Чарлс Буковски за цензурата…

Во 1985 година, по една жалба од локален читач, вработените во јавната библиотека во Нијмеген одлучиле од своите полици да ја отстранат книгата „Приказни за секојдневното лудило“ на Чарлс Буковски притоа велејќи дека книгата е „многу садистичка, повремено фашистичка и дискриминаторски настроена кон одредени групи (вклучувајќи и хомосексуалци).“ По неколку недели, Ханс ван ден Брок, локален новинар, му пишал  на Буковски и го прашал за мислење. Наскоро пристигнал неговиот одговор кој можете да го прочитате подолу.

bukowski-site-40

22.07.1985

Драг Ханс ван ден Броек,

Ти благодарам за твоето писмо во коешто ми кажуваш за тоа дека тргнале моја книга од библиотеката во Нијмеген. И дека е обвинета за дискриминација на црнци, хомосексуалци и жени. И дека е садистичка поради тоа што има садизам.

Јас највеќе се плашам од дискриминација на хумор и вистина.

Ако сум напишал нешто лошо за црнци, хомосексуалци или жени, тоа е затоа што јас сум сретнал такви луѓе. Постојат многу лоши работи: лоши кучиња, лоша цензура, дури има и лоши бели мажи. Но, кога пишуваш за нив, тие не се жалат за тоа. И дали баш морам да кажам дека има и добри црнци, добри хомосексуалци и добри жени?

Во мојата работа како писател, јас само со зборови го фотографирам она што го гледам. Ако пишувам за „садизам“, тоа е затоа што тој постои, јас не го измислив и ако во моите дела се случуваат лоши работи, тоа е затоа што такви работи се случуваат во нашите животи. Јас не сум на страната на злото, ако воопшто постои нешто такво. Во моето пишување јас не се сложувам секогаш со она што се случува, ниту пак живеам во калта затоа што уживам во тоа. Исто така, интересно е тоа што луѓето кои се бунат против моите дела, често ги превидуваат деловите во кои пишувам за задоволство, среќа и надеж, а има такви делови.

Моите денови, години и живот имале и подеми и падови, светлини и темнини. Ако пишувам само за „светлината“ и никогаш не го споменам другото, тогаш јас како уметник би бил лажго.

Цензурата е алатка на оние коишто имаат потреба да ги кријат фактите од себеси и од другите. Нивниот страв е само нивна неспособност да се соочат со она што е реално и јас не можам да го истурам мојот гнев врз нив. Можам да чувствувам само неверојатна тага. Некаде при нивното воспитување, тие биле заштитени од фактите на нашето постоење. Тие биле научени само да гледаат на еден начин, а во светот постојат многу различни погледи.

Не сум разочаран што една од моите книги е симната и тргната од полиците на локална библиотека. На одреден начин, јас сум почестен што имам напишано нешто што ги разбудило овие луѓе од нивните и не баш толку длабоки длабочини.

Но, да, повреден сум, кога нечија друга книга е цензурирана, обично се работи за одлична книга и има неколку книги, кои со текот на годините станале класици, кои некогаш биле шокантни и неморални, а денес се задолжително четиво во голем дел од нашите универзитети.

Не велам дека мојата книга е една од тие книги, но велам дека во нашето време, во овој момент кога секој момент може да биде последен за многумина од нас, проклето разочарувачко и неверојатно е тажно што меѓу нас сѐ уште имаме мали, огорчени луѓе, ловци на вештерки и откажувачи од реалноста. Сепак и овие припаѓаат тука заедно со нас и тие се цел од целината и ако не сум пишувал за нив, можеби би требало, еве можеби баш тука и тоа е сосема доволно.

Ајде сите заедно да станеме подобри.

Твој,

Чарлс Буковски

Во продолжение погледнете го оригиналното писмо.

6257133857_14353fe05d_o

 

Leave a comment