Бајките коишто толку многу ги сакавме како деца, во суштина содржат грозоморни сцени кои и не се баш за деца, но кога се подготвува нивната екранизација, многу често се случува да се отстранат мрачните делови за да бидат поприлагодливи за деца. Она што е интересно да се знае е дека понекогаш бајките не завршуваат со среќен крај, а тоа го покажуваат и оригиналните краеви на трите најпознати приказни за деца. Прочитајте во продолжение за кои приказни се работи.
„Малата сирена“

Приказната на Ханс Кристијан Андерсен за прекрасната принцеза-сирена која сака да биде човек, првпат била објавена во 1837 година. Сепак, луѓето највеќе ја препознаваат оваа приказна благодарение на екранизацијата на Дизни во 1989 година, која освоила и два Оскари. Но, верзијата на Андерсен била многу помрачна од онаа која ние ја знаеме и со која пораснавме.
Ликот на Морската вештерка се појавува и во екранизацијата, иако во верзијата на Дизни се вика Урсула и намерно е направена како поопуштен лик и не е толку мрачна како во верзијата на Андерсен. Во оригиналната приказна, откако Ариел доаѓа и ја замолува да стане човек, таа вели:
„Знам што сакаш“, рече Морската вештерка. „Тоа е многу глупаво од тебе, но ќе го добиеш тоа што го сакаш и тоа ќе ти донесе тага, убава принцезо. Ти сакаш да се ослободиш од рибјата опашка и да имаш две потпори наместо тоа, како луѓето на Земјата, за младиот принц да се заљуби во тебе и сакаш да имаш бесмртна душа… Јас за тебе ќе подготвам една напивка и ти ќе мора да испливаш до копното пред изгрејсонце, да седнеш на брегот и да ја испиеш напивката. Тогаш, твојата опашка ќе исчезне и ќе се претвори во она што човештвото го нарекува „нозе“ и ќе почувствуваш огромна болка, како меч да те прободува. Но, сите што ќе те видат ќе ти речат дека ти си најубавото мало човечко суштество коешто го виделе. Сѐ уште ќе ја имаш таа лебдечка грациозност на движењата, ниту една танчерка не може да се движи толку лесно, но со секој чекор кој ќе го правиш, ќе имаш чувство дека газиш на остри ножеви… Ако можеш да го поднесеш сето ова, јас ќе ти помогнам.“
На крајот, во оригиналната приказна, сирената се согласува и прави договор со вештерката и на крај живее на копно во постојана агонија. Не само тоа, туку таа се откажува од својот глас со тоа што дозволува да ѝ биде отсечен јазикот. И ако тоа не е доволна жртва, ако принцот на крај се заљуби во друга, сирената ќе умре утрото по нивната свадба и ќе се претвори во ништо повеќе од „пената на врвот на брановите“.
За несреќа, на крајот на приказната на Андерсен, принцот навистина се заљубува во друга, но нејзините сестри смислуваат план да ја спасат. Ја даваат нејзината коса на Морската вештерка, стигнуваат навреме пред сирената да умре и ѝ кажуваат дека вештерката за возврат им дала нож за да го убијат принцот и да ја спасат сирената.
„Пред да изгрее сонцето, мора да го забодеш во срцето на принцот. Кога топлата крв ќе падне пред твоите нозе, тие повторно ќе се спојат и ќе се појави опашката и ти повторно ќе станеш сирена…. Побрзај, некој од вас двајца мора да умре пред изгрејсонце.“
Сирената не може да се натера себеси да го убие принцот којшто го сака и умира. Но, наместо да се претвори во „ништо повеќе од морска пена“, таа станува „ќерка на воздухот“ и им се приклучува на група суштества кои како и сирените, немаат душа, но за разлика од сирените, можат да добијат души и да отидат во рајот.
Ако ова звучи како среќен крај, чекајте, има уште еден пресврт.
Таму ѝ кажуваат дека ќе влезе во Рајот само ако децата низ светот се однесуваат добро:
„По 300 години, ќе лебдиме во кралството на Рајот“, рече една од ќерките на ветрот. „И можеби ќе влеземе таму уште порано“, шепна една од нејзините придружнички. „Незабележани, можеме да одиме во куќите на луѓето во кои има деца и за секој ден кога ќе најдеме добро дете, можеме да одземеме една година помалку од тие 300 години. Но, ако видиме палаво или лошо дете, ние ќе рониме солзи од тага и секоја солза додава еден ден повеќе на нашиот период.“
„Авантурите на Пинокио“

Иако и самиот цртан си имаше страшни сцени, оригиналната приказна на Карло Колоди вклучува уште пострашни детали.
Како прво, кога Пинокио првпат бега од дома, тој се судира со локален полицаец кој веднаш одлучува дека Џепето го малтретирал и го апси старецот и го фрла во затвор. Кога Пинокио се враќа дома, штурецот кој со декади живеел во куќата на Џепето пробува да му укаже на грешките, но за разлика од цртанот, во оригиналната приказна, на Пинокио му доаѓа преку глава од попувањето на штурецот и го убива со чекан.
Но, во суштина, најстрашен е самиот крај на приказната. Во цртанот, лисицата и немата мачка успешно го измамуваат Пинокио да се приклучи на шоуто со кукли и подоцна го убедуваат да отиде на одмор на „Островот на задоволствата.“ Но, во книгата, една од нивните измами вклучува нивно маскирање како бандити и обид да го убијат. Прво го прободуваат во грб, а потоа пробуваат да го обесат на дрво:
„Тие му ги врзаа рацете на Пинокио позади грб и му ја ставија јамката околу вратот. Го фрлија јажето над високата гранка на огромното дабово дрво и влечеа сѐ додека кутрата кукла не висеше во воздух. Задоволни од својата работа, тие седнаа на тревата и чекаа Пинокио да го земе својот последен здив. Но, по три часа, очите на куклата сѐ уште беа отворени, неговата уста сѐ уште беше затворена и неговите нозе клоцаа посилно од кога било.
Уморни од чекање, убијците со потсмев му збореа: „Чао до утре. Кога ќе се вратиме изутрина, се надеваме дека ќе бидеш доволно љубезен да ни дозволиш да те најдеме мртов, со отворена уста.“ Си заминаа со овие зборови.“
Кога книгата на Колоди првпат била серијализирана во еден римски весник во 1881 година, приказната завршила токму таму, со поглавјето 15, во кое Пинокио сѐ уште висел од дрвото:
„„О татко, драг Татко, камо среќа да беше тука!“ Ова беа неговите последни зборови. Тој ги затвори очите, ја отвори устата, ги испружи нозете и висеше таму, како да беше мртов.“
Разбирливо, крајот бил премногу неодреден (а самиот серијал како целина бил многу популарен кај читателите) за уредникот на Колоди да го остави така. По две недели, весникот објавил известување објаснувајќи дека „Пинокио, пријателот на господин Колоди е сѐ уште жив… па така, ги предупредуваме нашите читатели: Наскоро ќе започнеме со вториот дел на „Авантурите на Пинокио““. Колоди ја продолжил приказната од последната сцена каде Сината самовила го спасува и потоа следува веќе познатиот среќен крај.
„Пепелашка“

Безброј верзии на приказната за Пепелашка се раскажувале низ вековите, а една од нив, кинеската народна приказна „Је Ксијан“ датира дури од 9 век. Но, најпознатата верзија за публиката ширум светот е онаа која е базирана на „Сендрилон“, приказна напишана од францускиот писател и академик Шарл Перо во 1697 година. Верзијата на Перо вклучува многу работи кои би ги препознале во приказната која ја знаеме денес, со еден исклучок – крајот.
Кога згодниот принц доаѓа во домот на Пепелашка за да види дали стаклената чевличка одговара на нејзиното стапало или на стапалото на нејзините сестри, нејзините посестри се одлучни дека чевличката мора да им одговара, а тоа според сите интерпретации значело дека тие си сечат делови од своите стапала.
Кога браќата Грим ја објавиле приказната како „Ашенпутел“ во 1857 година, не само што ѝ ги отсекле палците на едната посестра, туку направиле другата посестра која си ја отсекува петицата да го направи тоа откако нејзината сопствена мајка ѝ го советува тоа. Мајка ѝ вели: „Отсечи дел од твојата пета. Кога ќе бидеш кралица нема да имаш потреба да одиш пешки.“
Но, најморничавиот дел следи на крајот, на крајната сцена на венчавката кога Ашенпутел/Пепелашка конечно се венча со нејзиниот принц. Маќеата и посестрите доаѓаат на венчавката, надевајќи се дека можеби ќе можат да грабнат дел од новостекнатото богатство и влијание на Пепелашка, но два гулаби кои се спријателиле со Пепелашка и кои ѝ помагале за време на приказната имале друга замисла:
„Кога младоженецот и невестата влегоа во црквата, постарата сестра одеше од нивната десна сестра, а помладата од нивната лева страна и гулабите им исколваа по едно око и на двете. Потоа, кога излегуваа од црквата, постарата одеше од левата страна, а помладата од десната страна и тогаш гулабите им го исколваа другото око и на двете. И така, поради нивната злоба и лажливост, тие беа казнети со доживотно слепило.“
