Престанете да читате книги во кои не уживате!

Според мене, постојат два типа луѓе:
1. Луѓе кои по секоја цена ги читаат книгите до крај, дури и кога мислат дека се ужасни;
2. Луѓе кои едноставно се откажуваат од книгите кои не им се допаѓаат и си преминуваат на следната книга;

Јас сум од првата група на луѓе, во суштина чувствувам грижа на совест ако не ја завршам книгата што ја читам, па затоа и следнава статија ми се виде интересна и решив да ја споделам со вас.

Ник Даглас од страната „Лајф хакер“ ги советува читателите да престанат да читаат книги и приказни во кои не уживаат. Статијата е кратка и можете да ја прочитате подолу:

kaboompics

„Некои луѓе знаат како да се откажат од книга уште во истиот момент кога ќе им здосади. Но, многумина од нас чувствуваат некаков притисок дека мораме да ја завршиме секоја книга која ќе ја почнеме, дури и кога читаме за наше задоволство. Се мачиме да преминеме преку делови кои не ни се допаѓаат, па тоа води кон зголемување на шансите да ја оставиме книгата и да го фатиме телефонот во рака. И така почнуваме помалку да читаме.

Ако сакате да читате повеќе книги, почнете со тоа што ќе се откажете од онаа која ја читате во моментот. Ако не чувствувате дека книгата ве повикува кога не ја читате, тогаш можеби треба да ја оставите и да најдете некоја книга која целосно ќе ве обземе. Всушност, секогаш кога читате некоја книга и стигнете до дел кога две страници по ред ви се здодевни, откажете се. Продолжете понатаму. Ако на крај се прашувате што ќе се случи на крајот, секогаш можете да ѝ се вратите на книгата.

Финтата е во тоа што во моментот кога ќе се откажете од книгата, морате да почнете да читате друга книга. И тоа уште во истиот момент. Мора да продолжите со читање, но можете да читате што сакате.

reading-books_0

Ако и таа книга е досадна, откажете се и од неа. Не постои ограничување за тоа од колку книги можете да се откажете. И онака никогаш нема да ви снема материјал и книги за читање. Вашата локална бибилиотека има многу повеќе книги отколку што вие можете да прочитате во животот.

Неодамна ги прочитав собраните кратки приказни на Кафка, барем поголемиот дел од нив. Приказните се хронолошки подредени, па затоа прво лутав низ поневажните приказни кои дури ни оние кои студираат книжевност не ги читаат. Кога еден пријател ме праша што читам, јас почнав да му зборувам дека чувствувам нервоза затоа што имам чувство дека не сум „доволно паметен“ за Кафка. Тогаш тој ми го постави очигледното прашање: „Зошто едноставно не преминеш на добриот дел?“

И така направив. И беше фантастично и моето темпо на читање се зголеми во моментот кога почнав да ги читам приказните кои ми се допаѓаа. Не ја прочитав секоја приказна на Кафка, но ги прочитав оние кои мене ми се допаднаа и кои се важни, а тоа придонесе побрзо да преминам на „Волшебникот од Earthsea “ (книга на Урсула Ле Гвин, м.з). Одлична книга!“

Што мислите вие?
Се согласувате ли со овој став?

Leave a comment