Веќе е добро познато дека Нетфликс обожава да прави екранизации на познати книги, без оглед на тоа дали се работи за бестселери или класици. Деновиве беше споделена информацијата дека Нетфликс подготвува екранизација на романот „Деца на полноќта“ на Салман Ружди, книга која се смета за неговиот magnum opus, иако „Сатански стихови“ беше неговата најконтроверзна книга.

Нетфликс и Ружди ја потврдија информацијата дека соработката ќе се случи на обострано задоволство. Ерик Баркмак, потпретседател на меѓународниот огранок на Нетфликс задолжен за оригинални остварувања и продукција вели: „„Полноќни деца“ е еден од големите романи на светот и неговите теми и денес сѐ уште се релевантни во Индија. Наративот продолжува да ја фасцинира публиката и по декади откако е првпат објавена. Ние сме навистина многу возбудени што имаме можност да го пренесеме ова пионерско дело на екраните, дело кое го прикажува раѓањето на модерна Индија, и да го доближиме до поширока публика. Богатото искуство и талент на индијските креатори помешани со глобалниот опсег на Нетфликс создаваат можност за милиони луѓе ширум светот одново да ја откријат оваа приказна.“

Од друга страна, Ружди изјави: „Јас сум апсолутно пресреќен што „Полноќни деца“ ќе има свој нов живот на Нетфликс и се радувам што ќе имам можност да работам со нив и да им помогнам да ја изградат серијата.“
„Деца на полноќта“ го следи животот на Салим Синај, кој бил роден точно на полноќ на 15 август 1947 година, во исто време кога Индија ја добила својата независност. Секое негово дејство е одразено и огледано во настаните кои влијаат на државните работи на Индија. Неговото здравје и благосостојба се неверојатно поврзани со оние на неговата држава. Неговиот живот е нераздвоен и понекогаш неодделив од историјата на неговата држава. Можеби најисклучителни се неговите телепатски моќи кои го поврзуваат со уште 1000 други индиски „деца на полноќта“, сите родени во тој час и сите надарени со магични таленти.
Верувам дека и ова ќе биде одлично остварување на Нетфликс!
