Понеделник можеби и не ни е најомилениот ден поради тоа што мораме да се вратиме на работа или училиште, но за среќа тука се прекрасните македонски стихови кои секогаш ни го разубавуваат денот. Денес изборот падна на „Има денови“ од Петре М. Андреевски.
Има денови – Петре М. Андреевски
Има денови
кога јас не сум овој овде:
лицето друг ми го носи,
нозете друг ми ги користи,
па дури и моите зборови
некој друг ми ги кажува.
Јас само по нешто слушам
и само по нешто гледам,
а никој не смее да ми каже
зошто сум скаран со себеси.
Има денови
кога небото се шета поземи
и сонцето ми изгрева под колената
и кога јас одам на една страна,
а мојата сенка – на друга.
Тогаш слушам само плач и викоти,
но јас никаде не гледам никој
и никој не ми може ништо.
Само удирајќи така бесно рикајќи,
како дотечена слепа река
што сè пред себе руши и путоши.
О, избегнувајте, ќе ве молам,
избегнувајте ги тие денови
да ме сретнете, да ве сретнам.

