Оскар Вајлд бил еден од најзборуваните луѓе на крајот на 19 век во Лондон. Неговата слава растела, неговите претстави привлекувале внимание и тоа било така сѐ додека неговиот свет не се превртил и неговото име било неповратно извалкано. Филмот „Среќниот принц“ навлегува во умот на веселиот и позитивен лик за време на неговите најмрачни денови.

Филмот ја имаше својата премиера на филмскиот фестивал „Санденс“. Тој ја раскажува приказната на Вајлд откако бил пуштен од двегодишна затворска казна за „вршење одвратни непристојни дејства со одредени машки лица“. Филмот се фокусира на неговото прогонство во Франција и Италија и предизвиците со кои се соочувал додека се обидувал одново да го гради својот живот.
Филип Кројзер, копродуцент на филмот, изјавил дека поголемиот дел од претставите и филмовите за неговиот живот претежно завршуваат со неговото осудување. Идејата да се раскаже приказната за неговите подоцнежни години дојде од Руперт Еверет кој го напиша и режираше филмов, а дополнително и ја толкува главната улога. Овој филм е неговото режисерско деби.
Кројзер рекол дека Еверет многу се поврзал со приказната и неколку години работел на сценариото пред да почне да работи на продукцијата. Кога Кројзер го прочитал сценариото, веднаш се навлекол на приказната. „Тоа е едно од најдобрите сценарија кои ги имам прочитано“, вели Кројзер.
Филмот се развива околу рамката на „Среќниот принц“, кратка приказна на Вајлд. Голем дел од филмот се врти околу навраќања кои ги покажуваат неговите најважни моменти од минатото и спротиставувањето на љубовта која ја добивал од неговите обожаватели и омразата која била насочена кон него по неговото судење.
Темата во филмот сепак е љубовта, тема со која секој може да се поврзе. Според Кројзер, клучна тема во филмот е „борбата за љубов и да бидеш сакан, нешто што секогаш било мотивација за Вајлд“.
Еверет со години го истражувал животот на Вајлд, долго пред да почне продукцијата на филмот. Тој стапил во контакт со семејството на Вајлд и проучувал стари документи за да обезбеди што е можно поточни информации за неговиот живот.
Руперт Еверет според Кројзер знаел точно што сака да раскаже, како да го раскаже и како сака да излезат работите и како продукт на тоа имаме одличен филм.
На ова се додава и автентичноста и јасната тема. Кројзер вели: „Целта секогаш беше филмот да преидзвика емпатија за Оскар и за неправдата која му била нанесена.“
Едвај чекаме да го гледаме! Според сите сознанија, се работи за одличен филм!
