Неверојатната приказна на еден млад човек за неговата средба со Ернест Хемингвеј!

Во 1934 година, еден млад човек кој имал амбиција да стане писател, отишол до Флорида за да го запознае својот идол, Ернест Хемингвеј.

Арнолд Самуелсон бил 22-годишен млад човек со авантуристички дух. Тој бил роден во сиромашно семејство, а неговите родители биле норвешки имигранти. Тој го добил своето образование по новинарство на Универзитетот во Минесота, но одбил да плати 5 долари за дипломата. Откако завршил факултет сакал да патува низ државата, па едноставно ја спакувал виолината и нешто облека и тргнал кон Калифорнија, а во процесот продал неколку свои приказни на едно неделно списание.

hemingway_marlin
(Арнолд Самуелсон (лево) со Ернест Хемингвеј и неговите пријатели)

Во април 1934 година, Самуелсон се вратил во Минесота и тогаш прочитал расказ од Хемингвеј во списанието „Космополитен“, кој се викал „Еден пат преку…“ Оваа кратка приказна подоцна станала дел од четвртиот роман на Хемингвеј, „Да имаш и да немаш“. Самуелсон бил толку импресиониран од расказот што одлучил да пропатува 2000 милји за да го запознае Хемингвеј и да го праша за совет. Подоцна Самуелсон напишал: „Делуваше како будалеста  работа, но еден 22-годишен скитник за време на Големата депресија не мораше да има некаква причина за тоа што го направи.“

И така, во времето кога повеќето скитници патувале кон северот, Самуелсон се упатил на југ. Со автостоп патувал до Флорида, а потоа се качил на товарен воз до Ки Вест. Тој бил качен на кровот на вагонот и не ни можел да ги види железничките пруги под него, а околу него гледал само вода, додека возот го напуштал копното. Тој напишал: „Возот се упати кон југ преку долгите мостови. Сега не би можело да се случи тоа бидејќи пругите се отстранети, но тогаш се случи, речиси како во сон.“

Кога Самуелсон стигнал во Ки Вест, открил дека таму работите биле многу лоши. Повеќето фабрики за цигари биле затворени, а и риболовот одел слабо. Ноќта кога пристигнал спиел на едно од пристаништата, а торбата му служела како перница. Ветерот од океанот ги бркал комарците. По неколку часа, некој полицаец го разбудил и му понудил да спие во ќелијата во градскиот затвор. Откако ја поминал неговата прва ноќ во ќелијата полна со комарци, тој тргнал да го бара најпознатиот жител на тоа место.

hem-home-002
(Домот на Хемингвеј во Ки Вест)

„Кога тропнав на вратата на Ернест Хемингвеј во Ки Вест, тој излезе и стоеше исправено пред мене, изнервирано мижуркаше со очите и чекаше да кажам нешто. Јас немав што да му кажам. Не можеше да ми текне на ниту еден збор од говорот кој го планирав. Тој беше голем човек, висок, со тесни колкови и широки рамена и стоеше пред мене со раширени нозе, а неговите раце висеа слободно покрај неговото тело. Малку беше навален нанапред, пренесувајќи ја тежината на неговите ножни прсти, како да имаше заземено инстинктивна поза на тепач кој е подготвен да зададе удар.“

„Што сакаш?“, рекол Хемингвеј. По еден непријатен миг, Самуелсен објаснил дека тој дошол од Минеаполис само за да го види. „Ја прочитав твојата приказна „Еден пат преку…“ во „Космполитан“. Многу ми се допадна и дојдов тука за да разговарам со тебе.” Тогаш Хемингвеј се опуштил. „Зошто по ѓаволите не кажа дека ти се прави муабет? Јас мислев дека сакаш да спиеш тука.“ Хемингвеј му рекол дека е зафатен, но го поканил да дојде следниот ден во 13:30.

Откако преспал уште една вечер во затвор, Самуелсон се вратил и го нашол Хемингвеј како седи под сенка во дворот, носејќи кафени пантолони и влечки за по дома. Тој држел чаша виски и читал „Њујорк Тајмс“. Двајца почнале да разговараат. Седејќи во дворот, Самуелсон почувствувал дека Хемингвеј го држи на растојание. „Седиш во неговиот дом, но не баш внатре во него. Се чувствував како да разговарам со некого на улица.“ Почнале да зборуваат за расказот во „Космополитан“ и Самуелсон ги спомнал неговите неуспешни обиди за пишување. Хемингвеј му дал совет.

ernest-hemingway

„„Најважната работа која ја научив за пишувањето е никогаш да не пишувам премногу одеднаш“, рече Хемингвеј и ме поттупна по раката со прстот. „Никогаш не се исцедувај себеси. Остави нешто и за следниот ден. Главната работа е да знаеш кога да престанеш. Не чекај додека се истрошиш себеси. Кога уште ти оди добро и стигнуваш до интересно место и веќе знаеш што ќе се случи следно, тогаш е времето да запреш. Остави го тоа што си го напишал и немој да мислиш на тоа. Дозволи твојата потсвест да работи малку. Следното утро, откако добро ќе се наспиеш и ќе се чувствуваш свежо, одново напиши го тоа што си го напишал претходниот ден. Кога ќе стигнеш до интересното место и знаеш што ќе се случи следно, продолжи оттаму и сопри на некоја следна точка на интерес. На тој начин кога ќе завршиш, твоето дело е полно со интересни места и кога пишуваш роман не можеш да заглавиш и го правиш интересен во текот на процесот.“

Хемингвеј му рекол на Самуелсон да ги избегнува модерните писатели и да се натпреварува само со оние коишто веќе се мртви и чии дела го поминале тестот на времето. „Кога ќе почнеш да ги поминуваш, знаеш дека ти оди добро.“ Го прашал Самуелсон кои му се омилени писатели. Самуелсон рекол дека уживал во „Киднапиран“ на Роберт Луис Стивенсон и “Валден“ на Хенри Дејвид Торо. Тогаш Хемингвеј го прашал: „Си ја читал некогаш „Војна и мир“?“ Самуелсон му рекол дека ја нема прочитано. Хемингвеј рекол: „Тоа е проклето добра книга. Треба да ја прочиташ. Ќе отидеме до мојата работилница и ќе ти направам листа за читање.“

hemingway-reading-list
(Листа која Хемингвеј ја составил за Самуелсон)

„Неговата работилница беше над гаражата во задниот дел од куќата. Го следев по едни скали кои водеа до неа, коцкеста соба со плочки и затворени прозорци на три делови од собата и долги полици со книги од под прозорците сѐ до подот. Во еден агол имаше голема стара маса која се гледаше дека е антиквитет и имаше ист таков стол со висок наслон. Е.Х. ја зема столицата и седнавме еден спроти друг на бирото. Тој најде пенкало и почна да пишува на еден лист хартија и за време на тишината ми беше непријатно. Сфатив дека му одземам дел од времето и посакував да можам да го забавувам со моите скитнички приказни, но претпоставував дека ќе му бидат досадни, па затоа продолжив да молчам. Јас бев таму да земам сѐ што тој ќе ми даде,  а немав ништо да му дадам.“

Хемингвеј составил листа од два кратки раскази и 14 книги и му ја дал на Самуелсон. Еве како изгледала листата:

„Синиот хотел“ – Стивен Крејн
„Отворениот брод“ – Стивен Крејн
„Госпоѓа Бовари“ – Гистав Флобер
„Даблинците“ – Џејмс Џојс
„Црвено и црно“ – Стендал
„За човековото врзување“ – Сомерсет Мом
„Ана Каренина“ – Лав Толстој
„Војна и мир“ – Лав Толстој
„Буденброкови“ – Томас Ман
„Поздрав и збогување“ – Џорџ Мур
„Браќата Карамазови“ – Фјодор Достоевски
„Оксфордската книга за англиската проза“
„Огромната соба“ – Е.Е.Камингс
„Оркански височини“ – Емили Бронте
„Далеку и одамна“ – В.Х.Хадсон
„Американецот“ – Хенри Џејмс

Хемингвеј посегнал кон својата полица и извадил збирка раскази од Стивен Крејн и му ги дал на Самуелсон. Тој му дал и еден примерок од неговиот роман „Збогум на оружјето“ и му рекол: „Се надевам дека ќе ми ја вратиш назад кога ќе завршиш со неа. Ова е единствениот примерок од ова издание кое јас го поседувам.“ Самуелсон со благодарност ги земал книгите и ги понел со себе во ќелијата за да ги чита. Подоцна напишал: „Не сакав да останам уште долго во ќелијата, па следното попладне ја завршив „Збогум на оружјето“ и имав намера да го фатам првиот товарен воз за Мајами. Во 13 часот, ги однесов книгите во куќата на Хемингвеј.“ Кога стигнал таму, се стаписал од она што Хемингвеј му го кажал.

ernest-hemingway1-e1521744759683

„Тој замислено ми кажа: „Сакам да зборувам со тебе. Ајде да седнеме. Откако си отиде вчера, размислував дека ми треба човек што ќе спие на мојот брод. Што планираш следно?“

„Немам планови.“

„Имам еден брод кој ќе биде истоварен од Њујорк. Ќе треба во вторник да одам до Мајами и да го средам, а потоа ќе треба да имам некој на палуба, некој кој ќе го го чува. Нема да има многу работа. Ако ја сакаш работата, треба само наутро да го чистиш, а сепак ќе имаш време и за пишување.“

На ова Самуелсон одговорил: „Тоа би било прекрасно.“ И така започнала едногодишната авантура на Самуелсон како помошник на Хемингвеј. За еден долар дневно, Самуелсон спиел на бродот „Пилар“ и го одржувал во добра состојба. Секогаш кога Хемингвеј ќе посакал да оди на риболов или да плови со бродот до Куба, Самуелсон одел со него. Тој пишувал за своето искуство и така го објавил својот мемоар „Со Хемингвеј: Една година во Ки Вест и Куба“ (Оттаму се и извадоците во текстот). За период од една година, Самуелсон и Хемингвеј долго зборувале за пишувањето. Хемингвеј дури и го опишал ова искуство во една статија од 1934 година, под насловот: „Монолог до Маестрото: Писмо од немирните води“ (Тука можете да ја прочитате целата статија).

Кога се договориле околу деталите, Хемингвеј го префрлил младиот човек до затворот за да си ги собере виолината и личните работи. Самуелсон го помни чувството на победа кога се вратил со познатиот писател за да си ги собере работите. „Полицајците во затворот не реагираа никако на фактот дека ќе се преселам од нивната одаја во домот на Ернест Хемингвеј. Тие го видоа неговиот автомобил како ме чека. Ме видоа како излегувам од него. Дури и го видоа Ернест зад воланот како чека и не проговорија ниту еден збор.“

Извор.

 

 

 

 

 

Leave a comment