Која била „Дамата со камелии“?

Можеби името Мари Дуплеси не ви звучи познато, но сигурно имате слушнато за нејзината приказна.

Засекогаш отпеана во „Травијата“ и зачувана од заборавот преку ликот на куртизаната Маргерит Готје во книгата „Дамата со камелии“ на писателот Александар Дима. Романот е пренесен и на филмското платно со Грета Гарбо во главната улога, а публиката ширум светот плачеше гледајќи ја трагичната приказна на Маргерит.

dumas-duplessis

Но, која била жената која поттикнала таква инспирација?

Мари Дуплеси е родена на 15 јануари 1824 година во Нормандија, Франција како Алфонсин Роз Плеси, а детството и било далеку од идеално. Нејзиниот татко бил суров човек кој брутално ја тепал својата жена сѐ додека таа не решила да го напушти. За жал, таа починала кога Алфонсин имала само шест години. Нејзината постара сестра живеела со нивниот вујко, а Алфонсин отишла да живее и работи на фармата на братучедот на мајка ѝ. Биографот Роман Вјан тврдел дека работниците на фармата почнале да ја злоставуваат кога имала 11 години.

По некое време ја вратиле кај нејзиниот татко кој ја вработил како чистачка. Работата била тешка и не носела пари. Наскоро и татко ѝ ја напуштил, а има шпекулации и дека ја продал на некој стар неоженет човек. По неколку седмици побегнала и се вработила како слугинка, но татко ѝ ја пронашол и ја натерал да се пресели кај него.

Имала 15 години кога татко ѝ ја оставил кај некој роднина во Париз и тогаш почнала да работи во шивачки салон. Таа била многу убава девојка со ситна градба и волшебна насмевка. По само една година станала свесна дека мажите се подготвени да ѝ даваат пари во замена за нејзиното друштво, како приватно, така и на разни општествени случувања. Па така таа станала куртизана, научила да чита и пишува и почнала да се информира за сѐ што се случува во светот за да може да разговара за тоа кога ќе биде помеѓу луѓе. Го променила името во Мари, а на своето презиме му додала лажно аристократско „Ду“ и така станала Мари Дуплеси, најбараната куртизана во историјата.

marie-duplessis

Трошела повеќе од 200.000 златни франци годишно, ручала во најелитните париски ресторани, се возела во елегантна сина кочија, а сѐ тоа го финансирале нејзините богати љубовници кои таа самата ги бирала. Од своите обожаватели барала да ѝ носат исклучиво камелии, затоа што од мирисот од другите цвеќиња ѝ се вртело во главата. Кога одела на театар, со себе секогаш носела букет од камелии.

На листата љубовници се нашол и еден човек кој немал пари за да го поддржува нејзиниот луксузен живот, но тоа бил човек на кој таа не можела да му оддолее. Тоа бил Александар Дима, кој успеал да ѝ го освои срцето. Тој се мачел да стане познат писател како неговиот татко. Тие цела година ја негувале својата љубов, а тој правел сѐ што можел за ѝ овозможи сѐ што ќе посака. Ги потрошил и тие малку средства кои ги имал, а потоа почнал и да се коцка, да позајмува пари од други и полудувал од љубомора секојпат кога ќе помислел на нејзините љубовници.

Во тој период Мари се разболела од туберколоза и ги пробувала сите лекови кои во тоа време биле достапни. Дима успеал да ја наговори да се откаже од нејзиниот начин на живот и да отиде со него да живее на село, но нивната среќа не траела долго: набргу ѝ се здосадило и се вратила во Париз. Дима ѝ напишал писмо во кое, меѓу останатите работи, го пишувало и следното:

„Јас не сум ниту доволно богат за да те сакам онака како што сакам, ниту сум доволно сиромашен за ти да ме сакаш онака како што би сакала.“

dame-aux-camelias

Мари никогаш не му одговорила на писмото. Таа била премногу болна и зафатена, а истовремено се запознала со нејзината втора голема љубов, познатиот композитор Франц Лист. И покрај тоа што таа искрено го сакала, тој ја избрал кариерата наместо неа. Патувал низ цела Европа и станал многу славен и никогаш повторно не ја видел Мари.

Таа се омажила само еднаш, за францускиот гроф Едуар Д’Перего, но тој брак траел многу кратко.

Умрела на 3 февруари 1847 година, на 23 години. Умрела од туберколоза, а во последните моменти со неа биле нејзиниот сопруг и бившиот љубовник, германскиот гроф Густав Ерн вон Стакелберг. Зад себе оставила многу долгови и поради тоа сите нејзини лични предмети биле продадени за само неколку седмици по смртта. Погребана е на гробиштата на Монмартр, а се зборува дека на погребот присуствувале неколку стотина луѓе.

Дима бил скршен од болка и по година дена од нејзината смрт го објавил романот „Дамата со камелии“, во кој тој е Арманд, а Мари е Маргерит. Тој според делото создал и претстава која била инспирација за „Травијата“ на Џузепе Верди.

569_50_49_13__16__5_2012d0b4d0b0d182d0b020d181d0be20d0bad0b0d0bcd0b5d0bbd0b8d0b8

Освен филмот „Дамата со камелии“ во која главната улога ја толкува Грета Гарбо, Мари оживеала на филмското платно и преку филмот „Мулен Руж“, преку улогата која ја игра Никол Кидман.

Leave a comment