Јануари беше долг месец и сигурна сум дека прочитавте многу книги, а сега февруари е пред нас, што значи дека следува уште еден месец исполнет со читање.
Стандардно, денес на блогот можете да ја прочитате листата на книги кои ги прочитав во месецот кој измина, па можеби ќе си го најдете следното четиво!
„Жената на временскиот патник“ – Одри Нифенегер

Оцена: 1/5
Осврт: Оваа книга беше навистина голем бестселер и врз основа на книгата беше направен и филм кој исто така беше успешен и гледан, па тоа и ме поттикна да ја прочитам. Сепак, ова дело ме остави тотално рамнодушна. Иако се работи за оригинална и интересна приказна која би можела многу добро да се развива, сепак начинот на којшто е напишана прави воопшто да не ни сакате да се заинтересирате.
Хенри е библиотекар кој има невообичаена дарба да патува низ времето и во едно од тие негови патувања ја запознава Клер која тогаш има шест години и ѝ кажува дека тие двајца ќе завршат заедно. И оттогаш тој секој ден ја посетува од иднината, сѐ додека еден ден иднината навистина не дојде и тие двајца не се запознаат, иако Хенри не ја препознава на прв поглед.
И потоа оттука гледаме како се развива нивниот живот и како и двајцата се справуваат со фактот дека Хенри си патува низ времето. И да, вака делува интересно и да, идејата не е лоша, но изведбата… стилот на пишување е досаден и по многу кратко време ми стана сеедно што ќе се случи и со двајцата, затоа што напишани се на начин да ве нервираат, но не на начин да ве поучи тоа на нешто, туку едноставно ве нервираат.
Сепак, можеби вам ќе ви се допадне, со оглед на тоа дека книгата има обожаватели ширум светот.
ИЗДАВАЧКА КУЌА: ПРОСВЕТНО ДЕЛО
„Војната нема женско лице“ – Светлана Алексиевич

Оцена: 5/5
Осврт: Ова е едно од најтоплите и најемотивните дела кои ги имам прочитано во последно време. Откако ја прочитав книгата, ми стана кристнално јасно зошто Светлана Алексиевич ја доби Нобеловата награда за литература во 2015 година. Не може да ве остави рамнодушни роман кој претставува збирка на сведоштва на луѓе, во случајов жени, кои поминале низ пекол и чии судбини натежнале над нивните рамена.
Светлана пропатувала многу делови од некогашниот Советски Сојуз и интервјуирала жени кои се бореле во Црвената армија за време на Втората светска војна. Жени кои се бореле во првите редови, жени кои управувале со тенкови, жени на најразлични позиции во армијата. И речиси сите биле девојчиња на 16, 17 и 18 години.
Она што ја прави книгата толку посебна е тоа што ни го открива другото лице на војната. Речиси сите воени книги пишуваат за големите подвизи и за херојствата, но тука тоа е претставено на малку поинаков начин. Нема ништо херојско во војната, во сите тие страдања, нечистотија, болести и умирања. Младоста на овие жени била одземена, но тие доброволно се пријавиле и би го направиле тоа без око да им трепне.
Прекрасна книга, топло ви ја препорачувам!
ИЗДАВАЧКА КУЌА: АНТОЛОГ
„Сопствена соба“ и „Три гвинеји“ – Вирџинија Вулф

„Сопствена соба“
Оцена: 5/5
Осврт: „Сопствена соба“ е еден од најмоќните есеи кои ги имам прочитано досега. Во последниот период прилично ја читам Вирџинија Вулф, почнав со „Госпоѓа Даловеј“, а еве продолжив и со „Сопствена соба“ и „Три гвинеи“. Познат е фактот дека Вирџинија Вулф била феминистка и се борела за правата на жените, а „Сопствена соба“ е еден производ на тоа. „Сопствена соба“ е есеј кој всушност започнала да го пишува како свој говор, но подоцна го допроширила и така подоцна бил издаден како дело.
Во ова дело, Вулф објаснува дека доколку сака да стане писателка, на жената ѝ е потребна сопствена соба за пишување и сопствен приход. Таа се навраќа назад низ историјата и ни ја прикажува тешката борба на жените да се стекнат со правото на имот, образование и приход.
На многу интелигентен начин, со хумор, без арогантност и безумни напаѓања, таа ни ги прикажува сите препреки на жените во споредба на мажите, зборува за времињата кога на жените не им било ни дозволено да пишуваат, а да не ни зборуваме дека не им било дозволено да се образуваат и сите големи писателки морале самите да се образуваат и да се борат за нивниот талент да биде препознает, иако често морале да се потпишуваат како машки.
Има една прекрасна реченица која вели: „Може да ги заклучите сите библиотеки, но не постои ниту една брава, ниту катанец кој можете да го ставите на слободата на мојот ум.“ (паразфразирано)
Одлична книга! Вирџинија Вулф уште еднаш ја докажува својата маестралност!

„Три гвинеи“
Оцена: 4.5/5
Осврт: „Три гвинеи“ е во истата книга со „Сопствена соба“ и тоа е веројатно најлогичниот избор, со оглед на тоа дека тематиката и во двата есеи е слична и ја обработува положбата на жените во тоа време, а и се верува дека Вулф планирала „Три гвинеи“ да биде продолжение на „Сопствена соба“
„Три гвинеи“ е есеј кој е напишан во форма на писмо. Почнува со тоа што дознаваме дека на Вулф некој ѝ пратил писмо и ја замолил да даде свое видување и придонес кон прашањето: „Како да ја запреме војната“. Тука таа почнува да зборува за тоа дека сега жените се запрашувани што може да направат, но сепак нивното влијание не може да биде големо поради сите пречки кои им стојат на патот.
Воедно, ова се случува само неколку години откако жените во Велика Британија добиле право на глас, па самиот чин е доста спектакуларен и револуционерен и таа пишува и за тоа. Воедно прави и една историска перспектива на развојот на образованието и неговата достапност за жените, нивното право да работат и да заработуваат за живот, кое и во времето кое таа го пишува ова писмо е оспорувано и многумина се труделе да им го одземат, велејќи дека има мажи кои не се вработени и дека жените треба да се отпуштат за мажите да го заземат нивното место. Сепак анализата е одлична, четивото е забавно, но истовремно и поучно.
И секоја од трите гвинеи ќе оди на различно место: едната за образование на жените, едната за програма за вработување на жените и една за заштита на културните и интелектуалните слободи.
Издавачка куќа: КОНГРЕСЕН СЕРВИСЕН ЦЕНТАР
