Речиси и да нема човек кој не слушнал за „Големиот Гетсби“ на Ф. Скот Фицџералд. Се работи за едen од најславните американски романи, а неговата безвременост е веќе одамна докажана. Досега неколку пати сум пишувала за оваа книга, за можната инспирација која стои позади книгата, како и за необичната анегдота за познатата корица на оваа книга.
Денес на блогот можете да прочитате интересни факти за оваа прекрасна книга кои можеби и не сте ги знаеле претходно.

Кога првпат била пуштена во продажба, книгата не била баш толку многу ценета
Во тоа време, луѓето сметале дека „Големиот Гетсби“ не може да се мери со првите три романи на Фицџералд. Тоа се одразило и на заработката. Тој заработил само 4000 долари од книгата, а книгата се продавала за 2 долари. Се претпоставува дека негативните критики во голема мера биле присутни поради тоа што романот во поголемиот дел се потпира на дејствата на ликовите, кои рака на срце се ужасни, особено женските ликови. Ова биле лоши вести за Фицџералд, особено поради тоа што во тоа време жените биле оние кои најчесто купувале романи. Освен тоа, Фицџералд не бил баш сигурен за убедливоста на насловот.
А еве дел и од останатите критики и осврти кои се појавиле во весниците:
„Никогаш не добив задоволително објаснување за тоа зошто Фицџералд треба да биде наречен писател или зошто ние треба да се однесуваме како да е.“ – The Brooklyn Daily Eagle
„Откако ја прочитавме „Големиот Гетсби“, прилично сме убедени дека г-дин Фицџералд не е еден од добрите модерни писатели.“ – The New York Evening World
„Новата книга на Скот Фицџералд, „Големиот Гетсби“, во својата форма не е ништо повеќе од глорифицирана анегдота, а и во тоа не е баш убедлива.“ – The Baltimore Evening Sun

Книгата станала популарна по смртта на Фицџералд
За жал, пред да почине од срцев удар во 1940 година, тој веќе бил речиси заборавен од јавноста. Романот почнал да станува препознатлив откако Едмунд Вилсон го вклучил во заедничко издание со постхумно објавената книга „Последниот тајкун“. Ова ги мотивирало луѓето да почнат да ја читаат и наскоро се создал култ околу книгата, особено за време на Втора светска војна, кога конечно станала и комерцијално успешна и позната книга.
Малку познат факт е тоа дека кога Фицџералд починал, неговиот издавач сѐ уште имал дел од тиражот во својот подрум. Се работело за второто издание на романот кое имало тираж од 3000 книги. Повеќе изданија биле испечатени во периодот кога книгите им биле праќани на војниците кои се бореле во Втора светска војна (околу 150.000), отколку изданијата кои биле испечатени додека Фицџералд бил жив.
Инспирацијата за книгата дошла од француски роман
„Големиот Гетсби“ бил роман кој делумно бил инспириран од францускиот роман „Le Grand Meaulnes“, објавен во 1913 година. Подоцна бил преведен и на англиски јазик и можете да го најдете под името „Лутачот“ (The Wanderer) или „Изгубениот имот“ (The Lost Estate).
Од каде дошла инспирацијата за огромната куќа на Гетсби?
Се претпоставува дека инспирацијата за прекрасната и раскошна куќа на Гетсби дошла од неколку вистински вили, вклучувајќи го замокот Охека кој се наоѓал во Хунтингтон, Њујорк. Дури и денес, еден век по изградбата (која започнала во 1915 година), замокот Охека е вториот најголем приватен имот во САД.

(Замокот Охека)
Некои книжевни академици го поврзуваат описот на куќата со вилата Beacon Towers, вила со повеќе од 140 соби која била во сопственост на Вилијам Рандолф Херст и била уништена во 1945 година.
Дејзи Бјукенен била создадена според девојка на Фицџералд
Инспирацијата за создавање на ликот на Дејзи дошла од Гиневра Кинг, девојка од високите општествени кругови во Чикаго и една од девојките на Фицџералд. Еден академик чија специјалност е ликот и делото на Фицџералд, вели дека неговата романса со Кинг била најважната врска во неговиот живот, поважна дури и од неговиот однос со Зелда, неговата сопруга. Ова е многу веројатно, имајќи предвид дека во еден од регистрите на Скот било пронајдено ливче со зборови за кои се верува дека се на таткото на Кинг: „Сиромашни момчиња не треба да размислуваат да се женат со богати девојки.“
Има и други ликови кои се создадени според вистински луѓе
Џордан, најдобрата другарка на Дејзи, е создадена според Едит Камингс, една од другарките на Гиневра. Камингс исто така доаѓала од високите општествени кругови и била една од најпосакуваните девојки во Чикаго, а исто така била позната голферка – аматерка. Таа во 1924 година ја освоила престижната награда „Жена-аматерка“ на ниво на САД, една година пред објавување на книгата.
Мејер Волфшием, познатиот шверцер на алкохол, е директна референца на вистинскиот Арнолд Ротстајн. Ротстајн е одговорен за големиот спортски скандал во 1919 година, кога повеќе играчи на Чикаго Вајт Сокс намерно изгубиле натпревар поради тоа што пред натпреварот се обложиле дека ќе изгубат. Оваа паралела најдобро се гледа кога некој во книгата споменува дека Волфшием бил дел од оние кои го наместиле Светскиот куп.
Се разбира, има шпекулации дека и самиот Гетсби и несреќата се инспирирани од вистински лик и вистински настани, а тоа можете да го прочитате тука.

За малку ќе била издадена под друго име
Фицџералд се двоумел околу неколку имиња пред да се реши за насловот кој сите го знаеме. Меѓу можностите биле: „Помеѓу пепелници и милионери“, „Трималкио“; „Трималкио во Вест Ег“, „На пат кон Вест Ег“, „Под црвеното, белото и синото“, „Гестби со златната капа“ и „Љубовникот кој високо скока“.
Истиот издавач ја издал и „И сонцето изгрева“
Макс Перкинс, кој ја издал „Големиот Гетсби“, исто така ја издал и книгата „И сонцето изгрева“ која е напишана од Ернест Хемингвеј, еден од најдобрите пријатели на Фиџцералд. Перкинс бил и критичар и издавач и бил многу близок со двајцата, а Хемингвеј го овековечил со тоа што нему му го посветил романот „Старецот и морето“.
Зелда ја мразела филмската екранизација
Шест режисери се обиделе да ја екранизираат книгата и иако повеќето од нив биле неуспешни, сепак повеќето не морале да слушаат за тоа колку филмот не чини и тоа директно од устата на Зелда, сопругата на Фицџералд. Таа навистина не можела да ја поднесе екранизацијата (се работело за нем филм), па во едно писмо до ќерка ѝ Скоти, таа напишала: „Филмот е ужасен и скапан и ние си заминавме“.

Поетот кој го отвора романот не постои
Поетот Томас Парк Д’Инвилерс, кој го „напишал“ епиграфот на романот, никогаш не постоел. Тој бил лик од „Оваа страна на рајот“, уште едно од делата на Фицџералд. Фицџералд понекогаш го користел ова име како свој псевдоним.
Ова е епиграфот:
„Тогаш носи ја златната шапка, ако тоа ја трогнува;
Ако можеш да скокаш високо, скокај за неа,
сѐ додека не почне да вика: „Љубовнику,
ти љубовнику со златна шапка, ти што високо скокаш,
јас морам да те имам!“
Фицџералд бил ужасен спелувач
Толку бил лош, што Едмунд Вилсон, американскиот книжевен критичар, го нарекол романот „Оваа страна на рајот“’, „една од најнеписмените книги кои некогаш биле напишани.“
Бонус факт: Писателот Хантер С. Томпсон одново ја искуцал книгата „Големиот Гетсби“ за да почувствува како е да пишуваш како Фицџералд.
