Ролинг Стоунси се една од најконтроверзните рок-групи на сите времиња. Низ текот на кариерата тие постојано биле под притисок на медиумите, религиските лидери, групи на загрижени родители, па дури и од страна на властите кои ги обвинувале за морално расипување на младите. Но, во еден период биле обвинети дека поддржуваат сатанизам. Секако дека ова било смешно обвинение, но тоа се случило во времето кога го издале албумот „Their Satanic Majesties Request.”

Кит Ричардс рекол:
„Кога ја напишавме таа песна, тоа беше многу турбулентно време. Тоа беше првиот меѓународен хаос после Втората светска војна. А забуната и хаосот не се сојузници на мирот и љубовта. Човек сака да верува дека светот е совршен. Сите паѓаат во таа замка.“
„Sympathy for the Devil“ веднаш ги активирала сите општествени аларми. Таа ги преувеличила обвиненијата дека тие се злобни или ѓаволи и на себе и на своите поддржувачи им ја овозможиле шансата да ги откачат критичарите и стравовите.
„Sympathy for the Devil” е песна напишана од Мик Џегер и Кит Ричардс, иако според Џегер, тој го напишал поголемиот дел од песната. Инспирација за стиховите била легендарната книга „Мајсторот и Маргарита“ од Михаил Булгаков. Мик Џегер ја добил оваа книга од неговата девојка Мериен Фејтфул, која била од добростоечко семејство и која го вовела во многу нови идеи и концепти. Во книгата, ѓаволот е софистициран човек кој „има пари и вкус“.
Освен тоа, идејата за песната му дошла на Џегер и од францускиот поет Шарл Бодлер, како што тоа можеме да го прочитаме од една негова изјава од 1995 година:
„Мислам дека идејата беше земена од стара идеја на Бодлер, мислам, но можеби грешам. Понекогаш кога ги гледам моите стари изданија на книгите од Бодлер, не можам да ја видам таму. Но, сепак беше идеја која ми дојде од француската книжевност. Земав само еден или два реда и потоа ја надоградував песната. Ја напишав нешто налик песна од Боб Дилан.“

Работниот наслов на песната бил „The Devil Is My Name”, откако претходно била именувана како „Fallen Angels“ и во песната Мик Џегер пее од гледната точка на ѓаволот, набројувајќи како ја презел контролата врз настаните во човековата историја.
Џегер изјавил: „Знаев дека е добра песна. Едноставно имав чувство. Има поетичен почеток, потоа имаше историски референци, филозофски муабети, итн. Да, тоа лесно можеш да го напишеш во стих, но сосема е поинаку кога треба да го претвориш во поп-песна. Особено во Англија – ќе бидеш распнат на олтарот на поп-културата ако станеш претенциозен.“
Има неколку историски настани кои се споменуваат во песната:
- Распнувањето на Исус Христос
- Руската револуција од 1917 година
- Втора светска војна
- Убиството на Кенедиеви. Роберт Кенеди загинал откако песната била напишана, па тие ги промениле стиховите во „Who killed the Kennedys?“ (Кој ги уби Кенедиеви?)
- Стихот „Troubadours who got killed before they reached Bombay“ (Трубарудите загинаа пред да стигнат во Бомбај) можно е да се однесува на хипиците кои патувале по т.н „Хипички пат“. Многумина од нив загинале во Авганистан и Пакистан. Има уште една можност, а тоа дека тој стих се однесува на еден култ кој ја обожавал Кали, Хинду божицата на смртта. Тие пресретнувале и убивале патници кои патувале кон Индија.
Мик Џегер исто така го опишал стилот на песната:
„Има многу хипнотички звук, самба која има неверојатна хипнотичка моќ, наместо да биде песна за танцување. Не се забрзува и не се забавува. Постојано го држи истото темпо. Плус, самиот самба ритам е одличен за да може човек да ја пее песната, но има и други влијанија – како поттиснатоста да се биде примитивен, затоа што има примитивен африкански, јужноамерикански, афро-наречи-го-како-сакаш ритам. Па така, за белите луѓе, има нешто ѓаволесто тука. Но, ако заборавиме на културолошките бои, ритамот е одлично возило за произведување моќно парче музика. Таа ја намалува претенциозноста, затоа што самиот ритам е непретенциозен. Ако се работеше за балада, немаше да биде толку добра.“
Мериен Фејтфул, Анита Паленберг, Брајан Џонс, Чарли Вотс, продуцентот Џими Милер, Бил Вајмен и Кит Ричардс се придружни вокали во песната и го пеат она „woo woo“ што постојано се повторува во песната.
