Никогаш не е доста од македонска поезија. Секој ден е прекрасен ден за споделување и читање македонска поезија. Денес изборот падна на „Твоите пет минути“ од Богомил Ѓузел, исклучително прекрасна песна!
Твоите пет минути – Богомил Ѓузел
Постојат пет минути во некој час
што не можеш да ги издржиш, а мораш –
би излегол надвор, би врескал, би се смеел
но не смееш поради другите или поради себе
место тоа седиш в училница грицкајќи нокти
чекаш на ред, маршираш во строј спиејќи
се возиш во автобус како во вселенска кабина
палиш уште една цигара на некој состанок
а тој се одолжува зад таа цигара и другата
и петте минути стануваат цел час
часот ден, денот месец, година итн.
дур не ти се убие желбата да врескаш и плачеш
а кога конечно ти успева да излезеш незабележано
во тебе сепак сите одеднаш се вртат
како да си излегол од нивните животи
а не само од својот.

