Извонредни писател(к)и кои напишале само еден роман!

Не е лесно да се напише роман. Понекогаш, кога еден роман ќе стане бестселер, тоа создава дополнителен притисок врз писателите да напишат друг роман кој ќе биде исто толку добар и популарен. Понекогаш, се случува некаква трагедија која го оневозможува пишувањето на вториот роман. Има најразлични причини за тоа зашто некои писатели не напишале втор роман, а денес на блогот можете да прочитате кои писатели напишале само еден роман и која била причината за тоа.

Силвија Плат, „Стаклено ѕвоно“

Силвија Плат првенствено се профилирала како поетеса, но таа е позната и по својот роман „Стаклено ѕвоно“, кој всушност е и (полу)автобиографски роман. За жал, Силвија Плат се самоубила кратко по објавувањето на нејзиниот роман. Можеме само да претпоставуваме што би се случило доколку таа продолжела да твори.

Маргарет Мичел, „Одвеано со виорот“

Книгата „Одвеано со виорот“ станала инстантен хит, а со тоа и Маргарет Мичел добила исклучително медиумско внимание и според сите наоди, тоа навистина ѝ пречело. Она што започнало како занимација додека Маргарет Мичел се опоравувала од повреда на зглобот, прераснало во сериозна книга која освен што станала бестселер, ја добила и Пулицеровата награда за белетристика. Но, таа не сакала многу да се изложува во јавноста, па решила да се повлече од пишувањето. Не знаеме дали би се премислила, затоа што во 1949 година трагично загинала откако автомобил удрил во неа додека ја преминувала улицата.

Емили Бронте, „Оркански височини“

charlotte-bronte-3

„Оркански височини“ е едно од најпрекрасните дела во историјата на книжевноста. Талентот на Емили се гледа во секој ред, во секој дијалог, во начинот на кој ги развива ликовите и односите помеѓу нив. Таа и нејзините сестри очигледно имале огромна љубов кон книгите и несомнено е дека Емили ќе имала многу плодна кариера, но за жал смртта ја спречила да продолжи да пишува. Една година откако „Оркански височини“ била издадена, Емили сериозно настинала на погребот на нејзиниот брат во 1848 година. Настинката се претворила во туберколоза и таа починала неколку седмици подоцна. Имала само 30 години.

Оскар Вајлд, „Сликата на Доријан Греј“

Оскар Вајлд е еден од најживописните книжевни ликови на сите времиња и затоа многумина ќе се зачудат што тој има напишано само еден роман, но тоа е вистината. Оскар Вајлд има напишано десет драмски текстови, поезија, кратки раскази, но само еден роман. Кога завршил со пишувањето на романот, веднаш го нападнале дека се работи за „вулгарна“ и „нечиста“ книга, па така тој отстранил околу 500 зборови од првичниот ракопис. Но, реакциите не стивнувале и книгата кренала многу прашина. Потоа Вајлд повторно се посветил на поезија и драмски текстови и никогаш не напишал уште еден роман.

Борис Пастернак, „Доктор Живаго“

Во една од претходните објави можевте да прочитате за патешествието и тешкотиите на Борис Пастернак околу добивањето, па одбивањето на Нобеловата награда за книжевност. Имено, целиот притисок по издавањето на книгата, како и целиот стрес и разочарување предизвикани од тоа што морал да ја одбие Нобеловата награда, придонеле тој да се повлече во себе, а и за жал починал две години подоцна и никогаш не доживеал да ја прими наградата, ниту да напише друго дело.

 Џ. Д. Селинџер, „Игра во ‘ржта“

JD Salinger Portrait Session

„Игра во ‘ржта“ се смета за еден од најконтроверзните и најдобрите романи на 20 век, а Селинџер е најпознат по ова дело кое го вивна во книжевниот свет. Книгата била мразена исто колку што била и обожавана и се вели дека успехот и контроверзијата околу оваа книга го натерале Селинџер да се повлече целосно од јавниот живот. Никогаш повторно не напишал уште една книга, иако објавил неколку кратки приказни.

Leave a comment