На денешен ден, во 1905 година, се родил Жан-Пол Сартр, еден од најпознатите филозофи на сите времиња. За него може да се зборува и пишува на долго и широко, бидејќи се работи за извонредна личност, човек кој цел живот стоел зад своите принципи. Во 1964 година ја добива Нобеловата награда за книжевност, но тој е еден од ретките луѓе кои ја одбиле оваа чест. По тој повод, тој изјавил: „Писателот мора да одбие и не смее да си дозволи да биде преобразен во институција, дури и ако таа е во најчесна форма.“

Тој и Албер Ками биле добри пријатели во еден период од своите животи, особено кога почнале да се пробиваат на книжевната и интелектуалната сцена во Париз, но разликата во нивните идеологии и уверувања направила тие двајца да се одалечат и да станат еден вид ривали. Наскоро на блогот ќе го опишам и целиот овој процес за едно од најголемите ривалства во книжевноста.
Жан-Пол Сартр и Симон де Бовоар се едни од најпознатите интелектуалци кои го посетиле Скопје, во 1956 година. По катастрофалниот земјотрес во Скопје, Сартр ги има кажано овие зборови: „Скопје не е филм, не е трилер во кој го погодуваме главниот настан. Скопје е концентрација на борбата на човекот за слобода со резултат кој инспирира понатамошна борба и неприфаќање на пораз.“

Во чест на неговиот датум на раѓање, денес на блогот одвоив неколку од моите омилени мисли од него:
„Можеби имало поубави времиња, но ова е нашето време.“
„Ти си твојот живот и ништо повеќе.“
„Сѐ е откриено, освен тоа како да се живее.“
„Се чини дека сѐ што знам за мојот живот, го имам научено од книгите.“
„Животот започнува од другата страна на очајот.“
„Зборовите се наполнети пиштоли.“

„Како и сите сонувачи, јас го мешам разочарувањето со вистината.“
„Човекот не може да направи ништо сѐ додека не сфати дека тој не може да смета на никој освен на себеси; дека тој е сам, напуштен на земјата среде неговите бескрајни одговорности, без помош и без никаква цел освен онаа која тој самиот ја поставува и без ниту една друга судбина освен онаа која самиот си ја создава на земјата.“
„Во љубовта, еден плус еден е еднакво на еден.“
„Мазни и насмеани лица насекаде, но тие имаат урнатини во нивните очи.“
„Пекол – тоа се другите луѓе.“
„Ако си осамен кога си сам – тоа значи дека си во лошо друштво.“
„Дали мислиш дека ги бројам деновите? Има само уште еден ден: ни го даваат во зорите и ни го одземаат кога паѓа самрак.“
„Слобода е она што го правиме со тоа што ни е направено.“
„Подобро е да умреш на нозе отколку да живееш на колена.“
„Ние сме нашите избори.“
„Јас сум сам среде овие среќни и разумни гласови. Сите овие суштества го трошат своето време објаснувајќи се, среќно сфаќајќи дека сите се согласуваат. Господе, зошто е толку важно сите да ја мислат истата работа за сите работи?“
„Навистина има многу обврски за да почнеш да сакаш некого. Мора да имаш енергија, дарежливост, слепило. Има момент на самиот почеток кога мораш да прерипнеш бездна: ако мислиш на тоа, нема да го направиш.“
