„Одбројување“ на Фросина Пармаковска е роман на годината!

Одбројување“ на македонската писателка Фросина Пармаковска (во издание на „Или-Или“) е прогласен за Роман на годината за 2017 година!

„Роман на годината“ е награда која од 1999 година традиционално беше доделувана од страна на „Утрински весник“, но откако згасна дневниот весник, традицијата ја продолжува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“.

Како и секоја година, процесот се одвиваше во неколку етапи и со секој нареден круг се стеснуваше кругот на романи кои поминуваа во следната етапа.  Покрај Фросина Пармаковска и „Одбројување“, финалисти беа и романите „Апокалипса.мк“ на Бранко Прља, издание на „Готен“, и „Диссомнии“ на Игор Станојоски, издание на „Антолог“.

134162710-169383
(Извор на сликата)

Жирито коешто одлучуваше за наградата беше составено од: Давор Стојановски, писател и минатогодишен добитник на наградата, Ристо Лазаров, писател, Иван Додовски, писател и професор на Универзитетот Американ колеџ од Скопје, Анета Дучевска, професор и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Коневски“, и Катерина Богоева, новинар и член на Фондацијата „Славко Јаневски“.

Според жирито, романот „Одбројување“ претставува ненаметливо раскажана потресна семејна драма од современото скопско секојдневие.

„Приказната е структурирана во три дела, каде низ постојани флешбекови на внатрешен монолог, неименуваната нараторка, која е и централен протагонист во делото, ни ја открива незавидната положба – заглавена со својот бесправедно љубоморен, параноичен маж со очигледно душевно нарушување, кое никој од блиското семејство не сака да го прифати или препознае, се наведува, меѓу другото, во обрзложението на членовите на жирито.“ (извор: МИА)

445_22_17_15__20__4_2017220

Пармаковска со текот на годините, полека и сигурно стана препознатливо лице на македонската книжевна сцена. „Одбројување“ е нејзиниот трет роман, по „Пишувајќи ги изгубените топки“ и „Вишнова хроника“.

Како љубител на книгите и поддржувач на македонската книжевна сцена, можам слободно да кажам дека искрено се израдував за наградата за Фросина Пармаковска и „Одбројување“, имајќи предвид дека ова беше мојот омилен македонски роман кој го прочитав во 2017 година.

Во таа насока, топло ви ги препорачувам „Вишнова хроника“ и „Одбројување“, за кои веќе имам пишувано на блогот! (тука и тука)

Честитки за Фросина, па се надеваме на уште поголеми успеси и придонес за македонска книжевна сцена!

Да продолжиме да ја поддржуваме македонската книжевна сцена и домашните писатели и писателки, затоа што искрено имаме квалитетни уметници кои имаат што да кажат и имаат силна способност да нѐ допрат и да влијаат на нас!

Leave a comment