Што читаше Кафе и книги во октомври?

Традиционално, листата со препораки со книги што сум ги прочитала изминатиот месец е тука! Започна оној период од годината кога сè почесто се стуткуваме под ќебе со кафе, чај или топло чоколадо и книга, а тоа значи дека можеби ќе се инспирирате од листава да ја пронајдете следната книга за читање.

Процес“ – Франц Кафка


Оцена: 5/5
Краток осврт: Ова е една од книгите за кои сите ви велат дека морате да ја прочитате. И знаете што? Во право се! Целата апсурдност на овој свет е преточена во оваа книга, во која против главниот јунак Јозеф К. е покренато обвинение, а ниту тој, а изгледа дека ниту останатите знаат зошто е покренато обвинение.

Јозеф К. знае дека е невин, иако не знае за што го обвинуваат и решава да ја брани својата чест и да се бори против системот, но како што и самиот ќе увиди – системот е еден долг, бирократски лавиринт и целиот се заснова на лични врски, подмитувања, статус во општеството.

Кафка на еден маестрален начин ни го доловува правниот, т.е судскиот систем во општеството преку ден процес кој е монтиран и за борбата на еден човек да исправи неправда.

ИЗДАВАЧКА КУЌА: АНТОЛОГ

Љубовна“ – Игор Исаковски


Оцена: 5/5
Осврт: Доколку сте романтично или меланхолично расположени, оваа збирка е совршена за вас. Кога ја читав оваа збирка, натажено помислив уште колку прекрасни песни ќе имавме и дека навистина не е фер што таков прекрасен талент како Игор Исаковски повеќе не е меѓу нас.

Прекрасни песни, прекрасна збирка. Не можете, а да не ја почувствувате искреноста на секој стих. Секој стих ве погодува на одреден начин, а сигурна сум дека ќе пронајдете многу песни во кои самите ќе се пронајдете себеси или вашите чувства и љубов.

Издавачка куќа: БЛЕСОК

Бавност“ – Милан Кундера

Оцена: 4/5
Осврт: Милан Кундера ми е еден од омилените писатели. Човекот е како магионичар со зборовите, способен веднаш и во секое време да ве пренесе во неговиот замислен свет, а вие воопшто да не го забележите тоа. Оваа книга особено ќе им се допадне на оние кои се сложуваат дека во денешно време механички ги правиме работите, набрзина, без воопшто да уживаме во нив. Се чини дека заборавивме дека има убавина во бавноста.

Тоа го обработува и Кундера во ова дело, кое е првото кое тој оригинално го напишал на француски јазик. Во него има сè, од еден „витез“ и дама кои поминуваат една ноќ во еден француски замок пред 2-3 века, до научна конференција со најразновидни ликови, до стар брачен пар кој дошол во хотелот за да се одмори од сѐ. Интересна книга, го има шмекот и харизмата на стилот на пишување на Кундера, а понекогаш и тоа е доволно.

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА

Барселона блуз“ – Франсеск Миралјес

Оцена: 2/5
Осврт: Оваа книга е многу поразлична од останатите книги на Миралјес кои јас ги имам прочитано, како „Љубов со мали букви“ и „Најубавото место на светот е тука“. На моменти се чувствува меланхолијата која е типична за Миралјес, но во претходните две книги како да имаше малку поинаква нишка и одеше во друг правец.

Се работи за човек кој работи во издавачка куќа и кој случајно се сретнува со една девојка на плоштадче во Барселона. Таа нема кај да спие и тој ѝ нуди престој кај него дома. Тој развива симпатии кон неа, а таа еден ден сосема исчезнува. Ова остава трага кај човекот, а во текот на книгата постојано ја следиме неговата меланхолична (движејќи се кон депресивна) состојба на ум, како и неговиот однос со неговиот пријател, поранешна жена и ќерка му.

Издавачка куќа: ТРИ

Leave a comment