Како што сите знаете, на почетокот на секој месец традиционално ја објавувам листата со прочитани книги за изминатиот месец. Со оглед на тоа дека веќе во тек е и Саемот за книга, покрај вашата (сигурна сум дека е многу долга) листа со посакувани книги, можеби и меѓу овие книги ќе си најдете некој наслов кој ќе ве привлече.

Во продолжение погледнете ја листата:
„Лет над кукавичјото гнездо“ – Кен Кесеј

Оцена: 4.5
Осврт: Оваа книга е вистински модерен класик, а стана уште попопуларна благодарејќи на истоимената екранизација во која Џек Николсон ја игра улогата на „бунтовникот“ МекМарфи.
Оваа книга ќе направи да ве лазат морници. Самиот начин на кој е напишана и на кој ни ги објаснува условите во психијатриската болница во која е сместено дејството на книгата е навистина морничав.
Она што ја прави книгата уште помоќна и поефективна е тоа што е раскажана во прво лице, односно наратор е Поглавицата Бромден, Индијанец кој со години е затворен во таа институција и за кого сите мислат дека е глув и нем. Преку него ги доживуваме сите случки и настани, но истовремено ги доживуваме и неговите мисли и чувства околу сите работи кои се случуваат.
Сите се плашат од главната сестра, која е строга, лоша и која тврди дека тоа е за доброто на пациентите. На одреден начин таа е и владетелка на болницата и никој не смее да ѝ пререче. Но, сето ова се менува кога во болницата ќе стигне МекМарфи, измамник кој мислејќи дека ќе се извлече од принудна работа на фарма, доаѓа во болницата. Но, тој не може да ги прифати воспоставените норми и започнува бунт во болницата и истовремено започнува „војна“ со главната сестра.
Кој ќе победи? Ќе мора да прочитате за да дознаете. Во секој случај – ОДЛИЧНА книга, навистина се чувствував како да сум присутна и како можам да видам сѐ што се случува во тоа „кукавјичко гнездо“. Инаку, самиот наслов на книгата доаѓа од стара народна песна за деца.
ИЗДАВАЧКА КУЌА: „PENGUIN” (Можете да ја најдете во ИКОНА и во АКАДЕМСКА КНИГА)
„Галебот Џонатан Ливингстон“ – Ричард Бах

Оцена: 3.5/5
Осврт: Оваа е една од книгите кои ги паметам уште од детството, па кога ја видов оваа книга на полиците во книжарницата „ТРИ“, едноставно не можев да и оддолеам. Галебот Џонатан Ливингстон и неговата борба да достигне нови височини и да лета повисоко и подобро, а воедно да ги подучи и другите галеби да го прават тоа.
Книгата е интересна и има убави мисли кои соодветствуваат на денешното општество, мојата оцена е пониска поради тоа што малку ме потсеќаше на некои од книгите за само-помош, а јас не сум баш најголем обожавател на тој жанр.
Но, ви ја препорачувам пред сѐ за да се вратите во детството и да добиете едно убаво чувство и да се наполните со позитивна енергија. Верувам дека ќе уживате во книгата, ќе добиете позитивна енергија и мисли и воедно ќе се потсетите на детството.
ИЗДАВАЧКА КУЌА: ТРИ
„Изгубената девојка“ – Кетрин Крофт

Оцена: 4.5/5
Осврт: Доколку сте љубители на трилери, оваа книга е одлична за вас. Јас уживав во секоја страна и оваа книга беше токму она што ми требаше за да се отргнам од хаосот на секојдневието. Стилот на пишување едноставно ве тера што побргу да ги вртите страниците (во добра смисла, секако :D).
Симона и Мет стануваат родители и се прилично млади, па почнуваат полека да се навикнуваат на таа улога. Но, за жал, не успеваат во тоа, затоа што некој ја киднапира нивната ќерка и никој никогаш не успева да ја најде. Тие со години живеат со болка и тага и токму тогаш, 18 години по киднапирањето се појавува една девојка по име Грејс, која тврди дека е нивната ќерка Хелена. Се разбира, за да биде сѐ уште позаплеткано, Грејс тврди дека убила човек, иако телото го нема. Симона решава да ја открие вистината, но тогаш и Грејс исчезнува и таа е принудена самата да трага по вистината, со помош на нејзиниот колега.
Книгата има неверојатни заплети и пресврти и уживав додека ја читав! Топла препорака!
ИЗДАВАЧКА КУЌА: ТОПЕР
„Кон светилникот“ – Вирџинија Вулф

Оцена: 4/5
Осврт: Изминативе неколку месеци навистина ми тргна со Вирџинија Вулф. И со секоја прочитана страна и дело, сѐ повеќе ѝ се восхитувам за нејзиниот стил на пишување и на нејзиниот талент. Начинот на којшто навлегува во мислите на своите ликови, а воедно магично успева да направи да се чувствувате како вие да сте тие ликови и вие да ги размислувате тие мисли е навистина ненадминлив.
„Кон светилникот“ е навистина оригинално дело и според приказната и според тоа како е напишана. Книгата е поделена на три делови. Првиот и последниот дел се случуваат во текот на еден ден, а вториот дел се случува за време на годините околу Првата светска војна.
Оваа книга нема традиционален заплет, едноставно започнува со тоа што нѐ воведува во еден ден од животот на семејството Ремзи и неколку нивни пријатели. Дали ќе се оди до светилникот или нема? Ќе биде ли добро времето или не? Ова се навидум главните прашања, но под нив се кријат различни мисли и чувства на главните ликови и вие се чувствувате како дел од таа екипа. Она што ја прави оваа книга уште поинтересна е што третиот дел исто така се случува во еден ден и повторно се планира екскурзија до светилникот, но речиси сѐ е променето како што можеме да заклучиме од вториот дел.
ИЗДАВАЧКА КУЌА: АРС СТУДИО
