Што читаше Кафе и книги во февурари?

Традиционално, почетокот на месецот е резервиран за оценување и препорачување на книгите кои биле прочитани изминатиот месец.

Денес на блогот прочитајте кои книги ги прочитав во февруари и најдете ја вашата следна книга за читање. Листата од објективни причини е малку пократка овој месец, но се надевам дека овој месец ќе надоместам со читањето. 😀

cute-girl-light-reading-favim-com-139546

Погледнете ја листата на книги кои ги прочитав во февруари:

Трагично чувствување на животот“ – Мигел де Унамуно

859_59_14_13__28__4_2014313_tragicno20cuvstvuvanje20na20zivotot_korica

Оцена: 4/5
Осврт: Ова е книга која одлично ќе им легне на љубителите на филозофијата. Мигел де Унамуно одлично проникнува до душата на човекот и неговата желба и потрага по бесмртноста на душата, а тоа тој го нарекува трагично чувствување на животот.

Силно се чувствува и влијанието на католицизмот и католичкото воспитување со кои тој бил израснат. На многу интересен начин проникнува во човековата душа и отвора интересни теми, особено поврзани со религијата.

Тој на пиедестал го става чувствувањето, емоциите и душата, за разлика од разумот кој за него е од второстепено значење, односно смета дека целиот живот и суштината на душата се откриваат преку чувствата, надежта и верата.

ИЗДАВАЧКИ КУЌИ: АРЛ ЛИБРИС И ТРИ

Госпоѓа Бовари“ – Гистав Флобер

bovari

Оцена: 5/5
Осврт: Верувајте дека нималку не се претерани сите пофалби за оваа книга. Не можам да се сетам кога последен пат сум читала толку прекрасни описи, толку прекрасен стил на пишување, толку многу чувства.

Оваа книга прави комплетно да влезете во досадниот, селски живот на Ема Бовари и толку е добро напишана, што постојано имате чувство дека сте нем набљудувач кој на лице место сведочи на сите настани.

Ема Бовари мечтае за поинаков живот, живот полн со балови под маски, театарски и оперски претстави, накит и возбуда. Но, нејзиниот живот е целосна спротивност на тоа. Таа живее досаден живот во едно досадно село и постојано мечтае да избега од тоа. Таа е мажена со скромен и чесен доктор кој многу ја сака, но таа го презира, затоа што смета дека не е доволно маж за неа. Набргу пристапува кон различни методи за да се забавува и да најде спас од досадното секојдневие.

Прекрасна книга. ПРЕКРАСНА. Какви прекрасни описи, приказната е прекрасно разработена, заедно со развојот на ликовите. Едноставно, повеќе не се пишуваат вакви приказни.

Освен тоа, поради оваа книга, Флобер бил даден на суд затоа што „го нарушувал јавниот морал“ или некакво слично смешно обвинение. Ако под нарушување јавен морал сметале дека тој има неверојатно прекрасен стил на пишување – тогаш, да, апсолутно е виновен.

Ова е книга која уште долго ќе остане со мене и топло ја препорачувам!

ИЗДАВАЧКА КУЌА: Конгресен Сервисен Центар/Полица

Девојката без минато“ – Катрин Крофт

815_24_37_11__24__2_2017d0b4d0b5d0b2

Оцена: 3/5
Осврт: Нека не ве залажува оцената. Иако ја оценив со три, сепак книгата е навистина интересна. Оцената е малку пониска поради тоа што некако очекував поголема експлозија во однос на расплетот, а и имаше некакви недоречености кои не ми се допаднаа.

Но, во суштина, се работи за добар трилер. Верувам дека на оние кои постојано читаат трилери, оваа книга навистина ќе им се допадне. Приказната се врти околу Леа, млада жена која речиси невидливо го живее животот. Оди на работа, се враќа дома, си живее според својата рутина. Целиот живот живее со грижа на совеста поради нејзиното минато, а во последно време се чини дека нејзиното минато ја стасува.

Доколку сте во потрага по интересен трилер, кој бргу се чита, а вам ви треба нешто да ве одмори од секојдневните обврски – оваа книга добро ќе ви дојде.

ИЗДАВАЧКА КУЌА: ТОПЕР

Leave a comment