Познати женски пријателства во книжевноста!

Сите знаат за тоа дека Ф. Скот Фицџералд знаел да испие по некоја пијачка со Ернест Хемингвеј. Но, со жените кои се занимаваат со пишување отсекогаш се поврзувал митот за изолација.

Па така Џејн Остин е прикажана како скромна осаменичка, Шарлот Бронте како заробеничка во својата парохиска куќа, Џорџ Елиот како повлечена интелектуалка, а Вирџинија Вулф како меланхолична боемка.

Емили Мидорикава и Ема Клер Свини решиле да ги разбијат тие митови преку книгата „Тајното сестринство: Скриените пријателства на Остин, Бронте, Елиот и Вулф. Во оваа книга, Емили и Ема откриваат кои биле пријателките на славните писателки и како изгледало нивното пријателство.

Џејн Остин и Ен Шарп

austen1-hvqhfzbutvaqrjun4pe3ow(Џејн Остин)

Пред точно два века, ожалостената Касандра Остин (откако починала Џејн Остин, м.з) ѝ напишала порака на Ен Шарп, драга пријателка на нејзината сестра. Џејн Остин ги сакала тие две паметни жени и тие ја сакале неа на различен начин и го поддржувале нејзиното творештво. Но, помеѓу сестрата на Џејн и блиската пријателка дошло до подлабок конфликт.

Касандра не можела да се воздржи од тоа да ѝ каже на Ен дека таа била многу поблиска со Џејн. Признала дека нејзината пријателка не била тотално несвесна за заслугите на Џејн, но инсистирала на тоа дека никој друг не можел да ја процени како таа што можела.

Да биде работата уште полоша, Касандра го изјавила и следното: „Многу сум помирна отколку што вие со вашите огнени чувства би можеле да претпоставите.“ Таквата жестока посесивност над поседувањето на споменот на Џејн на некој начин го објаснува и тоа зошто пријателството меѓу Џејн и Ен не е толку познато.

letter-from-cassandra-to-anne-2
(едно од писмата помеѓу Касандра Остин и Ен Шарп, по смртта на Џејн)

Ен била од пониска класа со која семејството Остин не сакала да се поврзува. Таа всупност била аматерка-драматург која се вработила како гувернанта на Фани, внуката на Џејн. Ова пријателство го отфрлува митот дека Џејн се дружела само со припадници од повисоката класа.

Хартии длабоко скриени во архивите на библиотеките, сѐ уште шепотат за оваа гувернанта и нејзината поврзаност со Џејн. Фани од својата 10-та година пишувала писма кои подоцна се претвориле во дневник. Три необјавени писма и џебни нотеси се пренесувале од генерација на генерација и тоа без воопшто да се оштетат и тие ја објаснуваат големата блискост меѓу тетката на Фани и нејзината гувернанта.

Ен го привлекла вниманието на Џејн со својата интелигенција, остроумност и независен дух кој излегувал на површина помеѓу предавањата на Фани. Поради тоа што подучувањето на внуката на Џејн било полно работно време, Ен можеби и не можела професионално да се занимава со пишување, но затоа смислувала драми кои нејзините ученици ги изведувале. И самата Џејн глумела учителка во една од куќните претстави додека Ен презела неколку машки улоги. (Можеби и оттука инспирацијата за некои сцени од „Менсфилд парк“, м.з)

Двете пријателки можеби имале различна општествена положба, но на самиот почеток од нивното пријателство, заедно го делеле статусот на писателки-аматерки. Меѓутоа, тоа се променило во 1811 година, кога Џејн конечно го дочекала објавувањето на нејзината прва книга. Со тоа се остварил и нејзиниот најголем сон, професионално да се занимава со пишување.

Во текот на следните години, Џејн доживувала сѐ поголем успех, а истовремено, долгите работни часови, секојдневниот живот и работата како гувернанта ја спречувале Ен да започне кариера како писателка.

Сепак Ен била пресреќна за својата пријателка и Џејн ги ценела нејзините критички способности, а тоа го покажала кога одбрала да ѝ прати еден од своите скапоцени примероци од „Ема“. Искреноста со која Ен ѝ одговорила на молбата на Џејн да ѝ даде критика покажува колку овие пријателки си верувале една на друга.

Ен ја оценила „Ема“ некаде помеѓу „Гордост и предрасуди“ и „Менсфилд парк“, признавајќи дека Џејн Ферфакс, ликот кој се плаши од иднината како гувернанта, не е баш уверлива. Тоа е критика која многу зборува, имајќи предвид дека Ен била во таква позиција и можела да зборува од таа гледна точка.

Шарлот Бронте и Мери Тејлор

charlotte-bronte-171073040x-56aa26733df78cf772ac8c07
(Шарлот Бронте)

За разлика од Џејн Остин, Шарлот Бронте е позната како една од групата на книжевни жени. Но, прифатената слика на Шарлот како посветена сестра на Ен и Емили Бронте ги засенила другите пријателства кои ги негувала надвор од својот дом. Едно од најсилните пријателства кои ги склопила било со радикалната Мери Тејлор која немала влакна на јазик и која и самата ја објавила својата прва книга во нејзините 70-ти години.

Шарлот и Мери се запознале во 1831 година во училиштето „Рое Хед“ во Јокшир. Почетокот бил трновит: Мери била многу убава девојка и отворено ѝ кажала на Шарлот дека била „многу грда“. Тоа била рана која никогаш во потполност не била исцелена.

Но, отвореното мислење на Мери имало и позитивно влијание врз Шарлот и тоа траело навистина долго. Мери потекнувала од напредно семејство и ѝ помогнала на конзервативната Шарлот да го гледа светот со други очи. Шарлот, традиционална ториевка која го идеализирала војводата од Велингтон, открила дека очите ѝ се отвориле во однос на прашањето за ограничената положба на викторијанските жени.

Неколку години по завршување на образованието, Шарлот се вратила во своето училиште за да работи како управителка. Таа работа била толку ограничувачка што таа себе си давала оддишка со пишувањето. Своите ученици ги опишувала како „тврдоглави дечишта“ и ја оплакувала „бедната поврзаност“ која ја трпела како учителка.

mary
(Мери Тејлор)

Мери верувала во тоа дека е важно жените да бидат финансиски независни и ја предизвикувала својата пријателка да пронајде алтернативен начин со кој би заработила пари. Од рана младост, Мери ѝ се восхитувала на Шарлот за нејзината умешност со зборови и еден ден таа ѝ помогнала да пронајде самодоверба за да почне да заработува за живот со своето пишување.

Мери, вечната авантуристка, имала и други предлози. Ја убедила Шарлот да се пресели со неа во Брисел, а таму и двете добиле дополнително образование. Шарлот во Брисел се заљубила во својот учител, оженет маж по име Константин Хејџер. Тоа искуство со забранета љубов го променила нејзиндиот живот и послужило како инспирација за нејзините идни креативни потфати, но истовремено го засенила и влијанието на Мери врз нејзиното творештво.

Исто како што романот „Куќи“ е измислен приказ за нејзиното време во Брисел, книгата „Ширли“ повторно ја замислува нејзината пријателка од детството преку темпераментниот лик Роуз Јорк. Таа книга го носи печатот на Мери на повеќе начини. Тешко е да се замисли дека конзервативната школарка, која првпат се впуштила во политичка дебата со Мери, некогаш би помислила да се справува со таква радикалност, доколку не била изложена со несогласувањата на својата пријателка.

Џорџ Елиот и Хариет Бичер – Стоу

z_p31-longstanding
Хариет Бичер – Стоу (лево) и Џорџ Елиот (десно)

Далеку од лажната слика на затворената заедница на сестрите Бронте заклучени во парохијата на нивниот татко во Јокшир, Џорџ Елиот се помни како почесен „маж“ и на која не ѝ требало некое женско друштво. Џорџ Елиот бил псевдонимот на писателката Мери Ен Еванс.

Сепак на крај излегло дека Елиот ѝ подала рака на пријателство на Хариет Бичер Стоу, уште една славна писателка од тоа време. За нивното пријателство ретко кој пишувал, најчесто сѐ се сведува на некаков пропратен коментар, а нејзините биографи мислеле дека личност возвишена како Елиот не можела да има сестринска поврзаност со авторката на романот „Колибата на чичо Том“, чие творештво и денес се отфрла како премногу сентиментално.

Но, Џорџ Елиот се восхитувала на талентите на Хариет. Таа, всушност била запознаета со творештвото на Хариет уште пред да се запознаат и заклучила дека Американката била писателка која поседува ретка генијалност.

Почнале да се допишуваат во 1869 година. Уште од самиот почеток на нивното допишување постоела топлина и искреност и во нив, Елиот, која сите ја сметале за многу резервирана, ѝ се исповедала за своите периоди на депресија. Темпераментната Хариет, која била осум години постара од Елиот, ѝ понудила совети за тоа како британската писателка уште повеќе да го подобри своето пишување.

Само во една прилика ентузијазмот на Хариет бил преголем залак за нејзината рационална пријателка. Во едно писмо кое никогаш не е објавено во целост, Хариет, која била заинтересирана за спиритуализмот, возбудено опишувала за воспоставување контакт со духот на Шарлот Бронте, писателка која и двете ја ценеле. Тогаш Елиот ѝ одговорила дека „со право или не“, таа приказна ѝ делува како „многу неверојатна“.

Постојат многу информации за нивното пријателство во архивите на музеите и библиотеките, но поради разликите помеѓу овие две пријателки, таа поврзаност не се споменува често во светот на книжевноста.

Вирџинија Вулф и Кетрин Менсфилд 

738_711x400_mansfieldwoolf
Кетрин Менсфилд (лево) и Вирџинија Вулф (десно)

За разлика од претходно споменатите пријателства, поврзаноста помеѓу Вирџинија Вулф и Кетрин Менсфилд е добро позната, но се помни од погрешни причини.

Првиот впечаток на Вирџинија за Кетрин бил прилично остар, „како мачка која тргнала да се шета по улица“. Поради тоа, многу луѓе сметаат дека тие биле огорчени непријателки. Но, во суштина Вирџинија и Кетрин биле драги пријателки, но и ривалки. Си барале мислења една од друга за книгите кои ги купувале, си разменувале подароци од типот на белгиски цигари, векни леб, кафе, итн. Си праќале безброј писма и додека пиеле чај зборувале за своето творештво.

Звучи неверојатно, но тие две биле пријателки и покрај сите работи по кои се разликувале. Кетрин потекнувала од далечните колонии, додека семејството на Вирџинија било цврсто вкоренето меѓу англиската интелигенција. Кетрин своите младешки желби ги прифаќала со боемска радост, додека Вирџинија плашливо ѝ пристапувала на интимноста.

И двете биле хронично болни, имале комплицирани односи со мажите уредници и се чувствувале амбивалентно поради тоа што немале деца. Но, пријателството настанало поради заедничките книжевни потфати.

Во 1917 година, Вирџинија и нејзиниот сопруг основале сопствена издавачка куќа и таа веднаш нарачала приказна од Кетрин. По неколку години, Вирџинија разбирливо била повредена откако ја прочитала критиката која Кетрин ја напишала за нејзиниот втор роман „Ноќ и ден“. Но, тврдењето на Кетрин дека романот не успеал во тоа да ја признае штетата настаната од Првата светска војна, само дополнително ја поттикнало Вирџинија да напише три воени романи кои денес ширум светот се сметаат за нејзини најдобри дела.

Кетрин умрела од туберколоза на 34 години, но и покрај нејзината прерана смрт, нејзиното влијание врз творештвото на Вулф никогаш не престанало. Кога Вирџинија завршила со „Госпоѓа Даловеј“ и „Кон светилникот“, се прашувала што би мислела Кетрин за тие романи. Осум години по нејзината смрт, во 1931 година, Вирџинија изјавила дека починатата писателка ѝ дошла на сон и во него ѝ шепнала зборови за помирување. Пред да се разбуди, Вирџинија за последен пат ѝ подала рака на својата ривалка одговарајќи на раката на пријателство која Кетрин ѝ ја подала од другиот свет.

Но, спомените за пријателството на Вирџинија и Кетрин останале непотполни баш како и многу други поврзаности. И додека пријателствата на мажите кои пишувале биле во центарот на вниманието, оние помеѓу жените биле скриени во сенка.

Извор.

Leave a comment