Често сум пишувала за Харуки Мураками на блогот, а тоа не е за изненадување, имајќи ја предвид неговата популарност кај македонските читатели (а да не ни зборуваме за пошироко). Тој дефинитивно е најпопуларниот жив јапонски автор, а сепак го сметаат и за еден од најмистериозните, бидејќи својот приватен живот го чува далеку од очите на јавноста.

Мураками не е од оние писатели кои уживаат во вниманието. Тој од 1971 година е оженет со својата сопруга Јоко Мураками, која прва ги чита неговите дела и тој ова повеќе го претпочита отколку книжевните дружби со другите пријатели, бидејќи за него се зборува дека е многу срамежлив.
Во продолжение прочитајте неколку интересни факти кои најверојатно не ги знаете за овој познат автор.
Тој пораснал читајќи европски и американски писатели.
Додека растел тој читал дела од европски и американски писатели како Франц Кафка, Гистав Флобер, Чарлс Дикенс, Курт Вонегат, Фјодор Достоевски и Џек Керуак. Тие влијаеле на неговото пишување и тоа е она што најмногу го издвоило од останатитите јапонски автори.
Во 70-тите години, тој и неговата сопруга биле сопственици на џез бар.
Барот се викал „Мачорот Петар“ и тие го воделе овој клуб од 1974 до 1981 година. Во овој период тој многу малку пишувал, затоа што бил навистина зафатен околу сите обврски околу клубот.

Тој почнал да пишува на 29 години.
Тој отишол на бејзбол натпревар и видел како некој играч постигнал двоен погодок. Натпреварот не бил нешто посебно, но тоа го инспирирало Мураками и го поттикнало да верува дека може да напише роман. По неколку месеци, тој ја завршил првата верзија од романот „Слушни го ветерот како пее“.
Тој пишува без план.
Некои писатели сакаат да го планираат своето пишување, но Мураками не е еден од нив. Во 2011 година изјавил дека неговото пишување е интуитивно.
Тој е преведувач, но никогаш не ги преведува своите дела.
Мураками превел многу дела, но тој не е заинтересиран да ги преведува своите дела од јапонски на англиски јазик. За своите дела тој ангажира преведувачи и понекогаш им дава предлози за некои зборови, но не оди подалеку од тоа.
Негова долгогодишна амбиција била да ја преведе „Големиот Гетсби“ на јапонски јазик.
Во еден есеј за преведување и преведувачи, Мураками открил дека кога бил во доцните 30-ти години, си поставил цел да ја преведе „Големиот Гетсби“ до неговиот 60 роденден. Тој рекол дека не наишол на верзија која му се допаѓала, па решил самиот да ја преведе на јапонски јазик.

Тој обожава да трча.
Мураками го засакал трчањето на 33 години. Но, оваа љубов оттогаш е многу силна и не губи на интензитет. Тој постојано трча на маратони и триатлони. Тој трча и плива речиси секој ден. Тој дури и го именувал својот мемоар „Што зборувам кога зборувам за трчањето“. Она што е навистина интересно е што на 23 јуни 1996 година го истрчал својот прв ултрамаратон од 100 километри.
Мураками е голем обожавател на детективски приказни
Тој самиот се научил англиски јазик и првата книга на англиски јазик која ја прочитал е „Името е Арчер“ од Рос Мекдоналд.
Тој ја има освоено речиси секоја можна јапонска книжевна награда
Тука влегува престижната награда „Јомиури“ која ја освоил во 1995 година за „Хрониките на птицата за навивање“.
Секоја вечер заспива во 21:00 часот, а се буди во 04:00 и тоа без аларм.
Обожава да пегла алишта.
Мачките се честа тема во неговите книги затоа што тој обожава мачки.
Кога во едно интервју го запрашале за тоа зошто толку често има мачки во неговите книги, тој одговорил: „Тоа сигурно е затоа што јас лично сакам мачки. Уште од дете бев опкружен со мачки. Но, не знам дали имаат друго значење.“
