Неверојатните авантури и живот на Габриел Гарсија Маркес!

Габриел Гарсија Маркес е роден на 6 март 1927 година и пораснал во Аракатака, Колумбија, град на банани кој бил само една станица на која застанувал возот. Неговиот татко бил необразуван телеграфски оператор и се вљубил во девојка која имала многу повисок статус од него и била ќерка на полковникот Николас Маркес Мехија. Нејзиното семејство остро се спротиставувало на нивната врска, но тоа само ја зацврстило нивната одлучност да бидат заедно.

Тие биле во тајна врска, комуницирале преку телеграми, тајни пораки преку ливчиња и краделе моменти додека заедно оделе на миса. Во 1926 година, откако еден свештеник лобирал во нивно име кај родителите на невестата, тие конечно се венчале. Тие го добиле своето прво дете во 1927 година. Се работело за здраво момче кое го крстиле Габриел. По само неколку месеци го оставиле да живее кај неговите баба и дедо, а тие се преселиле во градот Баранкила за да отворат аптека.

50-years-of-solitude-100-anniversary-gabriel-garcia-marquez

Како дете, тој едноставно бил „Габито“ – срамежливо дете кое многу трепкало кога било нервозно. Тој се мачел да научи да чита и стекнал навика да ги црта своите приказни наместо да ги пишува. Но, тој бил миленик на својот дедо. Сите замерки кои дедо му ги имал за бракот на својата ќерка исчезнале со раѓањето на Габито. Како што Маркес еднаш рекол, неговиот дедо го носел во циркус и во кино и тој бил неговата папочна врска со историјата и реалноста.

Неговата баба, непоколебливата Транкулина Игуаран Котес, оставила подеднакво силен впечаток кај него: „Секогаш раскажуваше приказни, семејни легенди и го организираше нашиот живот според пораките кои ги добиваше во нејзиниот сон“. Маркес токму нејзе ѝ ги припишува заслугите за неговиот „натприроден поглед на реалноста.“

Се работело за жена која ослепела кога остарела, но успешно го убедила својот доктор дека сѐ уште може да гледа. Кога докторот ја прегледувал, таа детално ги опишала сите предмети во нејзината соба, уверувајќи го дека нејзиниот вид се вратил. Всушност, таа едноставно ги запомнила сите предмети во собата.

c6oivlywuaaqf4x

Кога Гарсија Маркес имал 10 години, неговиот дедо починал, па тој и неговите двајца браќа отишле да живеат со своите родители во Баранкила. Ова биле тешки времиња за момчето коешто ги знаело своите родители само како ретки посетители.

Работите станувале потензични со секоја нова бременост на неговата мајка (вкупно 11 деца) и со одлуката на неговиот татко да се преселат во градот Сукре. На крај, Габито се преселил назад во Баранкила каде што се запишал во престижна језуитска гимназија. Тој бил брилијантен стипендист и бил познат по тоа што ги носел старите костуми на својот татко и рецитирал долги поеми кои ги знаел напамет.

Неговото образование продолжило и надвор од училишните клупи. На 13 години ја изгубил невиноста со некоја проститутка која подоцна го информирала дека неговиот помлад брат ѝ бил редовен посетител. По две години, тој започнал врска со постара мажена жена која измислила систем со кој го терала да ја пишува домашната задача. Системот бил едноставен: Нема оцени, нема секс! Тој матурирал со сите почести и добил стипендија за престижен факултет во близина на Богота.

Не е за изненадување тоа што зачетоците на подоцнежните романи на Маркес започнале да се создаваат во неговата младост. Неговиот дедо, баба, родителите, браќата и сестрите, вујковците и вујните, дури и проститутката – сите тие се појавуваат во неговите дела. Неговиот роден град Аракатака e инспирација за познатото гратче Макондо од „Сто години самотија“ и „Бурата на листот“, а комплицираната врска на неговите родители е опишана во „Љубов во време на колера“.

980full-gabriel-garcia-marquez

Во 1947 година, 20-годишниот Гарсија Маркес одлучил да го напушти Правниот факултет и решил да стане писател. На огромно негодување од страна на неговиот татко, тој се отпишал од факултет и станал новинар во либералниот весник „Ел Хералдо“.

Ова се случувало за време на крвавата граѓанска војна која се заканувала дека ќе ја распарчи Колумбија. Со сите силувања, убиства и опресивните санкции на владата, навистина било тешко да се биде новинар. Маркес често бил гладен со оглед на тоа дека заработувал само три песози по статија. Во тоа време тој пишувал и роман. Во слободните моменти, тој го подготвил ракописот за „Бурата на листот“. Му биле потребни седум години за да најде издавач, а книгата конечно излегла во 1955 година. Иако добила добри критики, сепак книгата не се продавала баш најдобро.

Истата таа година, Маркес ги објавил приказните на колумбиските морнари кои умреле во несреќа на брод. Оваа приказна била сосема различна од приказната која ја објавила владата и открила корупција во морнарицата која довела до смртта на морнарите. Маркес станал толку непопуларен кај властите, што луѓето од неговиот весник морале да го испратат надвор од државата заради негова безбедност.

marquez-danticat

Тој ги поминал следните неколку години во Европа и бил неверојатно сиромашен. Претежно живеел во Рим и Париз и еден краток период во источна Европа. Додека бил таму, тој ги напишал „На полковникот никој не му пишува“ (1961) и „Злобниот час“ (1962), имал страствена врска со шпанска актерка и продолжил да гладува.

Кога конечно се вратил во Колумбија, тој се оженил со неговата долгогодишна љубов, Мерседес Барча Пардо. Маркес првпат ѝ понудил брак кога имал 18 години, а таа имала само 13 години. По цела деценија додворување, помината најчесто во допишување, таа се согласила да се омажи за него.

Маркес продолжил да работи како новинар, прво во Хавана за време на Кубанската револуција, а потоа и во Њујорк. Од Њујорк, тој, сопругата и нивниот новороден син, решиле да патуваат со автобус до Мексико. Ова патување му ги отворило очите за југот на Америка и за татковината на Вилијам Фокнер, кој е еден од писателите кои највеќе влијаеле на Маркес. Ова патување исто така го инспирирало да започне да работи на „Сто години самотија“, книгата која ќе му донесе планетарна слава.

На 26 јуни 1961 година, Маркес и семејството стигнале на железничка станица во Мексико сити и тој во себе имал само 20 долари и „никаква надеж за иднината“. Тој почнал да пишува и за 18 месеци го завршил романот кој ќе му го измени животот од корен. Во „Сто години самотија“ тој ги искористил сите раскажувачки техники кој ги научил додека работел како новинар.

Gabriel García Marquez

Подоцна за „Њујорк Тајмс“ ќе изјави: „Финтите кои ви се потребни за да претворите нешто што делува фантастично и неверојатно во нешто веродостојно, се работи кои научив од новинарството. Клучот е да ги кажете директно работите. Тоа го прават новинарите и раскажувачите на народни приказни.“

Иако пишувањето одело бргу, сепак не било лесно. За да може да го издржува своето семејство, Маркес го продал својот автомобил, фен и сѐ што можело да донесе некоја пара. Кога дошло време да го испрати ракописот во Буенос Аирес, тој имал пари да прати само половина ракопис.

Половина било доволно. Романот „Сто години самотија“ го лансирал Гарсија Маркес на книжевната сцена. Додека сѐ уште живеел во Мексико, тој веќе станал најсаканиот писател од Латинска Америка и го добил прекарот „Габо“. Во Колумбија, тој веќе станал национална гордост. Книгата ќе се продаде во повеќе од 35 милиони примероци и ќе биде преведена на најмалку 35 јазици.

И покрај љубовната природа на неговите дела, неговите романи во себе ја изложуваат политиката во Латинска Америка. Тој зборува за герилската војна, шверцањето дрога, недостатоците на комунизмот, лошите страни на капитализмот и опасното мешање од страна нa ЦИА.

По објавувањето на „Сто години самотија“, Маркес го искористил својот статус за поинтензивно да се вклучи во политика. Тој почнал јавно да ја критикува САД за тоа што ја користи „војната против дрoгата“ за да се меша во внатрешните работи на Латинска Америка. А на почетокот на 70тите години на 20 век, тој служел како медијатор помеѓу колумбиската влада и левичарските герилци.

Гарсија Маркес се нашол и во прилично моќно друштво. Додека работел како новинар во Куба, тој станал пријател со Фидел Кастро, а нивното пријателство се продлабочувало со текот на годините. Кастро му готвел шпагети, а Маркес го опишал како „крал“ и човек кој ја сака книжевноста.

gabriel_garcia_marquez_fidel_castrp_1718483346

Тој дури му го испратил и првичниот ракопис за „Хроника на една најавена смрт“ за Кастро да му даде забелешки. Ова пријателство водело кон тоа Маркес да биде наречен „книжевниот човек со секирче“ на Кастро. Но, дури ни влијанието на Маркес не помогнало да ја запре кубанската влада при осудувањето и егзекуцијата на еден од пријателите на Маркес во 1989 година.

Во една статија за „Њујорк Тајмс“ од 1982 година, писателот објаснил дека како латиноамерикански писател, негова должност е да биде политички активен. „Проблемите на нашите општества воглавно се политички и посветеноста на писателот е посветеност кон реалноста на целото општество, а не само на мал дел од него. Во спротивно, тој е подеднакво лош како и политичарите кои игнорираат голем дел од нашата реалност. Тоа е причината поради која писателите, сликарите, уметниците во Латинска Америка се вклучуваат во политиката.“

Маркес продолжил да ја вметнува политиката во своите дела. Во 1996 година тој ја објавил сторијата „Приказна за едно киднапирање“, новинарски запис за 10 луѓе кои биле киднапирани од колумбискиот крал на дрогата, Пабло Ескобар и пишувал за шемите кои биле смислени за да се спасат тие луѓе.

Истата година напишал статија за „Њујорк Тајмс“ во која пишувал за Елиан Гонзалес, во која очигледно било дека симпатиите му биле наклонети кон Куба: „Вистинскиот бродолом на Елиан не се случил на отворено море, туку во моментот кога стапнал на американска почва.“

До одреден степен, политичкиот активизам на Маркес служел и за развивање на неговата сопствена легенда. Во средината на 70 години на 20 век, писателот кажал дека нема да објави ништо сѐ додека чилеанскиот диктатор Пиноче е на власт. Неговите пријатели биле согласни дека оваа изјава е направена за да се постигне „пресметан ефект“. Освен тоа, Маркес не се држел до ова, затоа што кратко по оваа изјава тој ја издал „Љубов во време на колера“.

gabrielgarciamarquez

Во 90-тите години на 20 век, Маркес добил рак на бели дробови кој успешно му бил отстранет, а преживеал и рак на лимфните јазли. Во 1999 година, повторно се појавиле шпекулации за неговата смрт откако некој напишал сентиментална поема за смртта и рекол дека Маркес ја напишал. Поемата набргу се претворила во еден од оние мејлови кои циркулираат во вид на синџир и се создала вистинска хистерија.

Како што минувале годините, така се намалувало и творештвото на Маркес. Читателите чекале до 2002 година за тој да го издаде вториот дел од неговите мемоари. Неговиот роман „Сеќавања на моите меланхолични курви“ бил издаден во 2004 година и бил книжевен успех кој добил многу позитивни критики. Но, со само 115 страни, читателите барале повеќе.

Дури и контроверзиите кои ги предизвикал биле млаки. Во 2004 година, писателот бил исклучен од Меѓународниот конгрес на шпанскиот јазик затоа што наводно рекол дека тие треба да престанат да се фокусираат на спелување, што тој го нарекол „терор кој ги посетил сите човечки суштества од лулката наваму.“

Во биографијата за животот на Маркес издадена во 2008 година, Џералд Мартин открил дека писателот страда од прогресивно губење на помнењето, сериозен проблем за човек кој себеси се нарекувал „професионален запомнувач“. Мартин напишал: „Јасно ми беше дека тој повеќе не може да пишува книги.“

gabriel-garcia-marquez

А ги имаме и изјавите на самиот Маркес. Во 2006 година, за шпанскиот весник „Ла Вангардија“, тој изјавил: „Престанав да пишувам. Минатата година беше првата година во мојот живот во која немам напишано ниту една реченица.“ Кога во 2009 година, еден новинар на колумбискиот весник „Ел Тиемпо“ го запрашал дали се вистините гласините за неговото пензионирање, тој рекол: „Не само што не е точно, туку можам да кажам дека единствената работа која ја правам е пишувањето.“ Тој завршил со изјавата: „Ќе знам кога ќе бидат готови тортите што ги печам.“

Габриел Гарсија Маркес умрел од пневмонија на 17 април 2014 година, на 87 години.

Пишувајте го тоа што го знаете

Голем дел од сцените во романите на Габриел Гарсија Маркес доаѓаат директно од неговиот чуден живот. Еве неколку примери:

Малечкото девојче кое јаде кал

Кога имал три години, неговата помала сестра Маргарита дошла да живее со Габито и неговите баба и дедо. Таа одбивала да јаде и зборува и семејството се чудело како таа не изгладнела. Не поминало долго додека ја откријат вистината: Таа се хранела од калта од градината и прашината од ѕидовите. Во „Сто години самотија“, сирачето Ребека ја прави истата работа кога ќе всели кај семејството Буендија. Таа со текот на времето се опоравува, исто како што се опоравила и Маргарита.

Смрт од цијанид

На почетокот на „Љубов во време на колера“, стариот доктор Урбино е викнат да дојде на местото каде што се извршило самоубиство. Жртвата е сакат воен ветеран кој се убил себеси со цијанид. Маркес бил сведок на слична смрт. Кога бил дете, неговиот дедо го запознал со „Белгиецот“, ветеран од Првата светска војна, кој бил парализиран. Сликата на мажот како лежи мртов со патериците до него е речиси детално анализирана во воведната сцена на романот.

Масакрот на плантажата со банани

Еден од најшокантните делови во „Сто години самотија“ е делот во кој се опишува масакрот на 3000 мажи, жени и деца за време на штрајкот на работниците кои работеле на плантажата со банани во Макондо. Всушност, таква плантажа навистина постоела и се наоѓала во близина на домот на Маркес во Аракатака и тој пораснал слушајќи за масакрот кој наводно се случил кога тој бил дете. Никој не бил сигурен колку луѓе умреле (1000 или 3000), но според официјалните записи на властите, само 9 луѓе умреле. Во романот, властите негираат дека воопшто се случил тој настан.

Утехата на Малата златна рипка

Полковникот, омилениот дедо на Маркес, кој исто така бил обучен и за металургија, долги години работел како златар правејќи мали златни рипки кои станале своевиден симбол на тоа семејство. Истите тие рипки ги прави и полковникот Аурелијано Буендија во „Сто години самотија“.

Белегот на пепелта во среда

Еден од најсликовитите спомени од детството на Маркес била Средата на пепелта, кога вонбрачните деца на неговиот дедо го посетие неговото семејство со крстови од пепел на нивните чела. Оваа слика е одговорна за 17-те вонбрачни синови на полковникот Аурелијано Буендија и нивните мистериозни атентати. Секој од нив умрел откако бил идентификуван според белегот во вид на крст кој го носеле на нивните чела.

Извор.

 

 

 

Leave a comment