Средба со Јуси Адлер-Олсен: Скандинавската книжевност се родила од раскажување приказни!

Благодарение на книжевниот центар – АНТОЛОГ, присуствував на средба со данскиот писател Јуси Адлер – Олсен. Јуси Адлер – Олсен е еден од најпознатите модерни дански писатели. Благодарение на АНТОЛОГ, ние имавме можност да го видиме Јуси Адлер – Олсен во живо. Тој беше гостин на Bookstar – книжевниот фестивал кој третпат се одржува во Скопје и тоа под мотото „Читај бе братучед, читај“.

23192844_10155839066437229_440613428_n

Јуси Адлер – Олсон е навистина харизматична и интересна личност. Полн со енергија, насмеан, интересен, задоволство е да седите и да слушате како говори за своите книжевни искуства, процесот на пишување, книжевните влијанија, итн.

Во текот на речиси два часа, слушнавме за неговото пишување, неколку интересни анегдоти. Го запрашав кои писатели сака да ги чита, а тој одговори дека претежно си ги сака класиците како Џон Стајнбек, Виктор Иго, Александар Дума и дека ги има прочитано речиси сите важни класици.

Она што ми беше навистина интересно е тоа што рече дека никогаш не чита трилери и книги од неговиот жанр, бидејќи не сака тоа да му влијае на пишувањето и потоа да излезе дека копира од неговите колеги. Потоа го запрашав за тоа каков тип на книги чита и рече дека поради начинот на работа чита помалку од порано, но повторно ги спомена класиците и навраќањето на старите писатели, но ги спомена и книгите во кои се обработува апсурдот и театарот на апсурдот.

Имаше забелешки за историските драми, велејќи дека не му се допаѓа тоа што во нив писателите пишуваат за историски личности кои постоеле и потоа на нив им ставаат зборови во уста и мисли во глава. Според него, подобро е тоа да го прават со ликовите кои се околу оние луѓе кои навистина постоеле.

Зборувавме и за тоа како почнал да чита книги. Со нас сподели интересна анегдота од детството кога неговиот татко му дал 52 книги со кратки раскази и тој така почнал да чита. Понекогаш не разбирал ништо, но продолжувал да чита приказна по приказна. Се разбира како што растел така се развивало и неговото читање.

Зборуваше и за разликата меѓу трилер и крими романи, трилерите се приказни каде што се спречува некаков криминал, додека во крими романите криминалот веќе се случува, па потоа се открива кој го направил. Тука зборувавме и за скандинавската книжевност, зборуваше за исландските приказни и рече дека целата скандинавска книжевност е родена од раскажувањето приказни.

Тој има работено и како издавач и кога го запрашав како тоа влијаело на неговата кариера како писател, тој рече дека тоа му помогнало затоа што тој веќе ги знаел сите финти и начинот на функционирање на издавачките куќи и тоа му ја олеснило работата. Додаде и дека кога оди во некоја издавачка куќа секогаш се поздравува со сите вработени и дека секогаш се труди да биде добар колега.

Она што можеби ми остави најголем впечаток беше одговорот на прашањето:
Какво беше чувството да ја држите првата испечатена книга во ваши раце?

Тој рече дека се чувствувал многу горд, но дека истовремено помислил дека можеби требал порано да почне со пишување, затоа што тогаш татко му ќе доживеел да ја види неговата прва книга. Додаде дека првата мисла му била: „Татко, ти требаше да бидеш тука за да го видиш ова“, но дека во секој случај се чувствувал горд на она што го постигнал.

22894267_1585099781546208_2494109105567373104_n
(сликата е преземена од официјалната страница на Антолог на Фејсбук)

Инаку зборуваше и за неговото детство. Татко му бил доктор во клиника за ментално здравје и како дете тој голем дел од времето ги гледал пациентите таму и всушност тоа и влијаело врз создавање на неговите ликови. Дополнително, тој во процесот на создавање на книгите зборувал и со пензионирани полицајци за да може подлабоко да навлезе во неговите теми и поверодостојно да ги раскаже приказните.

Јуси Адлер-Олсен има продадено над 20 милиони книги и е еден од најпродаваните писатели на германскиот пазар. Тој во рамки на книжевниот фестивал Букстар ја промовираше книгата „Жената во кафезот“ и воедно ја доби и наградата за „Жената во кафезот“, награда за најчитано издание помеѓу две изданија на Фестивалот.

Навистина беше задоволство и чест да се биде во друштво на Јуси Адлер-Олсен и да зборуваме на најразлични теми, за пишувањето, за книгите…. Навистина се чувствував пресреќно и уживав да го слушам господинот Олсен. Како љубител на книги не ми се веруваше дека во живо споделувам мои мислења и прашања за автор на бестселери и уште еднаш ми се докажа ставот дека големите и успешни луѓе се многу топли, срдечни и полни со позитивна енергија.

Сакам од срце да им се заблагодарам на луѓето од книжевниот центар – АНТОЛОГ кои ме поканија на оваа средба на блогери со господинот Олсен и пред сѐ да им честитам за одличната организација и на фестивалот, но и за нивниот слух и отвореност да комуницираат и споделуваат вести со нас од блогосферата.

 

 

 

Leave a comment