Урсула Ле Гвин: „Кој здрав човек може да живее во овој свет, а да не биде луд?“ 

Урсула Ле Гвин, една од најпопуларните и најпочитуваните писателки во областа на научна-фантастика, почина на 22 јануари 2018 година. Ле Гвин имаше 88 години и починала мирно во нејзиниот дом.

Освен научна-фантастика, таа пишувала и поезија, кратки приказни и книги за деца. Во 2016 година, „Њујорк Тајмс“ ја прогласи за „Најдобриот жив американски писател на научнафантастика“. Има добиено многу награди и е исклучително почитувана во книжевниот свет, но и надвор од него.

За жал, книжевниот свет и љубителите на книги изгубија уште една прекрасна писателка, но нејзиното наследство и нејзините зборови ќе продолжат да одекнуваат во вечноста.

Во нејзина чест, денес на блогот прочитајте неколку прекрасни мисли на Урсула Ле Гвин!

Ursula K. LeGuin, Children's Books Winner, 1973

„Љубовта не седи само така, како камен, таа мора да биде создадена, како леб. И одново и одново повторно да се прави.“ 

„Креативен возрасен човек е детето кое преживеало.“

„Луѓето кои го негираат постоењето на змејови, често се изедени од нив. Одвнатре.“

„Убаво е да имаш крај на патувањето, но на крајот, патувањето само по себе е најважно.“

„Читаме за да откриеме кои сме. Она што другите луѓе, реални или замислени, го прават и чувствуваат… е есенцијален водич за нашето разбирање за тоа кои сме и што можеме да станеме.“

„Кој здрав човек може да живее во овој свет, а да не биде луд?“

„Писател е човек кој се грижи за тоа што значат зборовите, за тоа што кажуваат и како ги кажуваат. Писателите знаат дека зборовите се нивниот пат кон вистината и слободата и затоа тие внимателно ги користат, со страв, со претпазливост, со уживање. Со употребата на зборови, тие ги зацврстуваат своите души. Раскажувачите и поетите ги поминуваат своите животи учејќи ја вештината и умешноста добро да ги употребуваат зборовите. И нивните зборови ги прават душите на читателите посилни, посјајни и подлабоки.”

„Ниту еден човек кој вели „Ти реков“, не бил и никогаш нема да може да стане херој.“

„Да научиш кои прашања се неодгатливи и да не ги одговориш – оваа вештина е најпотребна во време на стрес и темнина.“

„Не можеш да купиш револуција. Не можеш да направиш револуција. Можеш само да бидеш револуција. Таа или е во твојот дух или не постои.“

„Единствената работа која го прави возможен животот е постојаната, неподнослива несигурност – да не знаеш што доаѓа следно.“

„Мојата фантазија ме прави човек и ме прави будала: Ми го дава целиот свет и ме прогонува од него.“

„Слободата е тешка, таа е голем и чуден товар за духот да може да го поднесе. Не е лесно. Слободата не е даден подарок, туку избор кој е направен, а изборот може да биде тежок. Таа е патот кој води кон светлината, но натоварениот патник можеби никогаш нема да стигне до крајот на патот.“

 

 

 

 

 

Leave a comment