Пројде уште еден месец, уште еден месец исполнет со читање и прекрасни книги. Традиционално, како и на секој почеток од месецот, ви ја претставувам мојата листа со прочитани книги за изминатиот месец и моите коментари кои можеби ќе ве поттикнат да прочитате некоја од нив.

„Љубовта трае три години“ – Фредерик Бегбеде

Оцена: 5/5
Осврт: Фантастична книга! Насловот е малку циничен, па кога почнав да ја читам, веќе имав замислено некаква претстава за книгата, но книгата ми ги надмина очекувањата! Приказната е раскажана во прво лице и нараторот ни ја доловува неговата филозофија дека љубовта трае три години. Поаѓајќи од сопственото искуство со неговиот прв брак, тој тврдоглаво ја брани тезата дека љубовта трае три години.
Книгата е полна со интелигентен хумор, саркастични забелешки, но во неа има и мудрост и длабочина. Освен тоа, се работи за кратка книга која ќе ја прочитате за многу кратко време. Топла препорака!
ИЗДАВАЧКА КУЌА: ТРИ
„Екстремно гласно и неверојатно блиску“ – Џонатан Сафран Соер

Оцена: 2/5
Осврт: Оваа книга беше одлично пречекана од критичарите и набргу стана бестселер. Оваа книга се врти околу настаните од 11 септември, по терористичките напади на Светскиот трговски центар. Оскар е 9-годишно момче кое се справува со загубата на татко му, кој загинал токму за време на нападите. Тој наоѓа мистериозен клуч кој му припаѓа на некој човек кој се презива Блек и тој решава да тргне во потрага со тоа што ќе тропне на вратата на секој човек што се презива така. Освен тоа, паралелно читаме и за уште една приказна која датира од Втората светска војна и која длабоко укажува на разорното дејство на војната.
Имаше делови од оваа книга кои многу ми се допаднаа, имаше делови кои едвај ги поминав, но во секој случај, треба да му дадете шанса на овој бестселер кој воодушеви милиони читатели ширум светот.
ИЗДАВАЧКА КУЌА: АРС ЛАМИНА
„Портрет на уметникот како млад човек“ – Џемјс Џојс

Оцена: 3.5/5
Осврт: Џејмс Џојс има неверојатен стил на пишување и затоа е еден од најпочитуваните писатели во историјата кој со своите дела има оставено неверојатна трага. Преку прикажувањето на детството и раната младост на својот протагонист Стивен Дедалус, Џојс всушност ни го прикажува сопствениот портрет од младоста.
Оваа книга ни ја прикажува умствена состојба на младиот Стивен кој се бори со сите импулси кои му се јавуваат додека расте, особено поврзани со неговото сексуално созревање. За да избега од тие „неморални копнежи“, тој решава да се сврти кон религијата, мислејќи дека така ќе се прочисти себеси. Но, дали ќе успее во тоа?
ИЗДАВАЧКА КУЌА: КОНГРЕСЕН СЕРВИСЕН ЦЕНТАР
„Сега е најдолгото никогаш“ – Јосип Коцев

Оцена: 5/5
Осврт: Јосип Коцев се појави на македонската книжевна сцена и набргу стекна свои обожаватели и тоа со право. Тој е еден од најдобрите македонски поети, кој со своите стихови допира до секој што ги чита неговите стихови, дури и да не е обожавател на поезија. Има нешто едноставно, а сепак длабоко во неговите стихови, нешто што прави да се поврзете во тие стихови, да се пронајдете себеси или некоја ваша ситуација.
Оној што ги чита неговите песни интуитивно ја препознава искреноста во стиховите, нема преправање, нема маски, едноставно стихови кои одразуваат делчиња од душата на Јосип Коцев, но истовремено прават и читателот да пронајде делчиња од својата душа во нив. Топла препорака! Ќе ја прочитате за миг, а истовремено ќе уживате!
ИЗДАВАЧКА КУЌА: АНТОЛОГ
„Глувци и луѓе“ – Џон Штајнбек

Оцена: 5/5
Осврт: Џон Штајнбек ми е еден од омилените писатели. Откако ја прочитав „Источно од рајот“, тој доби посебно место во моето читателско срце. Долго време се подготвував да го читам овој краток роман и конечно во мај му дојде редот. И сега се каам што сум чекала толку долго!
Се работи за книга со помалку од 100 страници, сосема различно од 600+ страници колкушто има „Источно од рајот“. Но, „Глувци и луѓе“ е најдобар доказ дека кога нешто имате да кажете, кога имате моќна порака и приказна, страните се сосема неважни!
Оваа книга ќе ве поведе на еден ролеркостер од чувства, нема шанси да останете рамнодушни на приказната за Џорџ и Лени, двајца фармерски работници кои лутаат низ државата работејќи на фарми, надевајќи се дека еден ден ќе заработат доволно за да имаат свој имот и куќа. Џорџ е снаодлив, паметен и знае како да заработи, а Лени е висок, одличен работник, но има пречки во развојот, па затоа Џорџ прави сѐ што може за да го заштити. И тогаш тие доаѓаат на една фарма и тука приказната започнува да се развива.
Каква прекрасна книга. Ова е од оние книги кои сакате да траат и траат и траат. Одамна не сум прочитала толку прекрасна книга!
ИЗДАВАЧКА КУЌА: МАГОР
