Приказната за генијалната писателка која исчезнала на 25 години…

Њу Ингланд, зима, 1923 година. Едно малечко девојче седи сама во нејзината соба, гледајќи низ прозорот во шумата зад нејзината куќа. Таа си сонува како и останатите деца, но потоа оди до машината за пишување и пишува. Кога имала 13 години, Барбара Њухол Фолет ја издала својата прва книга „Куќа без прозорци“ која била заснована на чудата на овие шуми. Ја нарекувале детето-гениј, книжевна светлост, духот на природата. Зошто тогаш толку малку луѓе знаат за неа и нејзините дела?

image(Фолет на својата машина за пишување, 1928 година)

Барбара Њухол Фолет исчезнала без трага кога имала 25 години.

Откако ја издала „Куќа без прозорци“, младата писателка била преплавена од понуди од издавачки куќи за да продолжи да пишува и да пишува критики за книги. Како и со сите писател(к)и, не била омилена кај сите критичари. Некои го критикувале нејзиното пишување и објавување книга на толку рана возраст. Ен Керол во една колумна за „Њујорк Хералд Трибјун“ се запрашала: „Која е цената која Барбара ќе мора да ја плати за нејзините „славни денови“ врз машината за пишување?“

Но, Барбара не била баш заинтересирана за „нормално“ детство. Како и многу други деца на нејзина возраст кои се исклучително талентирани и паметни, таа не се интересирала за другите деца на нејзина возраст. Кога едно од нејзините другарчиња ја критикувало за она што Барбарала сметала дека е забава, таа напишала писмо во коешто објаснила: „Вие не разбирате зошто морам да си ја вршам работата, затоа што, во овој конкретен момент, вие немате работа.“

image1

Кога била тинејџерка, Барбара продолжила да пишува, но истовремено го насочила својот фокус кон она што таа сметала дека е најголемата авантура во нејзиниот живот: да биде дел од екипажот на брод кој пловел кон Атлантскиот океан. Кога имала 14 години, таа ја издала својата втора книга „Патувањето на Норман Д.“.

Во овој период, нејзиниот татко Вилсон ја напуштил нејзината мајка и тоа за многу помлада жена. Барбара и нејзината мајка се справиле со загубата со тоа што пловеле низ светот и пишувале за нивните патувања. Тие ја оставиле Сабра, помладата сестра на Барбара. Но, Сабра Фолет не поминала лошо во животот, таа е првата жена која била примена на постдипломски студии на Принстон во 1961 година.

На крај, Барбара и нејзината мајка се вратиле во Њујорк и Барбара се вработила како секретарка, работа која ја правела многу несреќна. Во едно писмо до една другарка, таа напишала: „Моите соништа се движат низ смртоносните снежни врнежи“.

Без својот татко, кој уште од мала ја охрабрувал да пишува, таа почнала поретко да пишува. Таа нашла инспирација во еден млад човек кој се викал Никерсон Роџерс. Тие многу патувале пред да се венчаат во 1934 година и на крај се скрасиле во Масачусетс. Првите години од бракот биле среќни, но некаде околу 1939 година, бракот западнал во криза.

image2

Во едно писмо до пријателка, таа напишала: „На површината работите се многу, многу мирни и погрешни. Мислам дека сѐ уште има шанса работите да излезат добро на крај, но морам да мислам така, пред сѐ за да можам да живеам. Па ти сама извлечи заклучоци.“

На 7 декември 1939 година, откако таа и сопругот имале караница, Барбара излегла од нивниот стан со 30 долари и тетратка во џебот. Никој повеќе не ја видел, ниту слушнал за неа. Сопругот го пријавил нејзиното исчезнување дури по две недели.

Во потрагата по неа, таа била заведена како Барбара Роџерс, па затоа медиумите не сфатиле дека се работи за детето-генијалец. Всушност, медиумите почнале да се интересираат во 1966 година, кога мајка ѝ објавила книга за нејзиното исчезнување. 25 години била исчезната, а никој не забележал и речиси никој не знаел. Освен нејзиното семејство.

image3

Низ текот на годините немало ниту трага, ниту глас од Барбара, но нејзиниот татко со кого таа никогаш не се смирила, напишал отворено писмо повикувајќи ја да се врати дома. Писмото било објавено во „Атлантик“.

Стефан Кук, полу-внукот на Барбара, е оној кој денес ги чува нејзините мистерии. Тој има објавено книга со нејзините писма, го оддржува сајтот farksolia.org, кој е посветен на нејзините дела и се труди да го одржи споменот на Барбара Њухол Фолет.

И покрај неговото детално истражување, тој признава дека не може со сигурност да каже што се случило со Барбара, иако тој мисли дека таа слободно можела да започне нов живот на друго место, под друг идентитет. Иако тоа е можност која соодветствува со целокупниот драматичен живот на Барбара, сепак Стефан не е баш целосно убеден во тоа:

image4

„Дали таа можела да биде толку сурова и да не им каже на својата мајка, сестра и другарки дека е жива е навистина добро прашање. Можеби никогаш нема да знаеме што ѝ се случило. За среќа, таа ја оставила својата кутија со писма, кратки раскази, поеми, Фарксо (јазикот кој таа го измислила) и нејзиниот одличен изгубен роман, „Изгубениот остров“ и со тоа нејзиниот глас одѕвонува јасно и гласно.

Извор.

Leave a comment