Казуо Ишигуро е добитник на овогодинешната Нобелова награда за литература. Тој е еден од најуспешните и најпочитуваните модерни писатели. Тој со својот стил на пишување длабоко навлегува во тајните на човековата душа и чувства. Преку внимателно испреплетена мрежа на ликови и настани, Ишигуро едноставно ве допира на еден меланхоличен начин кој ќе ве натера да размислите и за сопствените чувства и живот.

Доколку сѐ уште не сте почнале со читање на неговите дела, денес на блогот можете да прочитате препораки во однос на тоа од каде да почнете и по кој редослед е најдобро да ги читате неговите книги.
Тој пишува од 1982 година и има напишано повеќе книги и тука не се наведени сите, оваа објава е само генерална насока и препораки во однос на тоа од каде треба да почнете, а потоа со текот на времето можете да продолжите со читање и на останатите негови дела.
Со која книга треба да почнете?
„Никогаш не оставај ме“ (2005)

„Никогаш не оставај ме“ е издадена во 2005 година и всушност ова е претпоследниот издаден роман на Ишигуро, но оваа книга прекрасно ќе ве воведе во светот кој го создава Ишигуро. Со оваа книга и јас почнав да ги читам неговите дела и веднаш се навлеков на неговиот стил на пишување. Меланхоличноста која провејува низ секоја страна едноставно ќе ве зграпчи и нема да ве пушти, а вие ќе посакате да читате уште.
Се работи за тројца главни ликови: Кети, Рут и Томи и нивните заеднички денови од интернетот Хејлшам. Книгата го следи нивното детство, растење, пријателство и авантури раскажани од перспективата на Кети која се навраќа на старите спомени и ни ја раскажува својата приказна.
Тагата, меланхолијата и носталгијата се провејуваат постојано низ книгата. Истовремено има нешто ладно во спомените, но и одредена топлина која читателот ја чувствува додека ја чита приказната. Нема шанси оваа книга да ве остави рамнодушни, напротив ќе направи да посакате да не заврши и ќе барате уште.
Како да продолжите?
„На крајот на денот“ (1989)

Ова е книгата која навистина го воздигнува и прославува Ишигуро во светот на книжевноста. Пред оваа книга има издадено уште два романи кои добро прошле и кај критичарите и кај публиката, но оваа книга веќе го крева на повисоко ниво и му носи поголема популарност. Во оваа книга повторно се провејува меланхоличната нишка која е специфична и по која може лесно да го препознаете стилот на Ишигуро.
Како што нурнувате во светот на батлерот Стивенс и читате за неговите сеќавања од „добрите стари денови“ во периодот од Втората светска воја кога му служел на лордот Дарлингтон, така и вие паралелно со него размислувате за својот живот и рефлектирате на она што било. Батлерот Стивен конечно зема заслужен одмор и решава да ја посети г-ца Кентон, неговата некогашна колешка. Додека патува, можеме да насетиме како размислува и на сите негови можности, пропуштени шанси и каења во животот.
Ишигуро со својот стил на пишување ќе поттикне и вие да се навратите наназад во вашиот живот и да ги погледнете работите од денешна перспектива. Кога ќе заврши книгата, едноставно нема да можете, а да не размислувате на тоа „што би било, кога би било.“
„Кога бевме сирачиња“ (2000)

„Кога бевме сирачиња“ е уште една прекрасна книга на Ишигуро, испреплетена со многу чувства, длабоки мисли и испреплетени приказни и интересни ликови.
Кристофер Банкс е главниот лик во овој роман. Тој е успешен човек, еден од најпознатите декективи во Англија. Дејството се случува во 30тите години на 20 век. Банкс има сѐ што некогаш посакал. Успех, слава, почит… но, има нешто што длабоко сѐ уште го прогонува, нешто што речиси никој не го знае за него: Тој никогаш не открил зошто неговите родители мистериозно исчезнале во Шангај, додека тој уште бил дете.
Книгата постојано се движи меѓу Лондон и Шангај во годините меѓу војните и се работи за прекрасна приказна за спомените, интригите и копнежот на човекот да се враќа назад.
И на крај, завршете со:
„Закопаниот џин“ (2015)

„Закопаниот џин“ е последната книга која Ишигуро ја издаде во 2015 година. Оваа книга беше една од книгите за кои имаше најголеми очекувања во 2015 година, имајќи предвид дека Ишигуро ја објави оваа книга 10 години по последната книга, „Никогаш не оставај ме“
Се работи за една мошне интересна приказна која е сместена во т.н „постартуријанска“ Британија. Аксл и Беатрис, главните ликови во книгата, се постар брачен пар и решаваат да заминат од своето село за да го пронајдат нивниот одамна изгубен син, на кого веќе речиси и не се сеќавааат. Тогаш сфаќаме дека целата земја страда од колективна амнезија која тие ја нарекуваат „маглата“. За време на нивната потрага тие се здружуваат со еден саксонски витез и младо саксонско момче, како и со други придружници кои имаат свои мисии.
