Чарлс Дикенс е еден од најпознатите писатели на сите времиња. Неговите безвременски дела како „Оливер Твист“, „Дејвид Коперфилд“, „Приказна за два града“, итн., се дела кои секогаш се актуелни и повеќето од нив се обработуваат во училиштата ширум светот.

Сепак, сѐ чини дека Чарлс Дикенс е најактуелен за време на Божиќ (особено католичкиот Божиќ), благодарение на неговата безвременска „Божиќна приказна“. Приказната за скржливиот Ебезенер Скруџ, кога ноќта наспроти Божиќ го посетуваат Духот на минатото, Духот на сегашноста и Духот на иднината.
Имено, на блогот веќе пишував за причините поради кои Чарлс Дикенс ја напишал „Божиќна приказна“, но сега имаме и филм кој на екраните го оживува целиот процес на создавање на оваа безвременска приказна. Пред неколку дена излезе филмот „Човекот кој го измисли Божиќ“ во кој главните улоги ги толкуваат Ден Стивенс (Чарлс Дикенс) и Кристофер Плумер (Ебенезер Скруџ).
Во времето на пишување на оваа приказна, Дикенс се соочувал со тешкотии во својата кариера, па така му биле потребни и пари, но и сакал да го сврти вниманието и кон посериозни теми. Целиот процес на создавање на приказната делумно е прикажан во овој филм. Се разбира дека и покрај тоа што се работи за филм кој е инспириран според вистинска приказна, секако дека има делови кои се или преувеличени или додадени.
Она што е интересно за Дикенс и неговата авантура при пишување на оваа приказна е тоа што тој навистина бил посветен да создаде совршена приказна. Во еден од дневниците на ќерката на Дикенс пишува дека таа често го наоѓала во неговата работна соба како прави гримаси во огледалото и зборувал со преправен глас за да види како би звучеле неговите ликови.
Сосема е јасно дека Дикенс не го измислил Божиќ, но на многу начини тој направил луѓето во Британија сосема поинаку да гледаат на празникот кој во тоа доба почнал да го губи својот сјај и првобитно значење.
Доколку сте љубители на Дикенс, „Божиќна приказна“ или генерално на книги, овој филм навистина ќе ве опушти и ќе ви го крене расположенитето.
Во продолжение погледнете го трејлерот:
