Зошто треба да ја прочитате „Улис“ од Џејмс Џојс?

„Улис“ се смета за една од најкомплицираните и најдобрите дела на сите времиња. Џејмс Џојс се смета за еден од најголемите книжевни великани на сите времиња. Многумина се двоумат да ја земат „Улис“ во рака, но се надевам дека денешното видео и транскриптот од истото ќе ве убедат да ја прочитате оваа книга.

Најпрво следува транскрипт од видеото, преведен на македонски јазик, а подолу можете да го погледнете и видеото:

„Улис“ на Џејмс Џојс се смета и за книжевно ремек-дело и за едно од најтешките книжевни дела за читање. Овој роман има толку многу приврзаници, што на 16 јуни, денот кој е познат и како Блумсдеј, илјадници луѓе се облекуваат како ликовите од книгата, излегуваат на улица и ја читаат книгата на глас.

Некои луѓе дури одат и до Даблин само за да ги посетат местата опишани во делото на Џојс. Па, се поставува прашањето, што е толку посебно во оваа позната, тешка книга која инспирира толку многу луѓе?

Не постои едноставен одговор на ова прашање, но има неколку впечатливи работи во врска со книгата која ги тера луѓето постојано да се навраќаат на приказната. Заплетот, кој се случува во текот на еден ден, е приказна за три ликови:
~ Стивен Дедалус, кој веќе се има појавено во претходен роман на Џојс, „Портрет на уметникот во младоста“;
~ Леополд Блум, полу-Евреин, агент за реклами за еден весник во Даблин;
~ Моли, жената на Блум, која е пред почетокот на една љубовна афера.

maxresdefault

Стивен е во депресија поради неодамнешната смрт на својата мајка. Во меѓувреме, Блум лута низ градот. Оди на погреб, на работа, во паб, итн., избегнувајќи да отиде дома, затоа што Моли само што не ја започнала својата љубовна афера.

Она што е најфасцинантно кај книгата е начинот на кој приказната е раскажана. Секое поглавје е напишано на различен начин. 15 e претстава, 13 е како клише љубовен роман, 12 е приказна со чудни, преувеличени прекини, 11 употребува техники како ономатопеја, повторувања и алитерација со цел да имитира музика и 14 ја реконструира еволуцијата на англискиот книжевен прозен стил од почетокот, од англо-саксонските времиња, сѐ до 20 век.

Сето тоа кулминира во последното поглавје кое го следи текот на свеста на Моли и се провлекува низ осум долги пасуси, без речиси никаква интерпункција. Опсегот на стилови кои Џојс ги користи во „Улис“ е една од причините поради кои книгата е толку тешка, но во исто време ја прави полесна за уживање.

Тоа е исто така една од причините поради кои книгата се смета за една од клучните текстови на книжевниот модернизам, движење кое се карактеризира со тоа што ги отфрла традиционални модели на пишување. Џојс ги пополнува неговите раскажувачки гимнастички рутини со еден од најкреативните начини за употреба на јазикот, кои тешко дека ќе ги сретнете на друго место.

Земете ја за пример следната реченица: „Фигурата која седеше на еден голем тркалезен камен беше широкораменест, големоустест, големоносест, долгоглавест, длабокогласест, голоколенест, влакнетоногест, руменкаст, силновооруженест херој.“

Во овој пример, Џојс го преувеличува описот на еден болежлив стар човек кој седи во паб за да направи тој да изгледа како неверојатен гигантски херој. Точно е дека некои делови на прв изглед се непробојно комплицирани, но на читателот му е оставено да им дозволи на неговите очи да лутаат низ тие делови или да извадат лопата и да почнат да копаат подлабоко.

sylviajoyce_2940850b
(Џејмс Џојс и Силвија Бич, која била една од неговите најголеми поддржувачи)

И откако ќе започнете со ископувањето, ќе сфатите дека книгата е енциклопедиско богатство. Полна е со секаков вид референци и алузии, од средновековна филозофија до симболизмот на тетоважите и од Данте до даблинскиот сленг.

Како што наведува и самиот наслов, некои од овие алузии се вртат околу „Одисеја“ на Хомер. Секое поглавје е именувано според лик или настан од „Одисеја“, но книжевните референци често се ненаметливи, дискутабилни, саркастични или прикриени.

На пример, Одисеј, јунакот на Хомер, по 20-годишно лутање се враќа во својата родна Итака и повторно се обединува со својата жена. Се работи за навистина смешна книга. Има висок, интелектуален хумор, доколку имате трпение за да ги најдете сите референци на Џојс, а има и многу „солени“ шеги.

Тие, како и многу други сексуални референци, биле премногу за некои луѓе. Во САД, книгата била дадена на суд, забранувана и цензурирана, уште пред да биде завршена, затоа што оригинално била издавана во делови.

james-joyce

Читателите на „Улис“ не се водени само низ различни видови книжевни стилови. На читателите им е дадена богата и шокантно точна тура низ точно определено место и време: Даблин, 1904 година.

Џојс тврдел дека ако Даблин некогаш биде уништен, градот може одново да биде изграден само од страниците на книгата. Иако тоа тврдење не е сосема точно, сепак укажува на грижата на Џојс и неговата посветеност точно да ги претстави деталите (и големите и малите) на неговиот роден град. Тоа не е мала работа, имајќи предвид дека го напишал целиот роман додека живеел надвор од својата родна Ирска.

Фактот дека „Улис“ е тешка книга е само уште еден доказ за генијалноста на Џојс. Некои луѓе ја сметаат за непробојна доколку до нив немаат водич со појаснувања за да им помогне да сфатат што сака Џојс да каже.

Но, има многу задоволство кое може да се најде додека ја читате и тоа задоволство е многу повеќе од решавањето на алузиите и сложувалките. И да, тешка е, може да ве фрустрира и може да биде смешна, затоа што животот е таков, дури и повеќе од тоа.

Кога одговарал на дел од критиките за „Улис“, а во времето кога била издадена ги имало премногу, тој рекол дека ако „Улис“ не е вредна за читање, тогаш животот не е вреден за живеење.

Во продолжение погледнете ја интересната анимација која со сигурност ќе ве убеди да ја фатите книгата во рака:

 

 

 

 

 

 

 

 

Leave a comment