Дојде декември, последениот месец од годината. Нова година се ближи, а времето си лета незабележливо. Станува сè поладно, а тоа значи дека следува период на читање книги со кафе, покриени со ќебе. Во тие моменти забораваме декa постои светот и се губиме во светот на книгите.
Како и секој месец, следува листата со книги кои ги прочитав изминатиот месец.
„Жената во кафезот“ – Јуси Адлер – Олсен

ИЗДАВАЧКА КУЌА: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт: За љубителите на крими-романи, ова ќе биде полн погодок! Се работи за одличен трилер, непредвлидлив и во поголем дел ги избегнува оние стандардни клишеа во овој жанр. Детективот Карл Морк се враќа назад на работа по престелката во којашто еден од неговите колеги загинува, а другиот останува парализиран. Неговите колеги не знаат што да прават со него, па поради одреден сплет на околности, го преместуваат во ново-отворениот сектор Q, задолжен за решавање нерешени случаи. Тој нема партнер, затворен е сам во една мала канцеларија во подрум и единствениот вработен во тој сектор е Асад, мигрант од Сирија, кој на почеток му оди на нерви, но со текот на времето создаваат едно необично пријателство.
Првиот случај кој детективот Морк решава да го истражува е нерешеното мистериозно исчезнување на Меренге Лунгор, млада политичарка за која сите сметале дека има огромен потенцијал и дека навистина ќе напредува во политиката. Случајот со години седел во фиока и сите некако премолчано се договориле дека е мртва и дека нема шанси по толку години да ја најдат жива. Оттука приказната се заплеткува и читателот преку навраќањата во минатото и сегашната истрага, започнува да ја добива целосната слика за судбината на Меренге.
Одлична книга која нема да сакате да ја испуштите од рака!
„Ова личи на крај“ – Џулијан Барнс

ИЗДАВАЧКА КУЌА: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт: Ова ми е најдрагата книга која ја прочитав месецов! Меланхолична книга која ќе ве натера и вие да си го преиспитате вашиот живот. Книгата е поделена во два дела. Во првиот дел се запознаваме со нараторот кој ја раскажува својата приказна, односно започнува со опишување на неговите младешки денови заедно со неговите другари, неговото запишување на факултет, првата љубов, првото раскинување. Подоцна дознава дека неговата прва љубов се фатила со еден од неговите најдобри другари и тоа навистина го погодува. По некое време дознава дека неговиот најдобар другар се самоубил и тоа навистина го погодува.
Во меѓувреме животот продолжува понатаму и тука почнува вториот дел од книгата. Го гледаме нашиот наратор кој имал убав брак, дете, но како што тоа секогаш бидува, бракот му се распаѓа, но тој останува во добри односи со неговата поранешна жена. Тогаш, од никаде-некаде, тој добива мало наследство од една личност која само еднаш ја има видено и се чувствува затекнат од целата ситуација. И така тој почнува да ги бара одговорите…и ќе ги најде, а ќе најде и повеќе отколку што барал.
Се работи за прекрасна книга. Има длабочина, има хумор, има чувства. Го обожавам стилот на пишување на Барнс, затоа што прави да се чувствувате како нараторот да е веднаш наспроти вас во некое кафуле и ви ја раскажува својата приказна.
Топла препорака!
„Одбројување“ – Фросина Пармаковска

ИЗДАВАЧКА КУЌА: ИЛИ-ИЛИ
Оцена: 5/5
Осврт: Она што ми е навистина многу драго е што во последните години македонската книжевност вртоглаво се развива. Има сè поголем број на квалитетни четива и квалитетни писател(к)и, а Фросина Пармаковска припаѓа во таа екипа на квалитетни писател(к)и. Пред речиси година дена пишував за „Вишнова хроника“, првиот роман на Фросина Пармаковска, кој ме освои со меланхоличноста и прекрасниот стил на пишување кој прави читателот искрено да се грижи за тоа што им се случува на главните ликови.
„Одбројување“ е уште еден таков роман кој ќе ве вовлече во светот на една длабоко несреќна жена во несреќен брак, која својата утеха ја наоѓа во кратките средби со еден стар познаник. И покрај тоа што повеќето би го осудиле она што таа го прави, сепак начинот на кој Фросина ни ја изложува нејзината приказна не може да ве остави рамнодушни, ниту пак ќе ви остави простор да ја осудувате. Во главната хероина има една детска, искрена наивност која, и покрај годините во брак и сите тешкотии низ кои има поминато, сепак не се изгубила во морето на огорченост и тага. Покрај тоа, стилот на Фросина Пармаковска е толку препознатлив и интересен, што сигурна сум дека кога би ви ја дале книгата без да прочитате за кого се работи, веднаш ќе ја препознаете.
Топло ви ја препорачувам оваа книга!
„Шепнувачот“ – Донато Каризи

ИЗДАВАЧКА КУЌА: МАТИЦА
Оцена: 3.5/5
Осврт: Ова е одлична книга за љубителите на трилери и крими-романи. Се работи за бестселер кој и ден денес одлично се продава и оваа книга има голем број обожаватели. Дејството се врти околу пет киднапирани девојчиња. Полицијата се труди да ги најде, но безуспешно.
Одеднаш добиваат дојава дека можеби се пронајдени нивните тела, но тие ги наоѓаат нивните леви раце, но не и телата. Тогаш сфаќаат дека си имаат работа со сериски убиец кој сака да си игра со нив, но она што е уште пострашно е тоа што тие наоѓаат шест леви раце, а пријавени се пет исчезнати девојчиња. Каде и кое е шестото девојче? Кој и зошто го прави ова? На тимот му се приклучува и Мила која е одлична во пронаоѓање изгубени деца. Дали тоа ќе биде доволно? Според мене крајот беше малку неуверлив, но приказната е одлично разработена и ако сакате трилери, оваа книга навистина ќе ви се допадне.
