Какви типови читател(к)и постојат?

Љубителите на книги секогаш се посветени на книгите. Но, секој им пристапува на книгите на различен начин. Има неколку типови читател(к)и, а денес на блогот можете да го прочитате овој забавен текст и можеби ќе се препознаете себеси во некоја категорија (или во неколку категории). А можеби ќе ги препознаете и некој од вашето друштво, семејство, итн.

tumblr_ouzrx4pepo1wx5fjeo1_500

1. Викендашите

Ова се тип на луѓе кои имаат многу опуштен пристап кон читањето. Највеќе го сакаат викендот за читање, затоа што тогаш најмногу можат да се посветат и да се опуштат од обврските во текот на неделата. Генерално не си задаваат рокови, читаат кога ќе им дојде желба.

2. „Морам да прочитам сѐ и тоа веднаш“ тип на читател(к)и

Ова се луѓе кои многу се возбудуваат околу книгите. Од преголема возбуда се случува да почнат да читаат неколку книги одеднаш, а кога ќе почнат некоја книга не застануваат додека не ја прочитаат. Додека читаат некоја книга, целиот свет во тие неколку денови им се врти околу книгата, зборуваат само за приказната, наоѓаат информации за целиот живот на писателот/писателката, итн.

3. Опседнати со одреден писател(к)а

Овие читател(к)и обично ќе се „навлечат“ на стилот на пишување на еден писател и не застануваат додека не прочитаат сѐ што некогаш напишале тие луѓе. Откако ќе завршат со еден писател се префрлаат на други и така постојано во круг. Ако ја разгледате нивната домашна библиотека, ќе видите дека повеќето книги се од неколку писатели и не е толку разновидна во однос на писателите.

4. Неодлучните

Овие луѓе сакаат да читаат, но тешко им е да се одлучат што да читаат. Секогаш бараат препораки, но и покрај тоа не знаат што да читаат. Дури и кога конечно ќе се одлучат, повторно се двоумат во однос на тоа дали им се допаѓа содржината или не. Никогаш не се сигурни.

bookgirlgolden

5. Интелектуалците

За овие луѓе, книгите се непресушен извор на знаење. Тие се обидуваат да извлечат максимум од секоја книга за да го надоградат своето знаење. Но, тие не се фалат со тоа, не го прават за да ги импресионираат другите, туку заради свое лично задоволство. Најчесто читаат историски книги, мемоари, стручна литература, итн.

6. Снобовите

Овие се сосема спротивни од интелектуалците. Тие постојано се фалат колку „тешки“ книги прочитале, иако веројатноста е дека прочитале само една или ниту една од книгите за кои се фалат дека ги прочитале. Ги судат сите според нивниот вкус, а нивниот не е толку префинет како што мислат тие. И реално, овој тип на читател(к)и се најнеподносливи.

7. Срамежливите

Овие луѓе обожаваат да читаат, но ретко кој го знае тоа. Не се фалат на социјални мрежи, не зборуваат на сите страни колку читаат и ретко некој знае што читаат и кога читаат. Читањето за нив е приватна работка која си ја чуваат за себе.

8. Оние кои пораснале со книги

Тука станува збор за оние луѓе кои од мали нозе стекнале навика да читаат. Најверојатно имале родители кои ги поттикнувале уште од деца да читаат, преку сликовници или тие им читале пред спиење. Овие луѓе имаат долготрајна врска со книгите и за нив, книгите се најдобри пријатели.

Leave a comment