Ернест Хемингвеј е книжевен гениј, Нобеловец и еден од најинтересните книжевни фигури. Сосема е нормално тоа што и после толку време сите се интересираат за неговиот живот и неговото рано творештво. Затоа секогаш радува веста кога на површина ќе излезе нова вест за неговото творештво.
Проучувачите на животот и делото на Хемингвеј пронашле запис за кој тврдат дека е најраниот запис од творештвото на Хемингвеј: Расказ од 14 страни во кои се зборува за замисленото патување на писателот низ Ирска и Шкотска кога имал 10 години.
Кафената тетратка била откриена во кеса за замрзнување во кутија за муниција во архивата на семејни пријатели, во соседството во чија близина живеел Хемингвеј во 30-тите години на 20 век. На етикетата на кесата пишувало: „8 септември 1909 година, записите на ЕХ за Европа“.

Во овој запис најпрво се опишува патувањето на Хемингвеј со воз, од неговиот дом до Илиноис, а потоа и преку Атлантикот и продолжува со серија од сцени во Шкотска и Ирска, заедно со описите на знаменитостите, а сето тоа е запишано во форма на дневник и писма до неговите родители.
На почетокот изгледало дека е запис од вистинско патување.
Првиот запис вели: „Ние ќе одиме на патување во Европа“, а потоа споменува позната железничка линија помеѓу Чикаго и Њујорк. „Ќе патуваме со 20 Century Ltd.“
Но, Сандра Спаниер, професорка по англиски јазик и главен уредник на проектот „Писмата на Хемингвеј“, набргу сфатила дека младиот писател всушност многу подоцна отишол во Европа.
Таа вели: „Очигледно е дека тој си ја истражил темата во однос на географијата. Навистина е интелигентен труд, иако очигледно е дека е измислено.“
Според неа, записот ја покажува истата јазична прецизност која подоцна станува заштитно стилско обележје на Хемингвеј и додава: „Хемингвеј подоцна кажал дека поентата на овој метод бил да се извлекуваат работите од искуството и често ги ставал своите ликови во апсолутно реалистично опишани пејсажи. Мене многу ми е интересен фактот дека на 10 години тој веќе ги проверувал своите мапи и ги наоѓал овие локални знаменитости. За дете од Оук Парк, Илиноис, ова е навистина софистицирано и го покажува неговиот интерес точно да ги доловува деталите.“

Во неговата приказна, Хемингвеј зборува за турата низ замокот Блерни, сиромаштијата во Ирска и различни дрвени колиби. Се појавуваат и искри на инспирација, како на пример една свиња која селаните ја опишуваат како „малечкото со коешто ја плаќаме киријата“ и повремените печатни грешки кои се нашкрабани со детски ракопис.
Во еден од најинтересните делови, тој се присеќава на приказната за мртвиот човек кој секоја година се враќа од мртвите за одново да ги изгради руините на замокот Рос.
Тој напишал: „Кога утрото ќе дојде, законот паѓа во руините и О’Донахју се враќа во неговиот гроб.“
Приказната се појавила во мај, кога Брустер Чамберлин, локален автор и историчар, заедно со професорката Спаниер, ја средувал архивата и ги каталогизирал писмата, билетите, рентген снимки и парчињата коса.

