Ф. Скот Фицџералд е еден од најпознатите американски писатели и воедно еден од најцитираните писатели на сите времиња. Тој истовремено е и од оние писатели чии мисли најчесто се споделуваат на Фејсбук. Но, честопати тие мисли навистина не се негови, но луѓето на интернет упорно ги споделуваат како да се негови. Затоа денес на блогот можете да прочитате неколку такви примери од мисли кои сите мислат дека се на Фицџералд, но не се негови. Тука има примери што и мене ме изненадија, а верувам дека ќе ве изненадат и вас!

„Пишувај пијан, уредувај трезен.“
Оваа мисла често му се припишува на Фицџералд или на неговиот пријател и колега Ернест Хемингвеј. Но, не постојат докази за тоа дека кој било од двајцата го напишал или кажал ова. Идејата дека Фицџералд го кажал ова првпат се појавила во некоја приказна од 1996 година, а подоцна и во мемоарот на Стивен Фрај. Во суштина, хумористот Питер де Врајс ја измислил раната верзија на оваа фраза во книгата „Ројбен, Ројбен“, издадена во 1964 година.
„Никогаш не е предоцна, или во мојот случај, прерано за да бидеш тоа што сакаш да бидеш.“
Многу е лесно да се направи грешката при припишувањето на оваа мисла на Фицџералд. Фицџералд ја напишал приказната „Интересниот случај на Бенџамин Батон“ во 1922 година и истата во 2008 година беше екранизирана преку истоимениот филм режиран од Дејвид Финчер, во кој глумат и Бред Пит и Кејт Бланшет. Мислата се појавува во сценариото, но не и во оригиналната приказна.
„Нашите животи се дефинирани од приликите, дури и оние кои ги пропуштаме.“
Ова е сличен пример како и претходниот. Оваа мисла ја кажува Бенџамин Батон во екранизацијата. Мислата може да се најде во сценариото, но не и во оригиналната приказна напишана од Фицџералд.
„Ќе сфатиш зошто бурите се именувани според луѓе.“
Не постои никаков доказ дека Фицџералд некогаш напишал ваква реченица. На мислите што се објавуваат на Пинтерест и слични социјални мрежи можете да најдете дека оваа реченица се појавува во книгата „Убави и проколнати“. Но, навистина не постои таква реченица во книгата. Дополнително, според истражувањата, практиката да се именуваат бури и урагани почнала во 1941 година, а Фицџералд починал во 1940 година.
„Сентименталната личност мисли дека работите ќе траат. Романтичната личност има очајна увереност дека нема да траат.“
Оваа конкретна мисла не се појавува во делата на Фицџералд иако, рака на срце, постои верзија на оваа мисла во книгата „Оваа страна на рајот“:
„Не, јас сум романтичен – сентименталната личност мисли дека работите ќе траат, а романтичната личност се надева и покрај надежта дека нема да траат. Сентименталниот човек е емоционален.“ Неточната верзија е онаа која е популарна и споделувана.

„Има нешто чудно во врска со враќањето дома. Ништо не се менува, сѐ изгледа исто, чувството е исто, дури и мириса исто. Тогаш сфаќаш дека ти си оној којшто се променил.“
Како и двата примери горе, оваа мисла се појавува во филмот од 2008 година, но не и во оригиналната приказна.
„Одличните книги се опишуваат себеси, само лошите книги се пишуваат самите.“
Не постои доказ дека оваа мисла се појавува во кое било од делата на Фицџералд, иако кружи на голем дел од интернет страниците на кои се споделуваат различни мисли, но нема доказ за нејзиното потекло.
„Таа беше убава, но не како девојките во списанијата. Таа беше убава поради нејзините мисли. Таа беше убава поради сјајот во нејзините очи кога зборуваше за нешто што сакаше. Таа беше убава поради нејзината способност да направи другите луѓе да се насмевнат, дури и ако таа е тажна. Не, таа не беше убава поради нешто привремено како изгледот. Таа беше убава, длабоко во душата.“
Оваа мисла првпат се појавила во мемоар на Натали Њуман во 2011 година. Таа му била припишана во јануари 2015 година во една статија на Thought Catalog. Сепак нема никакви докази дека Фицџералд некогаш напишал или кажал нешто вакво.
„И на крајот, сите бевме само луѓе, пијани од идејата дека љубовта, само љубовта, може да ја излечи нашата скршеност.“
Кристофер Поиндекстер, познатиот „инстаграм“ поет, ја напишал оваа мисла како дел од серија поеми во 2013 година. Откако еден твитер профил ја објавил оваа мисла без да каже од каде е, некако целата мисла почна да кружи како мисла на Фицџералд, иако Поиндекстер во неколку наврати објаснувал за нејзиното потекло.
„Потребен ти е хаос во твојата душа за да се роди танцувачка ѕвезда.“
Оваа поетска фраза всушност поттекнува од Фридрих Ниче, кој умрел во 1900 година, а Фицџералд се родил во 1896 година. Во неговата книга „Така зборуваше Заратустра“, Ниче ја напишал фразата: „Човек мора да има внатрешен хаос за од него да може да роди танцувачка ѕвезда.“ Со текот на времето, мислата била модернизирана и споделувана како мисла на Фицџералд.
„За девојките со бушави коси и жедни срца.“
Оваа мисла е всушност посветата во книгата „Тигарот Лили“ на Џоди Лин Андерсон. Сѐ уште не е познато како успеале луѓето да му ја натоварат оваа мисла на Фицџералд.
