Хантер С. Томпсон е еден од најконтроверзните американски писатели на 20 век, благодарејќи на неговата контроверзна книга „Страв и гадење во Лас Вегас“, која ја шокираше Америка поради деталните описи на сцените каде што се конзумира дрога. Целиот свој живот бил прилично контроверзен, но се смета за еден од најзначајните писатели на својата генерација.

Како и повеќето писатели и тој бил страствен читател и имал свои омилени и помалку омилени книги. Денес на блогот можете да прочитате 5 книжевни препораки (иако ги има многу) врз основа на неговите писма до уредници, пријатели, па дури и својата мајка.
„Отфрлен и на дното во Париз и Лондон“ од Џорџ Орвел

Во писмо до уредникот Ангус Камерон од издавачката куќа „Кнопф“:
„Фикцијата е мост кон вистината која новинарството не може да ја достигне. Фактите стануваат лаги кога на нив се додава нешто, а единствениот тип новинарство на кој можам да му обрнам внимание е нешто од типот на „На дното и отфрлен во Париз и Лондон“. Но, за да можеш да пишуваш такво нешто, треба да ги распоредиш фактите на твој шашав начин и по ѓаволите со најмената свиња која користи машини за додавање работи.“
„Величествениот извор“ од Ејн Ренд

Во писмо до Џо Бел, другар од средно училиште:
„Ако треба да кажам што мислам за „Величествениот извор“, тоа ќе ми зафати повеќе страни отколку што мислам дека е нормално без да замарам некого. Мислам дека доволно е да кажам дека е сѐ што ми рече дека ќе биде и уште повеќе од тоа. Природно, планирам да ја прочитам „Рамнодушниот Атлас“. Ако е половина од првиот обид на Ренд, нема да бидам разочаран.“
„Големиот Гетсби“ од Ф.Скот Фицџералд

Во писмо до уредникот Ангус Камерон од издавачката куќа „Кнопф“:
„Ако професорите по историја во оваа држава имаа малку памет, тие би ја земале оваа книга како пример за насоката на „Американскиот сон“. Мислам дека е најамериканскиот роман некогаш напишан. Паметам дека налетав на романот во една книжарница во Рио де Жанеиро. Насловот на португалски јазик беше „O Grande Gatsby“ и фантастично беше да се чита на тој чуден јазик, знаејќи колку е залуден преводот. Ако Фицџералд беше Бразилец, ќе направеше таа држава да танцува на зборови наместо на музика.“
„Туѓинец“ од Колин Вилсон

Во писмо до Вирџинија Томпсон, неговата мајка:
„Како последна забелешка, ти предложувам да ја најдеш книгата „Туѓинец“ од Колин Вилсон. Сакав детално да објаснам за она што го открив за себеси во последнава година, но сфатив дека сум премногу уморен. Како и да е, откако ќе ја прочиташ таа книга, ќе добиеш некаква слика за тоа што следува за твојот син кој си го крстила Хантер (збор кој истовремено значи и ловец, м.з). Во моментот кога почнав да се сомневам околу некои од моите најцврсти уверувања, тогаш налетав на оваа книга. Но, наместо да кажам дека сум грешел, мислам дека всушност само не сум се изразувал како што треба.“
„Светот на сексот“ од Хенри Милер

Во писмо до Норман Мејлер, во 1961 година:
„Оваа мала црна книга на Милер е нешто што би ти се допаднало. Ако не, или ако веќе ја имаш, те молам врати ми ја назад. Не ми пречи да ја давам на луѓе, ама не би сакал да видам дека е залудно дадена.“
До Мејлер, во 1965 година:
„Некаде при крајот на 1961 година или така нешто, ти пратив едно сиво издание со меки корици од „Светот на сексот“ на Хенри Милер. Тоа е едно од 1000 изданија кои во 1941 година беа испечатени „за пријатели на Хенри Милер“. Ти никогаш не кажа ништо, а тоа не е знак за нешто што во Калифорнија го викаат „ниво“, но е разбирливо, со оглед на тоа дека физички се заканував за книгата која денес велат дека е ретко издание. И нека биде така… Се надевам дека ја чуваш книгата. Кога ќе остареш, продади ја по вредноста којашто ќе ја има во тоа време.“
