Пред извесно време пишував на блогот за состојбата на книжарниците во нашето дигитално време. Многу книжарници се соочуваат со кризи, но тоа не е случајот со книжарницата „Моравијан“ во Бетхелм, Пенсилванија (САД). Оваа книжарница првпат била отворена во 1745 година и оттогаш работи со полна пареа. Фактот дека работи 271 година без прекин е факт кој ја прави оваа книжарница најстара книжарница во САД и според „Гардијан“ таа истовремено е и најстарата книжарница во светот којашто во континуитет работи и функционира.

Порано оваа титула припаѓала на книжарницата „Џон Смит & Сон“ од Шкотска, но таа се затворила во 2000 година и според информациите била отворена во 1751 година. За малку рекордот ќе ѝ припаднел на книжарницата „Бертранд“ во Лисабон, Португалија, но книжарницата која започнала со работа во 1732 година, повеќе не се наоѓа на својата оригинална локација која била уништена од земјотрес во 1755 година.
И самата книжарница „Моравијан“ има претрпено промени во името и локацијата. Во одреден период го имала името „Бетхелмер Бучер Шоп“, а во 1856 година била преместена во Филаделфија во период од две години. Во 1858 година книжарницата се вратила во Бетхелм и во 1867 година го закупила просторот во кој се наоѓа и денес, а своето име кое го има и ден денес го добила во 1905 година.

Освен тоа што има многу работи што поголемите книжарници ги немаат, „Моравијан“ наводно има и дух. Според изјавите на вработените, тие го имаат видено овој чуден посетител и тие секоја година организираат „тура за духови“ која вклучува и неколку морничави историски места поврзани со градот. Сите тие места како гробиштата, мотел од 18 век и еден хотел, се прогонувани од духови, барем според изјавите на локалците.
Џејн Клугстон, вработена во книжарницата, зборувала со „Гардијан“ и им ја раскажала приказната за духот:
„Таа ми кажа дека една ноќ, додека ја затворала книжарницата со уште една колешка, таа видела темна фигура на другиот крај на ходникот, кој водел до кујната. Таа и нејзината колешка ја следеле фигурата и потоа таа видела дека ринглата во кујната била вклучена, како и вентилаторот.
„Не знам зошто оваа личност, дух или што и да е, нѐ однесе таму, но верувам дека сакаше да ги изгаснеме овие работи“, вели Клугстон. „Воопшто не размислував за тоа сѐ додека не ја кажав приказната некому и таа личност ми кажа дека тоа всушност било дух. Многумина имаат кажано дека на истото место почувствувале и виделе многу чудни работи.“
Би ја посетиле ли оваа книжарница?
