улога во сите романи на овој писател.

Мелодијата која се повторува и која ја сочинува музичката подлога или столбот на романот може да се каже дека е речиси заштитен знак на Мураками.

Музиката која ја слушаат и сакаат одредени негови јунаци е токму она што ги спојува или која буди спомени од некои минати времиња. Музиката често има носталгичен, ретро предзнак и така всушност Мураками ја создава меланхоличната атмосфера и копнеж за нешто минато, недостижно или одамна загубено.

На сличен начин и режисерот Вонг Кар-Ваи ги користи музичките мелодии во своите дела.

haruki-murakami-at-his-jazz-bar-peter-cat-in-sendagaya-tokyo-1978

Склоноста на ликовите кон меланхолија, депресија и самоубиство

Тагата, меланхолијата и депресивноста се чувства и состојби кои доминираат во прозата на Харуки Мураками. Светот од неговите дела е свет на празнината, на белиот простор и неостварливи контакти и љубовни врски. Неретко неговите јунаци се реконвалесценти, а овој свет го доживуваат како место каде што мора да се живее, носејќи ја сета тага и болка како товар на својот грб.

Некои од неговите ликови и извршуваат самоубиство, а некои од нив се враќаат по таков обид.

Ликот Наоко од „Норвешка шума“ во своето писмо на Ватанабе вели: „Мојот лекар вели дека е време да почнам да се гледам со луѓе од надворешниот свет.“ Тие два света се раздвоени од непремостлива тага.

Ликовите на Мураками се кревки и пренагласено сензибилни, секогаш лулајки се на границата помеѓу животот и смртта.

Мачки

Во книжевниот свет на Мураками, мачките се многу важни суштества. Во романот „Кафка на брегот“, еден од јунаците има способност да комуницира со мачките, способност која ја користи такашто бара изгубени мачки, во овој случај мачката Гома.

А мачките имаат улога да пренесуваат пораки и имаат способност да зборуваат. Тие обично поврзуваат два раздвоени светови, нивното време е ноќ, а се одликуваат со мудрост и итрост.

И во „Хрониката на птицата која го навива часовникот“ се повторува мотивот за потрага по изгубената мачка. Појавата на мачките ја прави врската на Мураками со своите претходници уште посилна. Многу поети, особено Бодлер, ги сметале мачките за чудесни суштества.

150525_r26563-1200

Библиотеките и читањето

Во „Заварената земја на чудата и крајот на светот“, главниот јунак се заљубува во библиотекарка, а таа и библиотеката во која таа работа се многу важен дел од неговата потсвест. Во романот „Кафка на брегот“, Кафка се вработува во библиотеката како помошник, па дури и почнува да живее во неа. Доаѓањето во библиотеката надвор од градот за него е поместување од бучава во тишина, далеку од луѓето во светот на книгите.

Многу од јунаците на Мураками читаат, сакаат да читаат и многу читаат.

Во неговите дела се спомнуваат многу писатели, а неговите ликови се препознаваат меѓу себе по тоа што се страствени читатели. Библиотеките се нивните места каде што се среќаваат и препознаваат.

Хотели, празни и напуштени простори, санаториум

Во романот „Играј, играј, играј“, дејството е сместено во еден огромен хотел „Делфин“ кој е изграден на местото на некогашниот трошен хотел. Тој хотел го симболизира местото помеѓу јавето и сонот, со извитоперувањето на просторно-временските димензии и претставите на внатрешното превирање на протагонистите.

Хотелот како место на привремен престој, испразнетост од идентитетите, место на случајни средби, соби кои се шаблонски наместени, без инвидуалност.

Во неговото најобемно дело, романот „1Q84“, тоа симболично место е празното детско игралиште, ноќе, од кое можат да се видат две месечини.

Спанката која ја следиме во „Кога ќе падне ноќ“ е сместана во стерилна, речиси празна бела просторија, во која освен кревет се наоѓа и телевизор со непрекинат шум на екранот.

Во „Норвешка шума“ таквото место е менталната установа. Наоко објаснува каков е животот во институцијата:

„Сѐ додека сме тука, другите не ни нанесуваат болка, ниту пак ние им нанесуваме болка на другите. Затоа што секој од нас знае дека е сам и малку луд. Тоа е она што нас целосно нѐ разликува од надворешниот свет.“

murakamisumm_2033274c

Ноќ

„Кога ќе падне ноќ“  е роман на Мураками кој е своевидна ода на ноќта и сѐ што таа претставува. Преку пет ликови запознаваме пет страни од ноќта во Токио. Една спанка, еден џезер на своите ноќни проби со бендот, проститутка, програмер кој работи во глувото доба на ноќта и една девојка која избегала од дома и лута од еден во друг бар.

Протагонистите во делата на Мураками често го поминуваат своето време во барови, каде пијат коктели слушајќи џез. Или, наспроти тоа, неговите ликови го бараат своето засолниште во неонски осветлените ресторани за брза храна кои работат по цели ноќи и кои се идеални за тинејџери кои побегнале од дома.

Осаменост

Јунаците на Мураками многу често се самотници кои не се разбрани и прифатени од општеството, а тие се издвојуваат од општеството затоа што не можат да најдат ништо заедничко со другите луѓе. Сите вистински средби во неговите романи обично се средби помеѓу два самотници.

Некои од нив и свесно бегаат во некаква изолација и избрана самотија, па осамуваат во ментална институција или во библиотека која е оддалечена од градот.

Врската со другите е или невозможна, поради оддалечноста и депресивноста или поради смртта на саканата личност. Поради неможноста за остварување на љубовни врски со вистински партнер, јунаците стануваат промискуитетни и оддржуваат повеќе паралелни врски, но во нив не пронаоѓаат исполнување.

„Зошто сите мораат да бидат толку осамени? Зошто е неопходно да се биде толку осамен? Кога има толку луѓе на овој свет и кога секој сака нешто што постои во некој друг, зошто и покрај тоа мораме да бидеме толку далеку едни од други? Зарем оваа планета се врти хранејќи се со човечката осаменост?“ – „Спутник љубов“

untitled1

Симболиката на сонот

Во романот „Заварената земја на чудата и крајот на светот“ имаме јасна симболична слика,  во романот кој е поделен на два дела: од една страна ја имаме реалноста, а од другата страна го имаме светот на соништата или светот на потсвеста на главниот лик. Тој го прикажува тој внатрешен свет како простор кој е ограден со ѕид, каде живеат еднорози кои се хранат со бобинки од грмушките, а средишното место го зазема Библиотеката и Библиотекарката.

Таа слика е архетипски приказ на човековата душа, внатрешното јас, наспроти надворешниот свет.

Во книжевниот универзум на Мураками, просторите немаат јасни одредувања, се менуваат и ги губат своите делови, се однесуваат како лавиринти. Тоа е начинот на кој Мураками создава кафкијанска атмосфера, атмосфера на снежен пејсаж. Законите на физиката не се толку цврсти, тука може да се случи одредено поместување, неправилност, некој може да биде на две места одеднаш, истовремено, а на небото може со блед сјај да светат два месеци наместо еден.

Извор.

Leave a comment